ЗАВРШИ 17-от Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“

 

Жири-комисијата на 17-от Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“ во состав: Николај Круглов, режисер, главен режисер на театарот Камерна сцена, Лобња, Москва, Русија (претседател), Мето Јовановски, актер и професор и проф.д-р Ана Стојаноска, театролог и писател (членови), едногласно ја донесе следната одлука:

Гран-при наградата за најдобра претстава на фестивалот „Стоби“ ја добива претставата „Ардалион“ (античка мимодрама) во режија на Жираир Дадасјан, а во изведба на Ереванскиот државен театар на пантомимата од Ерменија за вонредната актерска сценска визура според автентичните принципи на античката мимодрама.

Наградата за најдобра женска улога на фестивалот „Стоби“ ја добива актерката Соња Михајлова за улогата на Јулие Цезар во истоимената претстава од Вилијам Шекспир, во режија и сценска адаптација на Златко Паковиќ, а во изведба на Народниот Театар Битола, за доминатното креативно комплетно актерско остварување

Наградата за најдобра машка улога на фестивалот “Стоби” ја добива актерот Бекназар Избасаров за улогата на Сенека во претставата “Нерон и јас” од Едвард Радзински, во режија на Куандик Касимов, а во изведба на Жамбилскиот Регионален Руски Драмски Театар од Казахстан за прецизната актерска игра базирана на консеквентното градење на улогата

Наградата за најдобар млад актер на фестивалот “Стоби” ја добива актерката Ирена Илиевска за улогата на Лисистрата во истоимената претстава од Аристофан, во режија на Хакоб Газанчјан, во изведба на Театарот “ЈХК-Џинот”, Велес за креативен сценски израз проследен со автентична младешка енергија

Специјална награда на фестивалот „Стоби“ за современ сценски израз конципиран врз лабораториско истражување добива претставата „Кралските копилиња“, авторски проект на Сашо Димоски, во изведба на Театарот „ЈХК-Џинот“, Велес. Претставата покажува драматуршка, режиска и сценска естетика која претендира да постави нови стандарди на модерниот македонски театар. Преку драматуршкиот модел базиран на истражување на познатиот митски комплекс за Арг, дигиталните скулптури, уникатната аудиовизуелна естетика и пред се синкретичниот спој на актерската кореоигра, оваа претстава покажува на кој начин треба да се третира античката парадигма денес. Со претставата дојдоа до израз и ексклузивните технички можности на големата сцена на Велешкиот театар.