Премиера на претстава: Горчлива и болна смеа со “Мизантроп“ на Охридско лето

Oваа сериозна комедија е поглед во човековата душа на современиците од периодот кога била пишувана во 17 век, но е и магнетна резонанца на нашето време Во претставата ја имаме смеата, но горчлива

Театарската претстава “Мизантроп“ од Молиер, во режија на црногорската режисерка Ана Вукотиќ, ќе се изведе премиерно утревечер (19 јули), со почеток од 21 часот, во Центарот за култура “Григор Прличев“ во Охрид, а во рамки на фестивалот “Охридско лето“.

Оваа сериозна комедија е поглед во човековата душа на современиците од периодот кога била пишувана во 17 век, но е и магнетна резонанца на нашето време. Со оваа претстава, што е во продукција на Театар Комедија од Скопје, продолжува драмската програма на фестивалот.

“Сметам дека Молиер во сите негови дела е сериозен, но прашањето е како ние ќе го поставиме, како ќе се изразиме актерски. Подготвени се сите и морам да кажам дека дадоа многу труд. Уверен сум дека публиката ќе биде многу шокирана бидејќи очекуваат лесна комедија, но не, станува збор за љубовта на човекомрзецот или омразата на човекољубецот. Каде е љубовта, каде е омразата. Впрочем, ја имаме смеата, но горчлива. Дури и така горчлива и болна смеа, нас како луѓе може да не спаси“, ќе истакне Сашо Ристовски, директор на Театар Комедија.

Улогата на Алсест во “Мизантроп“ ја игра Атанас Атанасовски, Флинт го толкува Александар Михајловски, а Орнот е Столе Мицов. Мирјана П. Ристов ја игра улогата на Селимена, Магдалена Ризова-Черних на Елијанта, а Жаклина Петровска – Милјановска во оваа претстава е Ариноја. Улогата на Акаст ја игра актерот Илија Илиоски, Клитандр е Жарко Димоски, Баск е Виктор Арсов, а Ди Боа го глуми Ердоан Максут.

Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов, а кореографијата е на кореографката Соња Вукичевиќ. Сценограф на “Мизантроп“ е Јелена Томашевиќ, костимографијата ја направи Лина Лековиќ, а композитор на музиката е Александар Радуновиќ-Попај.

Инаку, режисерката Ана Вукотиќ е родена во 1977 година во Подгорица, а дипломирала театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Цетиње во 2004 година, во класата на професорите Егон Савин и Радмила Војводиќ. Добитничка е на бројни награди за режија на локални и на регионални театарски фестивали.