“Петтиот чин” – јубилеен за двајца актери

Премиерно во Струмички театар

Во струмичкиот театар “Антон Панов” вечерва премиерно ќе биде изведена претставата “Петтиот чин”, со која актерите Бранко Бенинов и Ванчо Крстевски- Чичо ќе одбележат 35 години од нивната актерска кариера. Претставата е од црногорскиот автор Љубомир Ѓурковиќ, а во режија на Ник Апер (Нико Горшиќ) од Словенија.

Претставата е селектирана и за Фестивалот на камерен театар “Ристо Шишков”. Актерот Бенинов посочува дека токму ова претстава е за двајца актери кои слават свој јубилеј.

“Во претстава сме Мартин и Арсен, но исто како да сме Бранко и Ванчо. Дури и начинот на кој успеавме толку приватно да ја донесеме претставата на сцена, што и самите сме изненадени од многу работи кои си ги кажуваме во претставата. Сметам дека претставата ќе има долг век”, рече Бенинов.
Музиката е на Влатко Стефановски, преводот, сценографијата и костимографијата на Иванка Апостолова, драматугијата е на Загорка Поп Антоска-Андовска.