професор Христо Петрески
ЗА РАСКАЖУВАЊЕТО, ПАТУВАЊЕТО И СОНУВАЊЕТО
Мал есеј за животот, книжевноста, театарот, филмот…
5.
Нема раскази кои не се напишани и запишани.
Има само нови пишувачи и запишувачи, кои не сакаат да признаат дека е тоа така.
Расказите се напишани и запишани единствено кога е тоа направено со својата рака.
Сеедно дали со мастило или крв, со прачка од врба на влажниот песок покрај реката, само со двата прста од двете раце удирајќи врз тастатурата, или преповторувајќи ги новоиспилените реченици додека чекориш самиот низ паркот, а тие ќе ти одлетаат и нема да ти се вратат никогаш, исто како и луѓето, пејзажите и предметите кои ги среќаваш и набљудуваш само еднаш и никогаш повеќе во животот…
Затоа, ако веќе старецот го пронајде патот низ лавиринтот и стигне до највишната пирамида, треба да сонува и да патува повторно и да не се враќа назад, туку задолжително од спротивната страна, каде сé уште никој не ни стапнал, ниту открил и вкусил забранет плод, а детето пак треба да пролжи да ја слуша прекрасната приказна, насладувајќи се во зборовите и пресвртите кои првпат ги слуша, исто како што ќе помисли и поверува дека конечно го пронашол вистинскиот процеп низ бројните карпести лавиринти и се искачил токму на врвот од највишната пирамида, од каде се гледа најдалеку, од каде се слуша најубаво, каде и птиците преселници трајно заспиваат на покривот и никогаш дома нема да се вратат…
Ќе раскажуваат само оние што ќе успеат да ги прелетаат недогледните солени води, или кои ќе ги исфрлат премалени пенливите морски бранови на површината, но и оние кои за тоа веќе следната пролет или есен ќе немаат веќе кому да раскажуваат, освен на самите себеси, додека чекорат боси по изладената песок, загледани кон празното небо и пресреќни кога ќе здогледаат барем уште една џиновска птица, за која не ни сонувале преходно дека е токму Галебот Џонатан Ливингстон…
(Скопје, 16.11.2011 година, 0 часот и 15 минути)