КРШЛИВАТА ЛАУРА СО КРИСТАЛЕН ОДСЈАЈ!
Инвалиднината е во умот, го надминува на физикусот “бумот“, кога со кроткост, речиси безгласност ќе го докаже своето постоење, наспроти сиот скршен свет во кој битисува, за да покаже дека постои, отелотворена преку стаклото-кристал алијас Лаура Винфилд…Таа, ќерката, сестрата, напати слугинката на скршената суета, заедно со Анкица Бенинова, танцува, притоа не здробувајќи ништо, освен себеси…
Тивкиот приказ на немоќта, тажниот сјаен поглед, навлажнет од внатрешни солзи,невидливи а присутни, Анкица ги доловува со чудесна гласовмна трансформација, небаре детенце, сеуште неодвоено од Мајчината папочна врвца…
Грижната Лаура е исто толку кршлива, како и малите, за неа живи, животинчиња, од нејзината Стаклена менажерија, неизлечиво вљубена во Танцот, Музиката, Љубовта…
Но, таа, Љубовта не и одвраќа во стварноста, но и ги остава грижата и копнежот, првата поради потребата од нишката-закрпа спротивставена на семејниот распад, а вториот, како доказ за (не) вистинитоста на Светот…
Сите овие компоненти од ликот запишани и навестени од Тенеси Вилијамс, и напати недоисцртани од режијата на Драгана Таневска, на сцената на Струмичкиот театар, со неверојатно скротена внатрешна енергија и извонредно дозирана, во суптилен, нежен, но, “громогласен“ израз, го слика и досликува, гради и надоградува едно мало, наизглед кревко девојче- актерска лавица, актерката Анкица Бенинова!
Честитки, секоја чест!
БОРЧЕ ГРОЗДАНОВ