ТЕАТАРОТ НА 58 ОХРИДСКО ЛЕТО – 2018 год.

13.7.2018 Театарска претстава „Стаклена менажерија “

од Тенеси Вилијамс во режија на Софија Ристевска Петрушева
во продукција на Народен Театар – Охрид

– Центар за култура „Григор Прличев“

19.7.2018 Премиера на театарската претстава „ Мизантроп “

од Молиер во режија на Ана Вукотиќ
во продукција на Театар Комедија Скопје, Македонија

– Центар за култура „Григор Прличев“

22.7.2018 Театарска претстава „Смртта на Дантон “

од Георг Бихнер, во режија на Дино Мустафиќ
во продукија на НУ Албански Театар Скопје, Македонија

– Центар за култура „Григор Прличев“

26.7.2018 Театарска претстава „ТОБИ “

според текст на Флоријан Зденек
во режија на Драгослав Тодоровиќ
во продукција на Театар за деца и младинци
Скопје, Македонија

– Центар за култура „Григор Прличев“

29.7.2018 Театарска претстава „Странци “

од Филипо Болоња во режија на Нела Витошевиќ во продукција на НУ Драмски театар, Скопје – Центар за култура „Григор Прличев“

7.8.2018 Театарска претстава „ Девојчето со жиците “

од Марјан Неќак и Маја Хрговиќ
во режија на Марјан Неќак
копродукциски проект на СНГ Драма Љубљана и
Moving Music Theatre, Битола, Македонија

– Двор на ОУ „Св. Климент Охридски“

14.8.2018 Театарска претстава „ Во Агонија“

од Мирослав Крлежа,
авторски проект на: Нела Кочиш, Озрен Грабариќ
и Дарко Стазиќ во продукција на ПУК-Патувачки театар
и Сцена Рибњак – Младински центар Рибњак (Хрватска)

Предворје на црквата „Св. Софија“

20.8.2018 Свечено затворање на фестивалот „Охридско лето“ со театарската претстава

„ Илијада “

од Хомер во режија на Јернеј Лоренци
копродукциски проект на Словенечки Народен Театар–СНГ Драма Љубљана, Цанкариев Дом и Градски Театар

– Антички Театар

Вечерва завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

15.06.2018 Петок

Педесет и третото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Во текот на денот ќе биде соопштена одлуката на жири-комисијата за тоа кој ќе ги понесе годинава наградите. Фестивалот се отвори на 8 јуни во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со претставата на МНТ „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов.

Утревечер во чест на наградените ќе се одигра претставата „Не, сега драга“ (Театар Комедија) по текст на Реј Куни во режија на Коле Ангеловски.

На годинешното издание на фестивалот се 12 претстави од македонските професионални театри кои се во официјалната програма и во трката за награди и за највисокото фестивалско признание – најдобра претстава во целина.

Жири-комисијата е во состав Мими Таневска, актерка и професор на ФДУ, Драган Спасов-Дац, актер и Јасна Новаков, театролог и извршен директор на театарот „Звездара“ од Белград.

Годинашни добитници на наградата за животно дело се композиторот Љупчо Константинов и актерот Петар Арсовски, а наградите свечено им беа доделени традиционално на отворањето на фестивалот.

Вечерва во 19:30 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се одигра и последната претстава која е во трка за награда „Ужегнатост“ (Артопија) во режија на Владимир Милчин. Во рамките на придружната програма гостува Театарот на бугарската армија со претставата „Железниот светилник“ по текст на Димитар Талев во режија на Асен Шопов.

Во изминативе фестивалски денови се одиграа две испитни претстави. Првата е по актерска игра во класата на проф. Мими Таневска и демонстратор Ангелчо Илиевски од ФДУ и втората по актерско мајсторство во класа на проф. Мето Јовановски и асистент Магдалена Ризова Черних од ЕСРА.

