“Илијада“ СНГ Драма, Љубљана го затвора “Охридско лето”

Охридско лето го посетиле над 20 илјади љубители на уметноста:

Завесата на годинешното 58. издание на фестивалот „Охридско лето“, ќе биде спуштена на 20 август со театарската претстава “Илијада“ од Хомер во режија на Јернеј Лоренци. Овој копродукциски проект на Словенечки народен театар -СНГ Драма, Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар Словенија, е иновативна и величествена, колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда и со суптилни совети на модерната историја на Балканот, а ќе биде изведена во Антички театар (21 часот).

Инаку, годинешнава програма донесе над 800 уметници од 27 земји од светот, а настапите на врвните светски уметници ги посетија над 20 илјади љубители на уметноста.

Покрај бројните фестивалски настани , меѓу кои концертите на оперската дива Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и маестралниот диригент Николае Молдовеану, Кралскиот секстет „Д Квин Сикс“, познатото трио руски уметници, Лугански-Књазев -Крилов, изведбата на семакедонски производ – ораториумот „Радомировиот псалтир“ на македонскиот композитор Димитрие Бужаровски кој го напиша специјално за фестивалот „Охридско лето“, се одржаа и традиционалните Вечери на полска и француска музика и Кубанската вечер, како и концертот на Амира Медуњанин. Во Охрид се претставија и уметниците Георги Божиков, потоа Марта Пејоска и Биби Клекачкоска со „Скриеното чудесно“, Калина Брајковска со “Зад виножитото“, но пред публиката се изведоа и претставите “Странци”, “Девојчето со жиците”, Мизантроп”… Фестивалот на 4 август го одбележа и својот 58-ми роденден.

Утревечер (17 август), со почеток во 21 часот, во црквата “Св.Софија”, во рамки на фестивалот, концерт ќе одржи Антонио Серано, на усна хармоника и Констанца Лехнер, на клавир од Шпанија. На програмата ќе бидат изведени Франциско Тарега, Мануел де Фаља, Енрике Гранадос, Пабло де Сарасате, Карлос Густавино, Астор Пјацола. Антонио Серано е шпански виртуоз на усна хармоника, а пијанистката Констанца Лехнер има студирано и за чембало, стара музика, модерен клавир и џез на „Школата за креативна музика“ во Мадрид.