Македонскиот народен театар

 

 Jа почнува новата сезона

Македонскиот народен театар вечер ќе ја почне новата сезона 2018/2019 со премиера на комично-тажната приказна „Еден месец на село“ – меѓу најдобрите дела во опусот на Иван Сергеевич Тургењев, кое првпат се поставува во македонски театар, а е во режија на Паоло Маџели.

Таа е меѓу првите реалистични драми што историјата на литературата ги класифицира во модерен реализам, пред сè поради поместениот фокус на нејзиниот интерес, нарушените односи и дејства, изневерените мотиви, тишината на местото на говорот, но и стихијата на јазикот, привременоста на збиднувањето, заводливоста на паралелните приказни, потиснатите копнежи и прокоцканите шанси.

Драмата, првпат поставена во 1872, раскажува за Наталија, жена на богат земјопоседник, и младата Верочка, кои се вљубуваат во учителот на синот на Наталија. Низ драмата провејува темата за љубовта и нејзините идеали, стремежот за среќа и возбудувања, но и прашањето на кое човекот понекогаш бара одговор – зошто човековата природа е таква што не може вљубеноста и среќата да ги задржи долго во себе.

Ликот на богатиот земјопоседник Аркадиј Сергеич Ислаев ќе го игра Ѓорѓи Јолевски, кој на прес-конференција по повод премиерата рече дека е исклучително комплициран и за него бил голем предизвик да го работи затоа што преминува од комично во трагично, од сцена во сцена целосно се менува.

– Доживува големи трансформации очекувајќи да ја задржи големата љубов кон својата сопруга од пресијата на неговата конвенционална, традиционална и деспотска мајка, раскинат во тоа двојство на исклучително силни и моќни жени и неговата љубов кон пријателот Ракитин, истакна Јолевски. Подготвувајќи се за улогата, рече, и покрај големото актерско искуство, повторно бил ученик и се навратил на методите на Станиславски, а поддршка му биле и се уште необјавените театарски белешки на Владо Цветановски.

Покрај него, во актерската екипа се и: Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Катерина Коцевска (која го направи преводот на текстот), Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.

Режисерот Маџели рече дека значењето на „Еден месец на село“ е во тоа што, заедно со „Војцех“ на Георг Бихнер, е дело што и става крај на романтичарско-натуралистичката визија на светот во литературата и ги поставува темелите на она што денес го препознаваме како експресионизам. Затоа, рече Маџели, тоа се смета за капитално дело на 19 век.

– Драматургијата следи една аритмија во дејството и таа е шизофрено организирана, но на еден убав начин, а тоа да се работи не е едноставно, истакна Маџели во врска со сложената драмска структура на претставата во која има интервенции и од драматургот Жељка Удовичиќ.

За авторот Тургењев, пак, Маџели рече дека се смета за еден од најголемите руски интелектуалци, често нарекуван и „револуционер со перо в рака“, прв руски писател преведен на Запад во огромен тираж. Она што со што го привлекол вниманието е „Приказна на еден ловец“ во кое го демаскирал руското општество, а тоа го „платил“ со домашен притвор од една година.

Токму на тоа мирно место, на еден имот, Тургењев ја напишал „Еден месец на село“. Премиерата се совпаѓа и со одбележувањето 200 години од неговото раѓање на 9 ноември. Сценограф на претставата е Лоренцо Банчи, костимограф – Мануела Паладин. Музиката е на композиторот Љупчо Константинов. Таа се изведува во живо и повеќето актери свират на некој инструмент.

ДЕЦА од утре – 8то издание на ИДТФ „БИТОЛИНО“ Битола

 

Оваа година за прв пат во есенски термин од 01.10.2018 до 03.10.2018 година во Битола ќе се одржи осмото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.

