„Бабец театар “

 

„Валкано крило“ од Чиле победи на „Битолино“
– Утрински весник – 09.08.2013
На третото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал дојдоа 87 гости, а го посетија над 1.100 гледачи
Сунчица Уневска
Во Битола од 5 до 8 август се одржа третото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“, кој оваа година на трите сцени во Центарот за култура во градот под Пелистер донесе дури 87 гости. Бројка на која, дефинитивно, можат да и’ позавидат и многу поголеми фестивали. Во рамките на овој тридневен фестивал беа прикажани осум претстави во официјална конкуренција, во изведба на девет театри од исто толку земји од светот. Гран-прито на Фестивалот го понесе чилеанската претстава „Валкано крило“, која во Битола ја донесе најголемата годинешна атракција. Давид Зуазола, кој е и автор на претставата, и режисер, кој сам ги изработува и куклите и целата неверојатна сценографија, користејќи секакви отпадоци, е вистински магионичар. Во продукција на неговата „Давид Зуазола куклена компанија“ децата, но и возрасните можеа да уживаат во едночасовната приказна за девојката со две крила, која може да биде и ангел и демон, се’ зависи од имагинацијата на децата. Така и напиша жирито во своето образложение за наградата, која се состои од плакета, дека тоа беше најмагичната претстава оваа година, која се издвојуваше со својата грандиозност и амбициозност од сите други, но и она што е најважно, дека и покрај наративноста (а Давид Зуазола зборуваше шпански) успеа да го зароби вниманието на децата од почетокот до крајот. Жирито беше составено од три члена: Сунчица Уневска, претседател, Шехсувар Акташ, актер од Турција, и Јасмина Василева, актерка која работи во Народниот театар во Куманово.Но, и покрај тоа што оваа претстава навистина беше особена, сепак, мора да кажеме дека изборот на селекторката Јулијана Мирчевска-Мавровска беше одличен, бидејќи и другите седум претстави беа многу возбудливи, интересни и квалитетни, кои донесоа многубројни исклучителни изведувачи. Гостите од Бугарија уште еднаш ја потврдија нивната долгогодишна традиција во поглед на куклениот театар. „Трите прасиња“ во изведба на театарот „Ариел“ од Софија, чиј автор е Михаела Тјулева беше неверојатно доживување. Но, публиката со посебно задоволство ја исчекуваше, но и ја прими претставата „Кантервилскиот дух“, која беше направена во копродукција на „Бабец театарот“ од Битола и „Детскиот театар на портите на Нарва“ од Санкт Петербург, Русија. Театрите од Турција и од Хрватска, пак, во нивните изведби направија многу добри споеви на бурлеската, пантомимата и циркуските точки. Претставата на „Березе“ театарот од Истанбул беше насловена „Премногу студено“ и во неа двајца уметници, еден сликар и една музичарка се борат за малиот сноп светлина… Додека „Иглица“ од загрепската „Мала сцена“ со неколку циркуски изведувачи предизвика бурни реакции на детската публика. На годинешното „Битолино“ го видовме и театарот „Артропос“ од Аргентина со претставата „Одеднаш“, чии изведувачи дојдоа во Битола дури од Патагонија. Инаку, фестивалот го отвори „Додона театарот“ од Приштина, Косово, со претставата „Кучето што не знаеше како да лае, а го затвори „Младинскиот театар“ од Сараево, Босна и Херцеговина, со куклената претстава „Приказна за малиот Мук“.Претставите на фестивалот се наменети за деца над тригодишна и над шестгодишна возраст, кои со задоволство присуствуваат и го исчекуваат овој фестивал, за со своите реакции и активно учество да го направат уште поинтересно и позабавно доживување. Во текот на трите дена на големата сцена во Центарот за култура во Битола, на малата сцена и т.н. Нова сцена, имаше над 1.100 гледачи. Гостите од Турција, кои по играта на случајот оваа година дојдоа трет пат, рекоа дека Фестивалот од година во година расте квалитативно и квантитативно. Негов заштитен знак годинава беше пеперутката, а за нејзиниот избор директорот на Фестивалот, Васко Мавровски, рече: „Во Битола и оваа година се случува еден многу редок настан, единствен на територијата на Македонија. Во ова издание тимот кој неуморно цела година работеше на подготовките
за неговата реализација ви ветува крајно разигран ’Битолино‘, распеан и богат, еден грациозен и прекрасен фестивал, лесен и допадлив како летот на пеперутките“. А овој текст ќе го завршиме токму со пораката на организаторите: „Сакајте го театарот!“