Во рамките на придружната програма беше поставена и изложбата на МНТ „Моќта на театарот“, а се одржаа и две трибини на теми „Театарската критика денес“ и „Местото и улогата на драматургот во театрите во Македонија“. Беше промовирана книгата „Во четири очи“ од Борче Грозданов, во која се објавени 28 интервјуа од македонски и светски доајени во театарот.

ГЛЕДАЧ – Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ 

 

ОД СЕВЕРНО МАКЕДОНСКИОТ Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

15.06.2018

Чувствувам потреба јавно да им се извинам на гледачите кои седеа десно од мене и на тие позади, што им попречив во следењето на екстремно угушувачката претстава „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин, со тоа што по триесетина минути од почетокот ги напуштив „трибините“. По кратко време видов дека не сум едниствениот. За мене е иритирачки што ова ми се случи на две од три претстави на овој фестивал. За уште две претстави ми рекоа: „Сигурно немаше да доседиш!“ Тоа многу кажува за овогодинешното издание на овој театарски фестивал, за жал! Ве уверувам дека ова не е само мое мислење. Во принцип, секогаш се трудам, колку и да е досадна претставата, да доседам до крајот, само и само да не им пречам на останатите при излегувањето. Но, проштевајте и имајте разбирање, понекогаш тоа е невозможно. Неиздржливо е! Всушност, и покрај некултурниот момент, можеби тоа е единствениот начин на сите „вмешани“ во креирањето на претставите да им укажеш дека „ружна ви е претставата“. Некој рече: „Владе Милчин неколку години нема режирано, па сега би требало претставата да биде претставиште“. Јас, после тоа што го видов, ќе речам: Подобро да не режира повеќе! Кој сум, пак, јас да давам такви критики кога не сум стручен? Јас сум „Неговото Височество“ – ГЛЕДАЧОТ! И да не заборавам, што се однесува на забавниот дел од фестивалот, кој претставува „придружна програма“ на фестивалот, зборувам за забавите и дружбите на глумците и гледачите во бифето „назад“ во Домот на Културата, вечерва по третпат за шест дена, свиреа „Чакаровци“, благодарение на „одличното“ менаџирање на „Cafe Image“. Немам ништо против „Чакаровци“, меѓутоа во три од шест дена да јадеш грав, едноставно не бива! Глумците ги немаше и вечерва, претпоставувам поради „одличните“ дружби и забави. Почитувани, од театарската фела, во име на „Cafe Image“ и како домаќин, бидејќи прилепчанец, простете поради недомаќинлукот!

Љ.П.

СО ПРЕТСТАВАТА „ЈЕДВАНОСИМСОБОАКАЛОМИСТОБО“ НА САРАЕВСКИОТ ВОЕН ТЕАТАР ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕН ФЕСТИВАЛОТ „ГОЛА  МЕСЕЧИНА“ 2018

 

ГОЛА МЕСЕЧИНА 2018

 

18.06. 2018 „Једваносимсобоакаломистобо“ од Нејра Бабиќ и Алеш Курт, режија: Алеш Курт – Сараевски воен театар САРТР, Босна и Херцеговина

19.06.2018 „Синиот Портокал“ од Џо Пенхол, режија: Александар Ивановски – Театар Џинот Велес

20.06.2018 „Госпоѓа Министерка“ од Бранислав Нушиќ, режија: Душан Јовановиќ – Народен театар Ниш, Србија

21.06.2018 „Умри машки“  од Алдо Николај, режија: Коле Ангеловски  –  Народен Театар Штип

22.06.2018 „Кидај из моје кухиње“ од Реј и Мајкл Куни, режија: Андреа Ада Лазиќ –  Шабачки театар, Србија

23.06.2018 „Дванаесеттата ноќ – спроти Водици“ од Вилијам Шекспир, режија: Дејан Дамјановски – Народен театар „Антон Панов“, Струмица

24.06.2018 20:00 ч.: „Тоби“ (претстава за деца) , режија и адаптација на текст: Драгослав Тодоровиќ – Театар за деца и младинци – Скопје

20:45 ч.: Прогласување на победниците на Фестивалот „Гола Месечина“ 2018

21:00 ч.: Стендап-комедија со Марјан Ѓорѓиевски

  

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА “ВО ЧЕТИРИ ОЧИ“ НА МТФ “ ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ “ ПРИЛЕП

 

13.06.2018 год ВО 12,ООЧ НА ПЛАДНЕ.

