„Охридско лето“ годинава во знакот на различната жанровска театарска естетика на режисерите и продукциите

 

„Охридско лето“ во текот на изминатите педесет и седум години се потврди како реномиран европски фестивал каде се испишани најдобрите и најславните светски уметници. Успешната приказна продолжува и годинава, каде заедно со врвните имиња во светот на музиката, ќе учествуваат и исклучително добри театри со квалитетни драмски проекти.

На фестивалските сцени од 12-ти јули до 20-ти август ќе плени уметноста на бројните музички, драмски, балетски претстави, изложби, како и настани за најмладите. Новините што ќе ги воведеме од ова фестивалскоиздание ќе го продолжат патот на успешната традиција, но и ќе воведат модерна димензија што ќе ја надополни фестивалската историја,  вели директорката на „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.

Драмската програма започнува со претствата „Стаклена Менажерија“

Драмската програма на 58-то издание  на „Охридско лето“ќе биде во знакот на различната жанровска естетика на режисерите и продукциите и ќе понуди проекти за сечиј вкус. Драмскиот дел ќе започне, еден ден по свеченото отворање на фестивалот, на 13-ти јули, со театарската претстава „Стаклена Менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во продукција на Народниот театар од Охрид. Режисер на овој проект е Софија Ристевска Петрушева која на македонската театарска јавност веќе неколку години и е позната по својот алтернативен режисерски ракопис, во кој нема многу простор за “влакна на јазикот”, како и по својата жестокост во одредени претстави – проекти, кои секогаш оставаат впечаток кај гледачот.

-„Стаклена менажерија“ е претстава за комплексите, несигурноста и суровоста на современиот човек, кој сосема ја загубил солидарноста и сочувството кон послабиот. Во ова време на либерален капитализам, хуманоста полека исчезнува. „Стаклена менажерија“ е емоционално патување низ комплексноста на семејните односи. Претставата е болен крик за големата неспособност на човекот да љуби, вели Ристевска.

“Стаклена Менажерија” е едно од најинтересните дела на славниот Тенеси Вилијамс. Тој ја отсликува својата автобиографија во односите помеѓу самите ликови во драмата. Доминантната мајка ги измачува своите деца со нејзините константни планови за иднината.

Театар Комедија Скопје носи премиера на „Охридско лето“

Театарската претстава „Мизантроп“ од Молиер, а во режија на Ана Вукотиќ, актерите од Театар Комедија-Скопје ќе ја изведат премиерно на „Охридско лето, на 19. јули. Оваа сериозна комедија  е поглед во човековата душа на современиците од периодот кога била пишувана во 17 век, но e и магнетна резонанца на нашето време.

Патувањето со нас е како гледање во играта на сенката. Ако се вели дека првата линија била линијата на сенката, нашиот мизантроп подвлекува линија и го поставува онтолошкото прашање: кој е побезбедниот пат – дали умерената лага или ноторната вистина? Во кој од овие два избора демне спасот, и постои ли воопшто вистинска вистина? Дали еуфемизмите на современиот ултра хипер орто и онто човек ќе ја сменат линијата на неговата сенка ако наместо слатки лаги почне да (рас)кажува за нештата какви што се навистина. Но внимателно со иднината, сенката на современиот човек кој пат и да го фати, бездруго, ќе допре до портите на пеколот. Ова е и драматуршка потрага по тоа кој е човекомразецот во пиесата – Алсест или Оронт, или можеби Селимена, Арсиноја…?

Алсест и Филинт, Арсиноја и Селимена, и сите ликови во оваа трагикомедија се драматуршки биполарни, расцепени помеѓу стравот и страста, разумот и срцето. Понекогаш овие борби и ова биполарно растројство знаат да бидат смешни, забавни. А можеби во тоа се состои и лекот и спасот. Смеата! Макар и горчлива, таа ќе нè спаси.

„Смртта на Дантон“ го отвора прашањето –дали денес е воопшто можна револуција

И покрај револуционерните идеи, авторот на драмата „Смртта на Дантон“, Георг  Бихнер  покажува и сомнеж за начинот на спроведување на револуционерните промени. Го поставува прашањето: кога престанува револуцијата? Токму поради тоа дејството во драмата се фокусира на периодот на владеењето и раздорот на самите револуционери.

Суштината лежи во судирот меѓу Дантон и Робеспјер односно меѓу две различни сфаќања за тоа каква би требало да биде државата по спроведената револуција. Дантон од самиот почеток е прикажан како декадентен човек, склон на хедонизам, но неговите политички ставови се либерални и толерантни. Робеспјер пак, се колне во доблеста, за себе тврди дека има чиста совест, но ги убива сите кои размислуваат поинаку од него бидејќи, доблеста мора да владее со помош на терор.

Според драматургот на претставата, Жељка Удовичиќ – Плештина, поради тој егзистенцијален фатализам, поради таквото спознание на еден млад -20 годишен човек,  оваа драма е толку нова и единствена. Покрај тоа, „Смртта на Дантон“, поради користењето на богатиот документарен материјал и монтажата на цитатите и историските извори со авторската интерпретација на темата, во времето кога е напишана предизвикала многу контроверзии и ја чекала праизведбата повеќе од 60 години. Денес ова дело се смета за предвесник на т.н. документарен театар.