Фестивалот е во организација на „Бабец театар“ од Битола а како проект од програмата на фестивали од национален интерес е поддржан од Министерството за култура на РМ, Општина Битола и Светската асоцијација на детски театри АССИТЕЖ, спонзориран е од нашите верни пријатели Комерцијална банка и финансиски поддржан од: Сокотаб, Јавните претпријатија Стрежево, Водовод, Комуналец и туристичката агенција С-травел од Битола. Медиумски покровител на Фестивалот е ТВ Тера. Логистичка поддршка за фестивалот и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола и Н.У. Народен театар Битола.

Оваа година на фестивалот ќе настапат четири театри од Македонија, Русија, Турција и Франција и театарската школа Бабец. „Бабец театар“ и покрај финансиската криза продолжи да создава театарски претстави кои пред се исполнуваат високи естетски, театарски и професионални критериуми, претстави достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои допираат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат сеќавањата на децата, во периодот помеѓу двете изданија на фестивалот „Бабец театар“ на својата публика им понуди четири премиери, „Јованче и Марика“, „Бременските музиканти“ и го започнавме долго најавуваниот проект „Театар од пелени“ со првите две македонски претстави наменети за деца помали од две години „Патувањето на еден облак“ и „Приказна за тркалото“.

Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа Бабец и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот Бабец театар и Битолино веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Токму затоа ова издание на ИДТФ Битолино кое носи една многу јасна и недвосмислена порака, порака која ќе биде мото на деветтата сезона на „Бабец театар“ – Осмели се да бидеш свој – ќе биде свечено отворено токму со претстава на децата од театарската школа Бабец. Ги покануваме сите љубители на театарот сите деца и сите оние што сеуште сакаат да бидат деца без разлика на возраста да бидат дел од трите фестивалски дена и заедно да го славиме животот и радоста да ги гледаме нашите деца среќни. 01.10.2018 (понеделник) , со почеток во 11:00 часот (Н.У. Центар за култура) „Театар Бабец“ , Битола , Македонија „Приказна за тркалото“ режија: Јулијана Мирчевска Првиот фестивалски ден е посветен на презентација на се она што во изминатата година успеа да го реализира „Бабец театар“ и на наше големо задоволство ќе настапиме со првата македонска монодрама за деца „Приказна за тркалото“, претставата е дел од проектот „Театар од пелени“ наменет за деца помали од 2 години. Автор на претставата „Приказна за тркалото е Ивица Шимич кој во моментот живее и предава драматургија на престижниот универзитет во Хјуан, Кина. Со оваа претстава докажуваме дека театарот за најмалите не само што е возможен туку е и неопходен.Малите деца не разбираат се во целост но со сите сетила ја доживуваат убавата слика и зборовите со кои им раскажуваме за светот кој ги опкружува.На овој начин всадуваме во нив естетски вредности за цел живот а непосредно и подсвесно им помагаме да го разберат светот околу нив.„Приказна за тркалото“ е едукативна претстава во која со помош на рачно изработени реквизити (машини, ветерници, мелници итн) на еден мошне сликовит и забавен начин на децата му го презентираме тркалото со многу филозофски дилеми на упростени на еден детски и наивен начин. Тркалото е форма која преовладува во светот што не опкружува: тоа е насекаде и во се. Се започнува и зависи од тркалото. Фактот дека со пронаоѓањето на тркалото започна и придвижувањето на човештвото за нас постарите е ноторен факт на кој не обрнуваме многу внимание но сепак ни е интересен, а замислете што се случува во детските глави.

01.10.2018 (понеделник) , со почеток во 18:00 часот (Н.У. Народен театар Битола) „Театарска школа Бабец“ , Битола , Македонија „Јас – Македонија“ ментор: Јулијана Мирчевска Честа свечено да го отворат осмото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на децата од Театарската школа Бабец со краткиот перформанс создаден по идеа на Јулијана Мирчевска со наслов „Јас – Македонија“. Во претставата се користени текстови од најпознатите македонски драми и поезија а костимите кои ги носат децата се оригинална македонска народна носија, целта на оваа претстава е преку театар да ги запознаеме генерациите што допрва доаѓаат со историјата на македонската драма и поезија, со традицијата и обичаите на македонскиот народ.Во претставата настапуваат 23 деца членови на театарската школа Бабец.

