ФАД се враќа дома во Стоби, а ќе се шетаме со помош на мобилна апликација

Низ археолошкиот локалитет Стоби во иднина ќе може да се движиме и со помош на мобилна апликација, која ќе ни помогне да се запознаеме со историјата на објектите при нашата обиколка. Првиот аудиоводич за археолошки локалитет во Република Македонија е изработен од националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, во соработка со софтверската компанија “G6 Solutions” од Скопје и тој е веќе во употреба, а достапен е на мобилната апликација Stobi audio guide.

“Аудиоводичот ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин. Стоби е една од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и, за потребите на посетителите, покрај туристички водич за посетителите на локалитетот, отсега ќе може да се користи и мобилната апликација Stobi audio guide, која е достапна за Андроид и ИОС оперативни системи, на македонски и на англиски јазик”, вели Митко Тутковски, в.д. директор на НУ Стоби.

Апликацијата ги содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите ќе може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап.

Автори на текстовите за водичот се дел од вработените во НУ Стоби: Димитар Николовски, Мишко Тутковски, Гоце Павловски и Силвана Блажевска. Наратор на македонски јазик е Славица Бабамова, а автор на преводот и наратор на англиски јазик е Димитар Николовски.