”Го враќаме фестивалот каде што бил, во античкиот театар во Стоби, што значи враќање на духот на самиот антички театар за по две илјади години на исто место да се сретнат гледачите и актерите“, истакна Крстевски, директор на Велешкиот театар каде што изминатите три години поради реконструкција на амфитеатарот во античкиот Стоби, се изведуваше фестивалот. Годинава театарската магија во Стоби стартува со премиерата на “Лисистрата”
Јулие Цезар, Нерон, Кралските копилиња… годинава се враќаат во древниот амбиент на античкиот театар Стоби кој изминатите три години поради реконструкција беше затворен. Седумнаесетото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма “Стоби“, од 19 до 29 јули, ќе биде бојното поле на кое копјата за наградите ќе се кршат околу пет претстави. Театарската магија во Стоби ќе започне и ќе заврши со претставата “Лисистрата” во изведба на Народниот театар “Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. Свеченото отварање е на 19 јули (21 часот).
“Годинава го враќаме фестивалот онаму каде што бил, во античкиот театар во Стоби, што значи враќање на духот на самиот антички театар за после две илјади години на исто место да се сретнат гледачите и актерите“, истакна Младен Крстевски, директор на Велешкиот театар. Инаку во изминатите три години поради реконструкција на амфитеатарот во античкиот Стоби, фестивалот се изведуваше на сцената на Велешкиот театар.
На 20 јули, на Фестивалот кој се одржува во организација на општина Велес , ќе биде изведена претставата “Јулие Цезар“ на Народниот театар од Битола, а на 22 јули на древната сцена во Стоби со претставата „Ардалион“ ќе настапи Ереванскиот Државен театар на пантомима од Ерменија. На 26 јули, пак, ќе биде изведена претставата “Кралските копилиња“ на Народниот театар од Велес, а на 28 јули претставата “Нерон и јас“ на Жамбилскиот областен руски драмски театар, Казахстан.
Според претседателот на Организацискиот одбор Драган Миладиновски, оваа година за првпат ќе се одржат и пет тркалезни маси на кои ќе се говори за претставите. Првата тркалезна маса е закажана овој петок во 12 часот во просториите на Народниот театар во Велес.
И годинава на фестивалот ќе бидат доделени наградите за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и Гран при наградата за најдобра претстава, како и две дополнителни награди. Крстевски најави дека идната година сите награди ќе бидат именувани, па така наградата за најдобра женска улога ќе се вика „Тинка Коларова“ во чест на првата жена актер од Велешкиот театар, наградата за најдобра машка улога “Тодорче Николовски“, а за најдобра режија “Стојан Стојановски“ во чест на овој познат македонски режисер.
Претседател на жирито кое ќе ги доделува наградите годинава ќе биде познатиот руски режисер Николај Круглов, а членови актерот Мето Јовановски, актер, и театрологот Ана Стојановска.
Организаторите годинава за фестивалот обезбедиле пет автобуси со кои публиката бесплатно ќе се носи од Велес до Стоби, а билети ќе можат да се набават и кај автобусите кои ќе поаѓаат во 20 часот, но и на касата на Велешкиот народен театар.