02.10.2018 (вторник) , со почеток во 11:00 часот (Н.У. Народен театар Битола) “ La BaZooka“ – Авр, ФРАНЦИЈА „Перничеграфија“ режија: Етиен Купен и Сара Крепин Вториот фестивалски ден ќе започне со нашите гости од Франција кои доаѓаат за втор пат во Битола,театарот „La BaZooka“ е првиот танцов театар кој настапил на „Битолино“, основан е во 2002 година од познатите кореографи Етиен Купен и Сара Крепин. Добитници се на над 20 престижни награди низ цела Европа. „…„Перничеграфија“ е одговор на желбата за разиграност, обид да се победи гравитацијата, движејќи се кон танцот каде што телото се раствора во фигура која што е светла и мека: духот. Се работи за желба да се нурне во радосна вечер – време каде што само треба да пловиш и да се задржиш исправено, да скокнеш, да се движиш наоколу, а одење да стане апсурдно, тоа е да сакате да уживате во слободата, да се вратите во игрите, да бидете дух и да се вратите во животот. . ” Во претставата настапуваат 7 професионални танчери од целиот свет.

02.10.2018 (вторник) , со почеток во 19:00 часот (Н.У. Центар за култура Битола) “ Се што можеме“ – театарска работилница модератори: Јулијана Мирчевска,Етиен Купен и Сара Крепин Вториот фестивалски ден ќе продолжи со театарската работилница со наслов „Се што можеме“, децата ќе имаат единствена и неповторлива прилика да бидат подучувани од ,двата кореографи кои се на врвот европската танчерска елита, Етиен Купен и Сара Крепин. Работилницата ќе биде посветена на танцот и искористувањето на една реквизита на сите можни начини. Со помош на модераторите ќе се обидеме да ја развиваме креативноста и фантазијата на децата со помош на театарски и танцови методи.

03.10.2018 (среда) , со почеток во 11:00 часот (Н.У. Народен театар Битола) State Drama theatre for children “Theatre at Narva Gates” , Санкт Петерсбург, РУСИЈА „Пекарницата на браќата Грим“ режија: Марија Критскаја Третиот и последен фестивалски ден фестивалски ден ќе го започнеме со нашите пријатели кои по четврт пат ќе настапат на Битолино, театарот со кој пред пет години Бабец театар ја направи првата меѓународна продукција, претставата „Кнтервилскиот дух“, театарот кој пред две години ја освои наградата за најдобра претстава на Битолино, државниот детски театар „На портите на Нарва“ од Русија.Театарот е основан 1990 година и со него раководи националниот уметник на Руската Федерација Валентина Луц. Ова е еден од најпрестижните детски театри во Русија со освоени повеќе од 100 признанија. „…„Пекарницата на браќата Грим“. Што ако бајката може да се зготви? Во волшебната пекарница на браќата Грим преку денот се живее обичен живот, се пече леб и вкусни колачиња … И никој не знае дека ноќе – кога пекарницата е затворена – браќата почнуваат со вистинска работа. Овде, во волшебната пекарница, се прифаќаат нарачки за извонредни бајки. Тенџерето што зборува им помага да направат тесто за добра бајка. Па, тенџерето е лик не помалку важен од браќата. Заедничката кауза ги поврзува сите заедно: вечерва ќе ја печат “Приказна за куќата од колачиња”, па дури и триковите на најмладиот брат нема да ги спречат да го завршат нарачката навреме…“