ПРОМОЦИЈАТА ЌЕ Е ВО СКЛОП НА МТФ “ ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ “ ПРИЛЕП
ВО ФОЕТО НА ДОМОТ НА КУЛТУРАТА.

13.06.2018 год ВО 12,ООЧ НА ПЛАДНЕ.
ВО КНИГАТА СЕ СОДРЖАНИТЕ МНОГУТЕ РАЗГОВОРИ “ВО ЧЕТИРИ ОЧИ“ НА МНОГУТЕ ДОБИТНИЦИ НА НАГРАДИТЕ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ОВОЈ ФЕСТИВАЛ.
ПОКАНЕТИ СИТЕ!!!
НОВАТА КНИГА НА БОРЧЕ ГРОЗДАНОВ “ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ “ доајени ( е поднаслов) ИНТЕРВЈУА СО НАШИТЕ И СТРАНСКИ ЛИКОВИ КОИ ОСТАВИЛЕ И СЕУШТЕ ОСТАВААТ ПЕЧАТ ВРЗ ГРАДЕЊЕТО НА ТЕАТАРСКАТА УМЕТНОСТ. НЕКОИ ЗА ЖАЛ НЕ СЕ ПОВЕЌЕ СО НАС, НО ОСТАНАА НИВНИТЕ ПОСЛЕДНИ ИНТЕРВЈУА ЗАПЕЧАТЕНИ ЗА СЕКОГАШ ПОМЕЃУ НАШИТЕ ОЧИ

 Улрике Зиха, драматург и драмска авторка во Македонија

 

Улрике Зиха, драматург и драмска авторка од Хамбург, Германија.

Кратка биографија – Улрике Зиха (Визбаден, 1976) е драмска авторка и драматург, живее и работи во Хамбург, Германија. Координатор е на германската секција на европската мрежа ЕУРОДРАМ. Своето знаење и методи за драмско пишување ги споделува на многу меѓународни фестивали за театар и изведбени уметности во Европа и светот. Досега соработувала на претстави во режија на еминентните Alexander Lang, Wolfgang Engel, Konstanze Lauterbach, Matthias Brenner, Johanna Schall, и Peter Kastenmüller. Таа досега има стекнато повеќе престижни награди

Листа на селектирани драмски дела:

“Mao und ich” (i.a. “Mao and I”)
Премиера – Nationaltheater Mannheim, 2013
“Radikale” (i.a. “Radicals”)
Премиера – Theater Cehmnitz, 2012
“Privatleben” (i.e. “Private Life”)
Премиера – Chemnitz, 2008
“Da drängt was” (i.e.”Something Urgent”),
Премиера – Jena Theaterhaus, 2004
“Fremdenzimmer I-III” (i.e.”Hotel Rooms I-III”)
Прв дел – Премиера – Kassel Staatstheater “Hotel Project” како копродукција на Forum Junge Dramaturgie, 2002 / Втор дел – Aachen Theater, Enervé Monologues, 2003 / Трет дел – Theaterdiscounter, Berlin, 2003
“Nomaden” (“Nomads”)
Премиера – Tübingen Landestheater, 2003
“Autofahren in Deutschland” (“On the Road in Germany”)
Премиера – Thalia Theater, Hamburg
“Kunstrasen” (“Artificial Lawn”)
Премиера – Leipzig Schauspiel, 2001

ТОПЛО – ЛАДНО

 

Синоќа бев горда, на она што се случуваше на свеченото отворање на 53 МТФ “Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Во големата сала на Дом на култура “ Марко Цепенков “ немаше празно место за седење, па дури и скалите беа премалку за многубројната публика која дојде да биде дел од овој настан. Во еден миг како да снема воздух и се почувствува голема топлина, Што за едена преголемата сала, во која знае да е дури и ладно, овој пат се беше поинаку. Очигледно самите организатори се најдоа затекнати од големиот број публика. Клима уредите останаа исклучени, а мобилните телефони од публиката не беа исклучени, ни овој пат, за жал.

