Уникатен талент и исклучителен актер
“Ванчо му остави непроценливо наследство, особено на Драмски театар, со неповторливите ролји, а неговото ненадејно заминување од светот на македонскиот театар остави место што никогаш нема да биде пополнето, заради уникатниот талент и актерското мајсторство кои не можат да се копираат“, ќе посочи Сашо Тасевски на комеморацијата која по повод смртта на Петрушевски се одржа во понеделникот во Драмски театар, а на која за последен пат со громогласен аплауз од него се збогуваше семејството, пријателите, колегите и неговите обожаватели
Македонски народни приказни, „Хихирику“, „Ангели на отпад“, „Трст виа Скопје“, „Среќна Нова 49“, „Трето доба“, „Диво месо“, „Грев или Шприцер“, „Солунски патрдии“, „Опстанок“, „Пресуда“ се ТВ- емисиите, радио драмите, филмовите и претставите по кои ќе биде запаметен исклучителниот актер Ванчо Петрушевски, кој на 67 години, ненадејно замина од овој свет минатата недела. Тој секогаш ќе биде втемелен во сеќавањата на неговите колеги и во колективната меморија на македонскиот народ, а неговиот фах беше комедијата. Многу генерации ќе го паметат и по ликот на Рамче.
“Заедно со твојот Гоце, со Ѓокица, Дади и Мешко, со Кате и Милица, Ненад, Коле, Чоре и останатите бардови на Драмскиот театар испишавте историја и оставивте голем аманет за наредните генерации македонски глумци“, ќе истакне Сашо Тасевски, директор на Дрмаски тетар-Скопје, матичната сцена на актерот Петрушевски, каде што тој во 2017 година се пензионираше.
“Ванчо му остави непроценливо наследство, особено на Драмски театар, со неповторливите ролји, а неговото ненадејно заминување од светот на македонскиот театар остави место што никогаш нема да биде пополнето, заради уникатниот талент и актерското мајсторство кои не можат да се копираат“, додаде Тасевски на комеморацијата која по повод смртта на Петрушевски се одржа во понеделникот во Драмски театар, а на која за последен пат со громогласен аплауз од него се збогуваше семејството, пријателите, колегите и неговите обожаватели. Џинот од македонската актерска сцена својата кариера ја помина токму во овој театар уште од 1975 година, каде што остави безброј актерски остварувања.
Ослободувањето на Скопје, Панургиј, Чудото на свети Ѓорѓија, Сомнително лице, Мачорот Мики Траси и Џингин Кан, Полнета птица, Дупло дно, Коприварник, Ноќ спроти Водици, Собирен центар, Чија си, Женски оркестар, Харем, Маратонците го трчаат почесниот круг, Зоолошка приказна, Сега му е мајката, Вујко Вања, Словенскиот ковчег, Платонов, Земјомерот, Сонот на летната ноќ, Тетовирани души, Марисол, Хамлет од Долно Гаштани, Македонски рулет, Лебедова песна, Живот во тесни чевли, Буре барут, се само дел од претставите во кои играл Петрушевски во Драмскиот театар.
“Неговата актерска игра се одликува со ненаметливост и спонтаност во изразот како виртуозно обликување на комични и трагични ефекти што ги плени театарските гледачи, со што тие стануваат негови обожаватели. Со мангупска комика, непрекинато концентриран, играта успева да ја префрли преку рампата до гледалиштето, со што Ванчо Петрушевски го вбројуваме во редот на исклучителни актери“, ќе истакнат од неговиот матичен театар.
Актерот Гоце Тодоровски, кој со Ванчо Петрушевски биле пријатели 57 години на комеморацијата, пак, со многу емоции зборуваше за одиграните улоги, настапи, награди, за умешноста и шармот на Петрушевски, за неговата пасија-сликарството, за викендичката во село Орешани, каде што, за жал, во несреќен случај минатата сабота, Петрушевски го загуби животот. Според извештајот од полицијата, Петрушевски починал од струен удар додека работел качен на метална скала со електричен заварувач на пластични цевки.
“Го изгубивме Ванчо, Ване, Иван, Рамче. Не само во комедијата, Ванчо умееше и драмски ликови многу убаво да игра, беше сестран“, беа зборовите на актерот Кирил Андоновски за Петрушевски. Благоја Чоревски, пак, потсети дека со Петрушевски се познавале повеќе од 40 години. “Ванчо беше извонреден актер, извонреден пријател, извонреден човек. Навистина беше таков и му благодарам на Бога и на животот што воопшто што ме споија со него, што можев да играм, што можам да се сеќавам на него, на се убаво“, рече тој.
Со емотивни пораки на социјалните мрежи, деновиве од Ванчо Петрушевски се збогуваа и актерите Сашко Коцев, Рубенс Муратовски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Јелена Жугич, Ердоан Максут, Весна Петрушевска, оперскиот пејач Игор Дурловски, а македонскиот шоумен Игор Џамбазов на својот пријател, со кој го поминал половина од животот, му подари емотивна изведба на песната “Ако умрам ил загинам“.
Петрушевски е роден на 19 април 1951 година, во Скопје. Дипломирал на Отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје во 1975 година. Оттогаш како актер работел во Драмскиот театар во Скопје, се до неговото пензионирање. Добитник е наградите “Димче Трајковски“ за улогата Јаков во претставата „Дупло дно“ (1985 година) за актерско остварување на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и за улогата на Јанко во претставата „Собирен центар“ (1989 година). Во 1987 година, Петрушевски го добил признанието за најпопуларно ТВ лице на годината според гласовите на читателите на весникот „Вечер“, а во 1988 година, според анкетата на ревијата “Екран# е добитник на наградата „Најдобро артистичко остварување во филмот и на телевизијата“.
Петрушевски беше активен на повеќе полиња и надвор од театарот, како водител на кулинарско шоу, снимаше филмови, а негова пасија било и сликарството. Тој е еден од творците на серијата Македонски народни приказни.