03.10.2018 (среда) , со почеток во 13:00 часот (Н.У. Центар за култура Битола) “Tarla Faresi theater” , Измир, Турција „Семе за црвена слива“ режија: Хикран Чали Последната претстава на осмото издание на Битолино е претставата „Семе за црвена слива“ во продукција на Tarla Faresi театарот од Измир, Турција кој за прв пат настапува во Битола. Театарот е основан во 2003 година и е институционален член на националниот центар на АССИТЕЖ Турција. Во театарот работат професионалци и волонтери на кои заедничка точка им е љубовта кон театарот. „… „Семе за црвена слива“ е животна авантура на црвено семе исполнета со многу надеж, сонот на семето е да стане огромно дрво со многу плод на себе овошје и да ги направи луѓето среќни, но за несреќа паѓа на асфалтен пат наместо на мајката земја. И така започнува нејзината авантура. Семето ги надминува многуте пречки со трпеливост, напор и љубов без да ја изгуби радоста на животот. Слаткиот сон да стане огромно дрво, да се сретне со птици и деца за да им даде плод полн со надеж е единствената причина што го одржува во живот во текот на ова патување.“ Оваа година тимот кој неуморно цела година работеше на подготовките за реализација на фестивалот Ви ветува едно незаборавно дружење со одлични претстави,на крајот сакам да ја изразам мојата благодарност до сите волонтери кои работат во организацијата на фестивалот Филип , Марија , Ферзије…

Осмели се да бидеш свој!!!

Васко Мавровски директор на фестивалот

Премиерата во Драмски театар „Луди за љубов“ Деан Дамјановски

 

ЛУДИ ЗА ЉУБОВ “ Премиера: 28.09.2018

Автор:  Сем  Шепард

Режија:  Деан Дамјановски

Музика:  Миодраг Неќак

Автор на композиција: Јана Стојановска

Сценографија:  Ѓорѓи Ѓорѓиевски

Костими:  Елена Вангеловска

 

МЕЈ ЈАНА СТОЈАНОВСКА / БЛАГИЦА ДИМИТРОВСКА
ЕДИ ФИЛИП ТРАЈКОВИЌ
СТАРЕЦОТ АНАСТАС ТАНОВСКИ
МАРТИН КРИСТИЈАН СВЕТИЕВ

 

Инспициент: Жарко Намичев

Суфлер: Даница Илиева

Пиротехничар: Методија Најдоски

Светло – мајстор: Дејан Блажевски

Тон – мајстор: Саше Ѓорѓиев

Видео реклама: https://youtu.be/sytLO9PMx18

 

 

 

Вљубувањето е зачудувачко искуство – од една страна не би го менувале за ништо на светот, од друга, тоа е вистински пекол

Сем Шепард, автор

 

 

Во ерата на едноставни и практични прирачници за „среќа“, „слобода“, „љубов“ и што ли уште не, наоѓам дека е добро да се погледне и опачината на овие поими, кои, некако по дефиниција ги прифаќаме за „позитивни“. Оттука и „Луди за љубов“, драма во која Сем Шепард ги поставува ликовите на Еди и Меј, да лутаат без конецот на Аријадна во темниот лавиринт на сопствените емоции, за да се најдат еден со друг. Во таа потрага по својата „друга половина“, тиe полека ја раскриваат природата на љубовта, која, за нив постои само во невозможноста за нејзино остварување.

Деан Дамјановски, режисер

 

 

 

МНТ – 29.9 | ПРЕМИЕРА – „ЕДЕН МЕСЕЦ НА СЕЛО“ Паоло Маџели

 

Премиерната изведба на претставата „Еден месец на село“.
Фотограф: Кире Галевски
29.9 | ПРЕМИЕРА – „ЕДЕН МЕСЕЦ НА СЕЛО“ | 20:00

2.10 | ПРВА РЕПРИЗА – 20:00

Автор: Иван Сергеевич Тургењев
Режисер: Паоло Маџели
Драматург: Жељка Удовичиќ

Превод: Катерина Коцевска
Сценограф: Лоренцо Банчи
Костимограф: Мануела Паладин
Композитор: Љупчо Константинов