Како долгогодишен гледач на овој фестивал, не сум ја видела полна салата во толкав број многу години. Само се потсетив на едни убави времиња, на крај на деведестите години, кога беше и буквално преполно. Сето ова добро го заокружи претставата “ Ничија земја “, која тематцки не беше нешто, што не е видено, но актерската екипа на МНТ, не насмеа во тежината на тагата. На едно тогашно, сегашно и идно (не)време, кое сите не демне на секој чеко. Војната…

А додека вечерва, на вториот фестивалски ден, на моето разочарување немаше крај. Искрено жалам што потрошив дел од моето време ако сум вљубеник во уметноста – тетарот.

Не вредеше ни за неколкуте добри моменти во претставата “ Доктор Фауст“ НТ Битола…

Додека ги гледав актерите, и се она што се случувааше на сцената, исмевањето со се и сешто и ништо, За на крај да ни се разголат буквално, и тоа да нема место во ниеден контекст од претставта. Искрено, се прашував зошто оваа претстава е на овој фестивал?! Едноставно, не и е вистинското местото!

Ако голи се раѓаме и голи умираме, не ѐ некое ново открите во и за Европа. А за мене како гледач уште помалку.

ПОСЛЕ ОВАА ПРЕТСТАВА, ИСКРЕНО УШТЕ ПОВЕЌЕ НЕ САКАМ ВО ТАКВАТА  ЕВРОПА. ДА ЈА ГЛЕДАМ ИДНИНАТА!

Гледачот

 

Отворени 53 МТФ – во Прилеп

 

ПРВ ДЕН И ПРВИ ВПЕЧАТОЦИ

Министерот навистина не ги удостои прилепчани, ама затоа заменик министерот ги „удостои“ прилепчани отворајќи го фестивалот со поткревање на панталоните на сцена!
Очигледно партиско замешателство. Прво, не ми е јасно зошто уметничкиот директор на фестивалот не е прилепчанец. Прилепчани немаат соодветни кадри? Или немаме соодветни партиски кадри?

Второ, да не бидам погрешно разбран и да се добие впечаток дека му ги оспорувам актерските квалитети на наградениот за животно дело, Петар Арсовски, меѓутоа симптоматично е што тој кој што по медиумите плукаше и фрлаше пламен по претходната власт, во случајов небитно дали со право или не, веднаш по промената на власта доби награда за животно дело! Токму тој! Можеби грешам, но мојот впечаток е дека ништо се нема променето на тој план, иако многу се ветуваше.

Трето, климите кои живот значат беа мртви! Претпоставувам се штеди.
За претставата „Ничија земја“ не би зборувал, затоа што не сум стручен. Секогаш имало добри и помалку добри претстави, сепак, не би ја гледал повторно, за разлика од „Клетници“. Толку.
Што се однесува на забавниот дел од фестивалот (нели културно-забавен живот), кој вообичаено се случува во бифето „назад“ во Домот на културата, каде што, барем во последниве дваесетина години колку јас со радост го следам фестивалот, и културниот и забавниот дел, сношти не беше баш забавно. Со промената на власта се променија и организаторите на тој забавен дел, каде секогаш имаше одлични дружења и забава. Па така, новите организатори, прочитав „cafe Image“, очигледно не беа дораснати за ваков предизвик. Не сум противник на промени, ама, ако се на подобро.

ИНТЕРВЈУ СО АКАДЕМИК МАТЕЈА МАТЕВСКИ, ГОДИНАШЕН ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ НА СВП

Слава му...

