“Убавината на пантомимата е во еден универзален јазик на постоењето, уметноста и љубовта помеѓу луѓето”, вели актерот, пантомимичар и идеен творец на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар “Панфиз”, чие 11. издание започнува на 7 јули и ќе трае до 11 јули). Заинтересираните ќе имаат можност на малата сцена на Македонскиот народен театар да проследат претстави од четири жанра: детскиот, ритуалниот, класична пантомима и буто перформанс…
Годинава се одржува 11. издание на “Панфиз”, интернационален фестивал на пантомима и физички театар. Како идеен творец на “Панфиз”, со што овој пат ќе ја привлечете публиката и во што ќе бидете поразлични од минатите години?
Оваа година, публиката ќе има можност да види претстави од четири жанра: детскиот, ритуалниот, класична пантомима и буто перформанс. Се надеваме дека ова ќе биде доволна причина публиката да ужива во фестивалските денови посветени на пантомимата и физичкиот театар.
Со оглед дека секоја година финансиите за организирање на фестивали се реален проблем, дали постои интерес од спонзори да финансираат вакви претстави и како се снаоѓате?
Искрено не сум ни пробал да одам и да барам финансии по фирми и претпријатија… некако не се чувствувам добро ни кога помислувам на тоа, а уште помалку пак да се јавувам и да барам средби со некакви бизнисмени кои можеби никогаш и не влегле во театар. Нашиот фестивал има покровител на наградата, кој сам се јави да помогне и тоа од Париз, каде што живее. Тој е по потекло од Ботевград, Бугарија, и е голем љубител на пантомимата. Можеби средствата не се големи но сепак нам тоа ни е од огромно значење и непроценлива поддршка.Финансиите од Министерството за Култура и Град Скопје секако дека не се доволни, но засега се единствен извор за опстојувањето на фестивалот. Се надеваме дека во иднина оваа поддршка ќе се зголеми и ќе можеме да размислуваме за пошироко издание на фестивалот во секоја смисла.
Со оглед дека и покрај досегашните 10 изданија и учество на театри и пантомимичари од цел свет, сепак овој вид на театар во Македонија како да е недоволно афирирмиран. Дали според вас постои надеж ова да се смени и пантомимата и физичкиот театар во земјава да добијат заслужено место?
Тоа е долг процес и мислам дека ќе потрае уште. Се почнува или би требало да започне од образовните институции кои воспитуваат и едуцираат актери т.е. Факултетите за драмски уметности. За жал, ете ,кај нас не постои тој предмет и не се изучува. Пред десет години се пројави интерес, но се остана на тоа. Фестивалот ја врши својата мисија, но само тој и во ваква форма (скратен) не е доволен. Пак ќе кажам, се надеваме дека доаѓаат подобри услови и времиња.
Има ли меѓу младите актери во Македонија интерес за пантомима и физички театар и дали има публика што го следи овој жанр?
Има, но некако како да се исплашени малку од жанрот, но јас мислам дека некој им пренел погрешни нешта додека студирале. Зошто е тоа така, не знам и не успевам да дознаам. Пред неколку дена, предложив проект пантомима за деца и млади во една наша афирмирана театарска институција, но добив порака дека дел од актерите не се согласиле со таков проект. Што да ви кажам? Со сила не можеш никому да дадеш. Здравје. Што се однесува до публиката, таа од фестивал е се побројна и еве веќе од самата публика има многу луѓе што се пријавија на буто работилницата која ќе се оддржи во тек на фестивалот.
Ова е еден од ретките фестивали на пантомима во регионот, колку се заинтересирани странските пантомимичари и театри да настапат на фестивалот во Скопје?
Фестивалот е можеби единствен на Балканот, па и пошироко. Интересот е огромен… Јас безмалку секој ден добивам по една до две апликации… некои продукции се воглавно уличен театар, циркус и слично, но многу од нив се издржани театарски претстави од светски ранг за кои се потребни многу средства кои ние во овој момент ги немаме. Со подобрен буџет, тврдам дека публиката кај нас би можела да види нешто несекојдневно, атрактивно и фантастично. Можеби, в година.
Според Вас, која е тежината, а која убавината на пантомимата и физичкиот театар?
Па, по мое мислење не постои тежина кога работиш нешто кое те исполнува, а убавината е во невербалната комуникација со публиката која може да те разбере на секој континент, еден универзален јазик на постоењето, уметноста и љубовта помеѓу луѓето. (Д.Т.)
Годинава гости од Грција, Бугарија, Србија и Финска
Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар “Панфиз 2018“ ќе се одржува во два дела од 7 до 9 јули и на 30 септември на малата сцена на Македонскиот народен театар. Фестивалот ќе почне на 7 јули во 20 часот со претставата “Снешкото што не сакаше да се истопи“ на Визуелен куклен театар “Празеин Алога“ од Грција и настап на Емануела Капокаки. На 8 јули ќе има две претстави на уметници од Бугарија – гостуваат “Симург” со Александар Илиев (20 часот) и “Кругот на животот” на Филип Дончев (21:30 часот), а на 9 јули -“Мандрагора“ на Марко Нектан од Србија. На 7 и 8 јули ќе биде одржана и буто-работилница под водство на буто-артистот Марко Нектан од Србија. Вториот дел на “Панфиз” ќе се одржи на 30 септември, кога е најавено гостување на финската атракција „Мимо Арт“ од Хелсинки со претставата „Body Notes“.
Влезот за претставите е бесплатен.
vecer.press / дневен весник ВЕЧЕР