Улоги:
Аркадиј Сергеич Ислаев, богат земјопоседник ― ЃОРЃИ ЈОЛЕВСКИ
Наталија Петровна, негова сопруга ― САШКА ДИМИТРОВСКА
Коља, нивни син ― ЛУКА СОФРОНИЕВСКИ / ДИМИТАР ИЛИЈЕВСКИ / АЛЕКСАНДАР ЦВЕТКОВСКИ (дете)
Вера Александровна, млада девојка (штитеничка на семејството) ― ДАРЈА РИЗОВА
Ана Семјонова Ислаева, мајка на Ислаев ― КАТЕРИНА КОЦЕВСКА
Лизавета Богдановна, воспитувачка, гувернанта на Коља ― ТИНА ТРПКОСКА
Шаф, Германец, домашен учител ― АЛЕКСАНДАР МИКИЌ
Михаил Александрич Ракитин, куќен пријател ― НИКОЛА РИСТАНОВСКИ
Алексеј Николаич Бељаев, студент, учител на Коља ― СТЕФАН СПАСОВ / ДАМЈАН ЦВЕТАНОВСКИ
Афанасиј Иванич Бољшинцов, сосед ― НИНО ЛЕВИ
Игнатиј Иљич Шпигељски, доктор ― САШКО КОЦЕВ
Матвеј, слуга ― ДАМЈАН ЦВЕТАНОВСКИ / СТЕФАН СПАСОВ
Катја, слугинка ― АНА СТОЈАНОВСКА

Асистент на режисерот: Дамјан Костовски
Асистент на сценографот: Џулија Барни
Асистент на костимографот: Илина Ангеловска
Дизајнер на плакат: Зоран Кардула
Графички дизајнер на програмка: Димитар Димитров
Лектор: Тодорка Балова
Инспициент: Вукица Александрова
Суфлер: Тања Ивановска
Фотограф: Кире Галевски
Светло – мајстор: Игор Ѓеоргиев
Светло – оператори: Дарко Младеновски и Горјан Темелкоски
Тон – мајстор: Александар Арсиќ
Тон – оператор: Александар Петровски
Пиротехничар: Методија Најдовски
Реквизитери: Снежана Грнчаревска и Боби Гелиќ
Гардеробери: Валентина Чонкова, Скендер Бериша, Светлана Апостолска
Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
Декоратери: Мартин Китановски, Влатко Бојчевски и Никола Николовски

Времетраење: 140 минути со пауза

Валентин Венцел, директор на Новосадскиот театар

Соработката со Александар Поповски ни отвори еден нов свет

”Режијата на Поповски би можеле да кажеме дека е тн. “тотален театар” во кој се бара многу и физички и ментален напор од актерот, но и од сите останати соработници. Но, тоа е проект во кој трудот повеќекратно се врати како резултат”, вели за “Вечер” Венцел, директор на Новосадскиот театар чија претстава “Гробница за Борис Давидович” на авторот Данило Киш, а во режија на македонскиот режисер Александар Поповски, беше извонредно примена од македонската публиката и наградена со бурни аплаузи на сцената на фестивалот “Млад отворен театар” кој во Скопје е одржува до 28 септември. Претставата неодамна беше прогласена за најдобра од страна на здружението на театарски критичари на Унгарија