Матеја Матевски е роден во Истанбул, 1929 – 07. 6. 2018 почина Скопје во 89 година од својот живот. Детството го поминал во Гостивар, а студирал во Белград и Скопје, каде завршил Филозофски факултет. Прво работел како наставник по македонски јазик, а потоа како новинар во Радио Скопје. Бил генерален директор на Радио-телевизија – Скопје.

Од 1956 година е член на Друштвото на писателите на Македонија и одреден период ја вршел функцијата негов претседател. Матевски е член на МАНУ каде бил претседател во периодот 2001 – 2004 година.
Во 2011, на јубилејните 50 Струшки вечери на поезијата нему му беше доделен Златниот венец. 
Ги напишал збирките песни: Дождови“(1956), Рамноденица“(1963), Перуника“(1976), Круг“(1977), Липа“(1980), Раѓање на трагедијата“(1985), „Оддалечување“ (1990), „Црна кула“ (1992), „Завевање“ (1996), „Мртвица“ (1999), „Внатрешен предел“ (2000)

Македонската поезија е посебен феномен

Верификацијата на нашата поезија се искажува и афирмира секоја година и секое лето со учество на нашите поети со нивните странски колеги во Струга и на други светски фестивали, како и со нивно редовно објавување во списанија, антологии или книги на други јазици

Вие, г. Матевски сте вториот Македонец по Блаже Конески што се закитува со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Сметате ли дека на Македонија и недостига поголема верификација од досегашните двајца лауреати на струшкиот празник на поезијата?
– По почетокот во 1961 година како македонска и југословенска средба на поетите, нашиот струшки фестивал во 1964 година прерасна во меѓународна манифестација, прво со учество на поети од сите балкански земји, а веќе од следното лето во средба на творци на поезијата од сите континенти. Тој свој космополитски и универзален концепт “Струшките вечери на поезијата” успешно го остваруваат веќе половина столетие, како единствен собир на поетите од светот во непрекинат континуитет. Таквиот карактер го поттикна и воведувањето на меѓународната награда Златен венец, првите години за песна, а потоа почнувајќи со големиот поет Вистан Хју Одн за целокупно творештво, практика што трае до денес – од нобеловците Пабло Неруда и Еуџенио Монтале, потоа на Дагларџа, Сен Гор, Гилвик, Конески, Алберти Лунквист и Рисос, па се до помладите Адонис, Падрон, Амихаи, Михалич, Раби, Левчев, Шалумин, до најмладите нобеловци Јосиф Бродски, Шејмас Хини и други. Ориентацијата на меѓународен карактер на СВП го издвои дури во 1981 година нашиот голем македонски поет Блаже Конески и требаше да поминат уште 30 години Венецот, токму на педесеттиот јубилеј на Фестивалот, да му биде доделен на наш автор, што за мене е посебна чест. Инаку, верификацијата на нашата поезија се искажува и афирмира секоја година и секое лето со учество на нашите поети со нивните странски колеги во Струга и на други светски фестивали, како и со нивно редовно објавување во списанија, антологии или книги на други јазици. Една развиена поезија не може и не запира само на еден, двајца или тројца автори. Неа ја создаваат сите. И нашата, македонската.

Со оглед на Вашето повеќедецениско литератно и поетско искуство, каде и колку го цените местото на македонската поезија во светски рамки?
– Македонската поезија и литература претставуваат своевиден феномен во современата лирика. Тоа е одамна констатирано. Таа за половина век го измина патот од една фолклорна традиција и сензибилитет до поезија на модерна чувственост, јазик и поетички исказ, рамен на високите достигања на современиот свет. Тоа се повеќе се прифаќа и цени вон границите на нашиот јазик, за што сведочи и постојаниот интерес за СВП, за “Рациновите средби”, за другите собири кај нас и за одделни автори.

