Подем на театарот за најмладите во Битола, „Бабец“ ги врати децата во гледалиштето
– Дневник – 19.12.2012
За две години на сцена поставија девет премиери со 87 изведби, имаа голем број гостувања и над 22.000 продадени влезници. Ова е билансот на успехот на битолскиот детски „Бабец театар“, кој повторно ја врати детската публика во театарските сали. Иако најголем дел од проектите ги реализираат со приватни спонзорства, имаат мала заработувачка, а кубурат и со простор, кај нив не спласнува ентузијазмот. Пред Нова година ќе ги израдуваат децата во Битола со две нови претстави – „Трите прасиња и Дедо Мраз“, која ќе ја одиграат во салата на Центарот на култура на 29 декември, а спроти Нова година, на 31 декември, на битолскиот плоштад „Магнолија“ ќе ја изведат претставата „Изгубената снегулка“.Годинава првпат Државниот завод за статистика го вметна „Бабец“ како втор професионален детски театар во Македонија, покрај Театарот за деца и младинци во Скопје. Според истиот завод, покачен е процентот на гледаност на детски претстави за 34,2 проценти во земјава. Kолегите од Скопје тоа го препишаа како своја заслуга, но бројките зборуваат нешто друго, дека театарот „Бабец“ учествува со 17,8 проценти во покачувањето на гледаноста – вели Васко Мавровски, еден од основачите и извршен продуцент на детскиот театар во Битола.Мавровски е актер од Битолскиот театар и продолжува по стапките на својот дедо, познатиот битолски глумец Петар Стојковски Бабец, кој почина пред две години. Бабецот уште во 1968 година ја поведе првата иницијатива за формирање детско-младинска сцена при Народниот театар во Битола и направи над 30 детски претстави. Со оваа идеја ги заразил внукот и неговата сопруга, актерката Јулијана Мирчевска, и во 2010 година овие млади актери го формираа детскиот театар давајќи му го името „Бабец“. Со тоа се пополни долгогодишниот недостиг на детски претстави на битолската сцена.- Така животот ни стана театар посветен на децата. Бизнисот во ова е тргнат настрана. Во град со 80 илјади жители, од кои 30 проценти се невработени, не можеме да разговараме за бизнис – додава Мавровски.Еден од главните проблеми со кои се соочува „Бабец театар“ е недостигот на простор за изведба на претставите. Засега ја користат салата на Центарот на култура, но мора да ја приспособат програмата според активностите на установата. Доставиле барање до Општина Битола, но не добиле одговор.
Жанета Здравковска
Kловнијада во соработка со Русија
„Бабец театар“ во соработка со Државниот детски театар „На портите на народот“ од Санкт Петербург, Русија, ќе подготви копродукциски проект – „Kантервилскиот дух“ според расказот на Оскар Вајлд. Станува збор за претстава без текст, позната како кловнијада во која ќе учествуваат тројца битолски и
тројца руски актери.Претставата ќе се изведе налето во рамките на третото издание на детскиот интернационален фестивал „Битолино“, чиј основач е битолскиот детски театар. Ваквите детски претстави се новина за поширокиот регион