Претставата “Гробница за Борис Давидович” е во режија на еминентниот македонски режисер Александар Поповски. Како се случи да дојде до соработка токму на оваа претстава по текст на Данило Киш, а на унгарски јазик?
Александар Поповски не е само еминентен македонски, туку и еминентен режисер од овие простори на западен Балкан, кој со својата режисерска еминиенција далеку исчекорува од тие наши балкански парадигми. Ние ова дело најпрво му го понудивме на главниот режисер на Унгарскиот национален театар во Будимпешта, бидејќи мислевме дека тој свет на Киш, таа мрачна историја на советската револуција ја познава и ја има во своите гени, бидејќи е родум од Украина и завршил руска школа. Долго разговаравме, но тој мораше да одбие, поради други обврски. Тогаш почнавме озбилно да размислуваме на кој би можеле да му го понудиме ова театарско дело. Поповски веќе кај вториот разговор изнесе едно такво видување, една таква режисерска провиниенција што ние рековме дека тоа е нешто фантастично. Тоа не беше она што ние го замислувавме, туку ни се отвори еден нов свет и се запрашавме “Зошто најпрво него не го контактиравме?”. Нашата намера е преку ова дело да се обидеме нешто да кажеме за тие тајновити работи не само на Октомвриската, туку на сите револуции. А секоја револуциај има она што е транспарентно, како борби, барикади, победи, историски случувања… Тоа е она видливото, но истовремено секоја револуција остава длабоки траги во поединецот, а тоа е невидлив дел и токму Поповски ни помогна да се создаде чудесна состојба во која токму невидливото успеа да се покаже.

Имавте ли напорен процес на работа и какви се вашите искуства од соработката?
Раѓањето на едно театарско дело, тој процес од првата читачка проба па до премиера, е секогаш макотрпна работа. Особено тогаш кога се раѓа едно многу вредно дело, а се роди нешто што е многу значајно и вредно за внимание и наградено. Режијата на Поповски би можеле да кажеме дека е тн. тотален театар во кој се бара многу и физички и ментален напор од актерот, но и од сите останати соработници. Пробите беа многу потешки отколку на пример, да работевме салонски театар. Но, актерите на Новосадскиот театар се многу добро едуцирани во поглед на тој апсолутен театар. Тие исклучително добро зборуваат и го имаат тоа психолошко присуство, вични се на игра и другите сценски вештини. Тоа е проект во кој трудот повеќекратно се врати како резултат.

Вашата претстава неодамна се закити со признание од унгарските театарски критичари. Кажете ни нешто повеќе за наградата и дали ја очекувавте?
Навистина не очекував. Здружението на професионални театарските критичари на Унгарија веќе неколку години наназад валоризираат претстави не само во Унгарија, туку и во дијаспората во Романија, Словачка и Србија и гледаат од 130-140 претстави. И тогаш се доделуваат награди во сите категории, актер, актерка, претстава… На свеченото прогласување на наградените дознавме дека претставата “Гробница за Борис Давидович” е најдобра на унгарското јазично подрачје по оценка на критичарскиот еснаф на Унгарија.

Какво значење има наградата за вашиот театар?
Нашиот тетар изведува претстави на унгарски, а секоја претстава ја преведуваме на српски, бидејќи голем дел од публиката е српска. Но, секогаш зборувам дека таа неунгарска публика во Новосадскиот театар доаѓа не затоа што има превод туку бидејќи нашиот репертоар допира и до онаа публика која не е унгарска. Ние по дефиниција сме малцински театар, унгарски театар и театар во дијаспора. И сега кога еден ваков театар ќе стекне и едно такво признание, значи дека во овој момент со оваа претстава е најдобар театар и тоа е големо задоволство. А на нас ни е исто толку важно и наградувањето, бидејќи сме повеќекратно наградувани и на фестивал на српски театар. Повеќекратни победници сме и на Унгарски национален театарски фестивал. Како директор сметам дека театарот мора да биде присутен на пошироко подрачје, а организираме и фестивал на малцински театри. Ние не сме свесни колкав придонос тие малцински театри даваат во целокупната светската театарска уметностност и во обновувањето на театарот. Тие се интересни и секогаш успеваат да направат спој меѓу традицонално-културното наследство и новата интерпретација. Тие одат напред и притоа не се одвојуваат од својот национално -културен корен.