Македонската поезија и литература претставуваат своевиден феномен во современата лирика. Тоа е одамна констатирано. Таа за половина век го измина патот од една фолклорна традиција и сензибилитет до поезија на модерна чувственост, јазик и поетички исказ, рамен на високите достигања на современиот свет

Речиси неспорен факт е дека поетскиот збор ја губи битката со читаноста, во однос на прозната реч. Според Вас може ли нешто да се измени во овој поглед кај нас?
– Ова е, велат, време на романот. Можеби читателот денес повеќе сака настан, акција, прикажување, што достигна високи дострели во современата проза. Нашата прозна белетристика во доста случаи восхитувачки и на високп естетско ниво им се придружува на овие трендови со што се збогатува мозаикот на нашата литература и култура. Поезијата? Можеби ја губи како што велите битката со читаноста”, но повеќе радува што таа високо стои во битката” на вредностите. Изобилството на мотиви, идеи, сензибилитети, на поетичкиот јазик и исказ го наоѓаат можеби скромно, но сигурно патот до современиот и вистинскиот читател. Верувам дека неговиот сензибилитет се повеќе ќе го доближува до неа. Издаваштвото во помодерни услови и технологии, образованието, библиотеките, медиумите посебно, како и собирите на поетите и читателите, можат да ја подобрат таквата претстава.

Според многумина поетот може и смее да го критикува светот, но не може да го промени. Дали и Вие го имате истиот став?
– Поезијата, за среќа, ги немала, ги нема и не и се потребни моќта и средствата на секоја држава за да ги менува нештата. Нејзино основно средство е јазикот кој ја создава неа и нејзиното чувствување на светот. И кога критички ја доживува современоста, и кога говори за човековите маани и зла, или ги афирмира неговите вредности, таа му ги покажува патиштата кон убавината и среќата. Пред се, во таа своја мисија таа треба да биде отворена, сосема слободна и одговорна пред зборот што го создава и што ја создава неа, како врвен израз на човековиот дух.

Во зародишот на македонскиот театар Вие бевте оној кој често и строго ја верификуваше (не)убавата слика на македонската сцена. Дали тогаш и сега Ви недостасува(ше) поетската реч на штиците што живот значат?
– Самиот театар почна со поезијата (Ајсхил, Софокле, Еврипид) за да продолжи со неа во својот ѕвезден миг (Шекспир), ова се само два клучни примери во неговиот развој, за во 20 век да биде се повеќе поезијата заменувана со прозниот исказ. Но, ако сета литература со своето чувство за убавото е поезија, тогаш тоа треба да биде и денешниот театар. Таквиот историски процес го разбирам и го прифаќам, но прозната структура во јазикот на театарот, на драмата, не треба да значи исклучување на поетското во себе, на поезијата. Тој треба да го сочува својот иманентен карактер. Така ја гледам иднината на театарот, и на поезијата на македонската сцена.

Чувствувајќи се себеси како дел од природата и неа како мој иманентен дел и израз, за неа говорам во сета моја поезија. Тоа го потврдуваат и моите езера, како општа инспирација или како инспирација на Охрид, Струга, Маврово…

Поетот честопати знае да биде сведок на природата. Колку често езерото, Струга и природните убавини на Македонија се инспирацијата за поетот Матеја Матевски?
– Природата, езерото, морето… се вечна тема на поезијата. Таа е постојана во нашата народна поезија, за да добие свој нов поетски израз кај Константин Миладинов, кај Прличев, до нашите денешни поети. Таа неразделност на човекот и природата и нејзините феномени станува голема инспирација и голема метафора за сензибилитетот на поетот и на секој творец. Чувствувајќи се себеси како дел од природата и неа како мој иманентен дел и израз, за неа говорам во сета моја поезија. Тоа го потврдуваат и моите езера, како општа инспирација или како инспирација на Охрид, Струга, Маврово… и како мои и како израз на моето восхитување со нив и како субјективен егзистенцијален исказ на мојот сензибилитет. Ним јас им бев и им останувам верен и благодарен.

Борче ГРОЗДАНОВ

Ѕвона

Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети.
Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сѐ. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.

Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.

Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сѐ е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.

Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.

Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сѐ боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.

Матеја Матевски