Шекспир си отиде од битолскиот театар

По досега најобемното и најсилно по квалитет издание на Битолскиот Шекспир фестивал, кое траеше од 23 до 30 јуни во Битола, и на кое учествуваа 12 претстави од државата и светот.

Под мотото “Пеколот е празен, сите ѓаволи се овде” познатата реплика на ликот Просперо од драмата “Бура”, во Битола од 23 до 30 јуни по шести пат се славеше делото на големиот англиски писател и драматург Вилијам Шекспир. Интернационалниот Битола Шекспир фестивал годинава понуди издание најсилно по квалитет и со најголем број на претстави, дури дванаесет, а на сцената на Битолскиот театар се зборуваше на десет јазици.

“Она што го направи фестивалот посебен е токму програмата во која можеше да се најдат претстави буквално за сечиј вкус. Имавме претстава за најмладите, а за прв пат сонетите на Шекспир беа изведени на акапела концертот предводен од Полската мега ѕвезда Станислав Сојка”, истакна уметничката директорка на Народен театар Битола, Илина Чоревска, сумирајќи ги впечатоците од тукушто завршениот фестивал.

Во осумте фестивалски денови низ градот на конзулите поминаа околу четиристотини уметници од Казахстан, Израел, Полска, Романија, Хрватска и Црна Гора. Претставите беа проследен од над 2400 луѓе, а како што посочуваат надлежните најголема заинтересираност имаше за претставите на театрите во регионот. Посебно внимание предизвика театарот “Гавела” со “Ричард 3” во режија на Александар Поповски, како и Црногорското Народно позориште кое настапи со претставата “Зимска бајка” во режија на Дино Мустафиќ, претстава со која беше затворено годинешново издание на фестивалот.

“За нас како тетарска куќа беше многу значајно присуството на еден од најзначајните театарски режисери во Европа Андреј Жолдак, кој во текот на фестивалот беше тука за да се запознае со нашиот ансанбал и слободно можам да кажам дека беше воодушевен, како што тој вели од искреноста и талентот на екипата. Со него сме во преговори да работи наредната театарска сезона”, додава Чоревска.

За “Вечер прес”, директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ само накратко додаде:

“Имавме многу активни денови, исполнети со многу забава, но пред се тетатар„

vecer.press