МОНКЛ

Христо Петрески

ИЗБОРИТЕ КАКО ТЕАТАР

Колумна-есеј

На почетокот се парцијалните и фрагментарни подготовки, кои најчесто се случуваат и одржуваат во тајност и во камерни простори. Потоа следуваат пообемните и поопсежни, но и полујавни проби и вежби, додека не се најави, закаже и случи генералната проба.

А, кога се во прашање изборите, театарот се случува речиси секојдневно, па се менува само сцената, но не и мизансценот. Сепак, најбитниот театарски настан и долгоочекуваната премиера се случува на самиот Ден на изборите. Тогаш, за разлика од реалниот и вистински театар, кога на сцената се ставаат маските, на  Денот на гласањето – се симнуваат маските. Се поддржуваат  и им се аплаудира само на најискрените, најборбените, најдобрите и најкреативните.

Но, изборите (не) се само уличен театар. Тие се, или подобро речено, треба да бидат и цивилизиран, достоинствен и логичен чин. Декорот е со транспаренти и знамиња, реквизити се микрофоните, мегафоните и звучниците, а актери се протагонистите кои однапред и наизуст го научуваат ветувачкиот текст кој мора и треба да побуди емоции и да биде според мерката и прагот на очекувањата на консументите. Изборниот театар е факт, независно од театарската потреба и резултат.

Дел од актерите толку многу се соживуваат со своите ролји, па може да се каже дека не само што оживуваат, туку дури и воскреснуваат на сцената, сеедно дали како цареви и принцови, или како кловнови и слуги. Независно, дали се диктира и гестикулира од бината, се мафта со рацете, се посочува со показалецот, се плеска со дланките, или само се рецитира и декламира според претходно задададеното и речиси до детали наученото и увежбаното сценарио, синопсисот е најчесто унифициран и униформиран, со сувопарна и безлична терминологија, а освежувањата, забавата и разонодата за публиката стигнува и им се испорачува главно преку невкусни и хуморни конструкции, омаловажувања и навреди, кои понекогаш се гарнирани и со насилие и пцости.

Тој и таков брутален и физички театар, кога недостасува и исчезнува духовната сила и моќ, изборите ги плашат и одвраќаат гласачите и им го ускратуваат и нивното единствено право за личен избор. Но, наспроти тоа, гласаме за афирмација, стимулација и презентација на изборниот театар, сеедно дали камерен или масовен, сценски или уличен, кој пред сî е искрен, позитивен и вистински!

Изборите се театар, а театарот  е избор!