Данило Киш како автор секогаш предизвикувал внимание и дебата во јавноста со неговите светогледи, смели раскажувачки постапки. Во што се состои предизвикот повторно и повторно да се поставува делото на Киш?
Киш е еден од најсветлите ѕвезди на југословенската и светска литература. Мислам дека е секој автор на свој начин храбар. Вистионското уметничко дело секогаш зборува за тајните на самиот уметник и тоа е една ужасна отвореност. А тој всушност таа отвореност ја промовирал и очигледно дека во еден дел на јавноста таа приватна, лична храброст останала во сеќавање. Што се однесува на уметничкото творештво на Киш, тоа и тогаш беше апсолутен европски тренд, но кога тој го работел гледаме дека претходело на нешто што се реализирало во Европа, што стана меин стрим во Европа. Тој многу порано почуствувал потреба да се изразува на тој начин и да ги зема под свое перо темите што ги земал. Тоа тој го чинел пред 25-30 години. И треба да го играме бидејќи е еден од фундаментите на српско- југословенската книжевност и бидејќи она за што тој пишувал ни се случува и сега. Ние со претставата не зборуваме за Октомвриската револуција, туку за оној свет и стварност која денес не опкружува.

Претставата својата премиера ја имаше пред една година. Колку сте задоволни од тоа како публиката ја прифаќа вашата сценска порака?
Интересно е дека публиката на ист начин ја прифаќа претставата и пред година дена и сега, но интересно е и тоа која публика како ја прифаќа претставата, а тоа е исклучително. Ја игравме во Унгарија, Словенија, Хрватска, во Казахстан, сега во Македонија. Но и тоа на што конкретната публика реагира. Дали тоа е виртуозната игра, атмосферата, дали ја прифаќаат приказната… Мислам дека вистинската публика комуницира со мета пораката на оваа претстава, а тоа е најтешко да се направи и затоа публика не може да и одолее на оваа претстава. Оваа претстава постојано упатува една метапорука, аи најтешко да се одигра на сцена е менталитетот. Тоа тешко се одигрува, а оваа претстава носи еден источноевропски менталитет. Интересно е која димензија публиката ја чита и со која се поистоветува, а публиката потоа си создава своја целина.

www. vecer.press

ПАСИЈА ПО БИБИ на нашиот Петар Милошевски на МОТ

Петар Милошевски

25.09.22:30 КИНО КУЛТУРА

The Passion according to BIBI

PETAR MILOSHEVSKI, London UNITED KINGDOM

Ова е БИБИ.
Најновиот 1N5TA-5EX робот.
Луѓето ја изгубија идејата за несебично да го понудат своето тело. Затоа ја измисливме иднината на сексот.
БИБИ учи работи за вас. БИБИ се смее, намигнува и се мурти. Го памети вашиот роденден, што сакате да јадете и пиете, имињата на вашите родители. Може да одржи разговор за музика, филмови, книги, кажува шеги, ги цитира Шекспир и Чехов. И, се разбира, БИБИ ќе има секс со вас кога и да посакате.
Без разлика на вашата сексуалност или пол, со БИБИ покрај вас, никогаш повеќе нема да се чувствувате неисполнети.
„Пасија по БИБИI” на премиерата на овогодишниот Camden Fringe Festival во Лондон беше селектирана во топ 10 претстави според Time Out London и London’s Evening Standard.

Времетраење/Duration: 57’
Jазик/Language: англиски  јазик / English language
обезбеден превод на македонски јазик

Ебру Мусли актерка

 

Во прво лице

 Направи добрина и фрли ја во  море

 1. ЗА СЕБЕ: Секогаш повеќе

2 . ЗА ЉУБОВТА: Нема толкување,се доживува

  1. ЗА ЖИВОТОТ: Зграпчи го
  2. ЗА ТЕАТАРОТ: Постојам, дишам, ме има
  3. ЗА ДОБРОТО: Направи добрина и фрли ја во море
  4. ЗА ЗЛОТО: зло си е зло
  5. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ : гушење