-Токму тој факт ни даде можност, но и обврска, со оваа претстава да проговориме за нашата современост. Економската криза нѐ  слабее, социјалните неправди се модус за животот на мнозинството – неолибералниот капитализам безмилосно ги гази нашите егзистенции не оставајќи ни излез, теророт на медиумите ги става на гилотина неподобните, но на хоризонтот не се гледа радикална општествена промена. Го поставуваме прашањето: дали денес револуција е воопшто можна, вели Удовичиќ – Плештина.

Театарската претстава „Смртта на Дантон“ според текст од Георг Бихнер, а во режија на Дино Мустафиќ, на 22-ри јули ќе ја одиграат актерите од Албанскиот театар –Скопје.

„Охридско лето“ ги отвора сцените и за најмладата публика

Единствениот национален театар специјализиран за програмата за деца и млади во Македонија, Театарот за деца и младинци на 26-ти јули на  „Охридско лето“ ќе ја донесе куклената претстава „Тоби“ според текст на Флоријан Зденек, во режија на Драгослав Тодоровиќ.

-Отворајќи ја сцената токму за најмладите кои како дел од општеството ја градат иднината на државата,ќе ја всадиме уметноста во длабочината на детската душа, како и почитта  кон високите уметнички стандарди, вели директорката на фестивалот, Вренцовска.

За режисерот Тодоровиќ, ова е трета соработка со ансамблот на Театарот за деца и младинци.

-Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како ненадминлива препрека. Во тие години никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Меѓутоа ако имате пријателка како госпоѓата Флора, вие, како јазовичарот Тоби ќе се согледате од сосема друг среќен агол со помош на пријателите. И уште нешто: „Никогаш немојте да се китите со туѓите перја. Ќе испаднете смешни“, вели режисерот Тодоровиќ.

„Странци“ – претстава за улогата на технологијата во одредувањето на вистината

Драмски театар –Скопје ќе ја збогати драмската програма на 58-то „Охридско лето“ со театарската претстава „Странци“ од Филипо Болоња, во режија на Нела  Витошевиќ што ќе биде изведена на 29-ти јули.  Станува збор за драма во која седумина пријатели играат игра при што ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отвoрaјќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се  потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе претставување.

„Девојчето со жиците“ – современа драмска опера за виолинистка која сонува слава

„Девојчето со жиците“ е современа драмска опера за виолинистка кој патува со воз низ Европа. Преку нејзиното патување, се исцртува приказната за нејзиниот живот.  На почеток, таа е девојка која сонува и сака да стане славен музичар, но татко ѝ ги потрошил парите за нејзиното школување. Подоцна, таа е зрела жена која сè уште трага по нејзиното место под европското небо, откако целиот свој живот го минува како улична музичарка. Сѐ е на купче. Ја натежнала тешката економска ситуација, комплицираниот однос со пропаднатиот татко, потрагата по место во современа Европа, која сѐ повеќе е социјално исклучувачка, „испредена“ со бодликави жици, ѕидови и секакви ограничувања.  Приказната е универзална и е потсетник на позицијата на бројните надарени поединци, кои и моментално бараат засолниште во кое ќе можат да ги развијат своите потенцијали. „Девојчето со жиците “ е копродукциски проект на СНГ Драма од Љубљана и Moving Music Theatre од Битола. На „Охридско лето“ ќе биде изведена на 7-ми август.

„ Во агонија“ – приказна за искачувањата и падовите во општеството

Познатата драма од Крлежа, дел од трилогијата Глембаеви, е поставена како жесток судир помеѓу тројца луѓе. Во средиштето на приказната за љубовниот триаголник и искачувањата и падовите во општеството, се наоѓа чувствителната и разочарана Лаура Ленбахова. Таа храбро ја издржува имотната и општетвената деградација работејќи во својот кројачки салон и служејќи ги нејзините клиенти, нејзиниот интимен пријател, адвокатот Иван кој успева да се снајде во новонастанатите општествени ситуации и сопругот, баронот Ленбах, поранешен коњанички потполковник и поранешен затвореник. „Во Агонија“ ќе се одигра на 14-ти август во Предворјето на црквата „Света Софија“.

Со „Илијада“ ќе згасне фестивалскиот оган

Честа свечено да го затвори 58-то издание на „Охридско лето“, на 20-ти август,  ја имаат актерите од Словенечкиот Народен театар –СНГ Драма Љубљана, Цанкариев Дом и Градски театар со копродукцискиот проек „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци. Претставата „Илијaда“ е иновативна и величествена. Колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата започнува како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седат на столици, раскажувајќи ја крвавата историја за „Илијада“ на микрофони. Микрофоните не се само за да се збогати звукот на зборовите, туку целата изведба е изградена од музика и поетскиот ритам хексаметар, слично како отчукувањата на срцето и одекот на коњскиот кас. Раскажаниот вовед полека прераснува во едно целосно театарско доживување со универзална релевантна нишка, кое е препознатливо за целата публика.