“Среќен сум што “Орестија“ испадна токму онаква каква што ја замисливме. За тоа дека направивме добра работа и добра претстава, говорат и реакциите и коментарите на публиката и критиката. Токму “ Јудита “ ја заокружи нашата напорна двомесечна работа и воопшто не ми е жал што во тие два месеци малку спиев”, изјави Пројковски на доделувањето на наградата за најдобра претстава на 64. издание на “Сплитско лето”
Претставата “Орестија” на македонскиот режисер Дејан Пројковски, едногласно е прогласена за најдобро уметничко достигнување на 64. “Сплитско лето”. Претставата ја доби престижната награда “Јудита”, а образложението на жири-комисијата за драмска програма на оваа врвна хрватска манифестација, е дека се работи за “дело со висока естетика и актерски остварувања”.
“Авторскиот тим и актерскиот ансамбл под водство на режисерот Дејан Пројковски со оваа силна и впечатлива премиера во продукција на самиот фестивал, на најдобар начин ја врати традицијата на Сплитското лето кое го одбележаа бројни антички драми и откривања на нови амбиентални сцени. Во Ситно Горње, под Мосор, добро се вклопи две и пол илјади години старата Есхилова трагедија, поврзувајќи ги и на содржинско и на мисловно ниво, одамна минатите времиња со денешницата. Преиспитувајќи ја со Есхил човечката природа полна со немири, двоумења, мрачни нагони, но и желба за воспоставување на хармонија, креаторите на претставата создадоа дело со висока естетика и квалитетни актерски остварувања. Со “Орестија” е создадена и нова летна сцена со величествен поглед на градот, морето и островите, а Сплит по долго време доби вистинска амбиентална претстава. Честитаме!”, се вели во образложението за наградата.
За оние пак, кои имаа можност да ја проследат оваа античка драма во изведба на ХНК Сплит, во древниот амбиент под Мосор, претставата е “театарска магија која не се заборава”. Според vecernji.hr, “Орестија” е “неповторливо доживување на амбиентален театар”, “претстава за паметење” и “импресивна претстава која мора да се доживее”.
Позитивни критики за претставата можат да се прочитаат и на сајтот на slobodnadalmacija.hr каде пишува: “сплитска “Орестија” срасна со просторот и навлезе во него: претставата напишана пред две и пол илјади години ја воодушеви публиката во Ситно Горње”, “успешен, впечатлив и силен театарски проект”…
На самото доделување на наградата, пак, како режисерот Пројковски изјавил:
“Среќен сум што “Орестија “ испадна токму онаква каква што ја замисливме, за тоа дека направивме добра работа и добра претстава, говорат и реакциите и коментарите на публиката и критиката. Токму “Јудита“ ја заокружи нашата напорна двомесечна работа и воопшто не ми е жал што во тие два месеци малку спиев. Знав дека сме на вистинското место уште првиот пат кога го здогледав теренот за новата сцена. Отворањето на нова амбиентална театарска сцена е предизвик и нешто најубаво што може да му се случи на еден уметник. Чувството е слично како да сте изградиле црква, или сте посадиле младо стебло – нешто што ќе живее и трае … “
Во креаторскиот тим на претставата, покрај Пројковски, од Македонија учествуваа и македонскиот композитор Горан Трајковски и сценографот Валентин Светозарев.
vecer.press