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Богатство

  1. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: е неизбежна.
  2. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: без правосмукалка
  3. ЗА КОЛЕГИТЕ: Моќ и сила
  4. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: НАДЕЖ

12 . ЗА ИДЕЈАТА: ја имаш или ја немаш

  1. ЗА СОНОТ: Зад камера
  2. ЗА ЈАВЕТО: тогаш си буден
  3. ЗА ВИНОТО: Престол
  4. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Баклава
  5. ЗА КРАЈ , Почеток

18 ЗА НАГРАДАТА НА МТФ кога се сака се се може

 

 

Oтворање на 43. МОТ – 20 септевмри

ПРОГРАМА http://mot.mk/mot-2018/

Осумнаесет претстави

Претставата на белгискиот “Колектив Мензуел”, утре вечер, 20 септевмри, во МНТ ќе го отвори 43. Млад отворен театар.

“Сакавме да создадеме сценарио во кое народот е разлутен, се разбудил и прави нешто во врска со тоа. Нашиот театар е ангажиран и политички афирмиран, зашто сметаме дека токму театарот е место за дискусија и дебата”, вели Рено Рига, еден од петтемина учесници на овој проект – кој нема режисер. Нивната 80-минутна претстава е филмска пародија, создадена со повеќе од 1.400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Баптист Исаја, член на колективот, истакна дека со конструкција на деловите создаваат филм. За време на претставата, филмот се прикажува во заднина, а на сцена тие ги произведуваат сите звуци и шумови, дијалози и целата музика.

“Технички невозможно било да ги добијат авторските права за сите филмови од кои извадиле елементи за претставата, затоа што за американските филмови немаат застапници во Европа. Но, постои право на пародија, што значи може да се користи одреден дел или филм доколку целта е пародија и да направите публиката да се смее, а притоа не му штетите на самото дело или на авторот. Тоа ни овозможи да функционираме беа авторски права#, посочи Исаја.

МОТ ќе трае до 28 септември и на програмата се 18 претстави со повеќе од 200 артисти, кои ќе настапат на сцените во Скопје. Меѓу нив се и три македонски премиери. Програмата е веќе обајавена на mot.mk.

МОНКЛ

професор Христо Петрески

ЗА РАСКАЖУВАЊЕТО, ПАТУВАЊЕТО И СОНУВАЊЕТО

Мал есеј за животот, книжевноста, театарот, филмот…

3.

Сеедно дали е раскажувањето илузија или стварност, тоа е животопис, единствен и неповторлив запис, како што се линиите на дланките, или брчките на челото, но во секој случај – тоа е ракописот на срцето, кое чука од буква до буква, остава неизбришливи траги во и меѓу редовите, за ние или некој друг потоа да се обиде да го прочита и дешифрира тоа – (не)напишаното.

Расказот е човек кој знае убаво да раскажува.

А убавината е во уверливоста,  во доживеаноста,  во искреноста, во доловувањето на она што сите го гледаат, а само еден го забележува!

ТРИУМФ НА ТДМ – Скопје со „ТОБИ“ – Подгорица ЦГ

 НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ПОДГОРИЦА. ОСВОИВ ПЕТ НАГРАДИ:

1.ГРАН ПРИ за најдобра претстава
2. Награда за НАЈДОБРА РЕЖИЈА, за Драгослав Тодоровиќ
3. Награда за актерско мајсторство за Марија Ѓорѓијовска 
4. Награда за најдобро техничко-естетско решение на кукли, за Ирина Сомборац 
5. Награда за најдобра претстава од ДЕТСКОТО ЖИРИ НА ФЕСТИВАЛОТ.
Браво за целата екипа од претставата „ТОБИ“.

Следна дестинација: „ТОБИ“ на Фестивалот во Суботиц1. а. А од 20 септември, се гледаме во салонот на ТДМ.