„Смешно чудовиште“ ги одушеви и децата и членовите на жирито
– Нова Македонија – 12.08.2014
ЧЕТВРТО ИЗДАНИЕ НА ТЕАТАРСКИОТ ФЕСТИВАЛ „БИТОЛИНО“ Над 1.000 љубители на театарската уметност минатата недела во Битола ги следеа претставите на учесниците на 4. издание на детскиот театарски фестивал „Битолино“. Покрај членовите на театарската школа „Бабец“, која е и иницијатор за одржување на оваа манифестација, на фестивалот учествуваа и театри од Италија, Хрватска, Романија, Србија и од Израел. „Битолино 2014“ се одржуваше во големата сала на Центарот за култура, во рамките на битолското културно лето „Битфест“. – Одамна не се памети кога имало толку многу посетители на театарски претстави во Битола. Таква публика, каква што имаше сите три дена, додека траеше фестивалот за деца „Битолино“, им посакуваме и на најреномираните театарски куќи. Иако претставите се играа на разни јазици, сепак сите добро ги разбраа, бидејќи сите актери зборуваа на еден, на јазикот на театарот – вели директорот на фестивалот „Битолино“,Васко Мавровски.ОПРАВДАНИ ОЧЕКУВАЊА Тој додаде дека фестивалот во целост ги оправда очекувањата.- Ова издание беше едно од најдобрите досега. Нашите амбиции беа на годинашниот фестивал да настапат помалку театри, но со висок квалитет, што се покажа како сосема добар потег. Навистина сите три дена, додека траеше фестивалот, видовме неколку извонредни претстави. Годинашното издание на „Битолино“ е најдобра препорака за идното јубилејно издание, кое ќе се одржи петти пат – рече Мавровски.Овој познат актер на Народниот театар-Битола е еден од иницијаторите за неговото одржување.Инаку, годинашниот четврти по ред ИДТФ „Битолино“ почна во понеделникот, 5 август, со „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол на Детскиот културен центар Белград од Србија, во режија на Ања Суша. Оваа интерактивна и едукативна претстава со минималистичка сценографија познатата приказна ја долови на малку поинаков начин, но сепак близок до децата.Во текот на следните денови беа прикажани и претстави од Израел, Романија, Хрватска и од Италија.ГОЛЕМ ИНТЕРЕС Од Израел ја видовме куклената претстава „Кога сѐ беше зелено“ на Дикла Катц и Ави Злича од театарот „Клуч“ од Тел Авив. На големо задоволство на младата публика претставата се одржа двапати.- Тоа е пиеса без зборови, за едно момче и дрво, за децата и возрасните, за зеленилото и бетонот. Оваа претстава учествувала на фестивали во Унгарија, Сенегал и во Јужна Кореја и е добитник на Наградата за најдобар детски мјузикл за 2014 година – рекоа авторите Дикла Катц и Ави Злича.Тие додадоа дека одлично се чувствуваат во Битола и оти им е драго што децата во публиката целосно биле внесени во претставата.Интерес побуди и претставата од Романија „Падобранци“ на Ивица Шимич, во продукција на „Тандарика театар“ од Букурешт. – „Падобранци“ се смета за култно дело на Шимич, кое е одиграно на три континенти на многу светски фестивали, во Сиднеј, Вашингтон, Токио, Лондон. Тоа е претстава што навидум се занимава со гравитацијата, а всушност зборува за животот, кој е испреплетен со подеми и падови и во кој сите по малку сме падобранци – рече Олга Бела.На третиот и последен фестивалски ден ја видовме хрватската претстава „Смешно чудовиште“ на Ана Пролич, во продукција на „Мала сцена“ од Загреб, работена според текстот на јапонскиот драматург Асаја Фуџита. Таа зборува за љубовта меѓу чудовиште и една слепа девојка. Беше прикажана и италијанската пиеса „Елмеровите соништа“ на Џорџо Пузоли, во продукција на „Театар сенка“ од Марцало. Во неа се зборува за едно мало слонче Елмер, кое се бори да ја ослободи саваната од луѓето и нивното ѓубре. ПРИКАЗНА ШТО ОСТАВА БЕЗ ЗДИВ Стручното жири во состав Валдет Рама, актер и режисер од театарот „Додона“ во Приштина, Борис Чоревски, доајенот на битолскиот театар, и Бојана Артиновска-Трпческа, ликовен уметник, најпрестижното признание на фестивалот „Гран-при“ ѝ го додели на претставата „Смешно чудовиште“ на театарот „Мала сцена“ од Загреб, Хрватска. Во претставата улогите ги толкуваа младите глумци Дајана Бјондиќ, Петар Цвирн и Иван Вукелиќ, кои оставија одличен впечаток, а одлична беше и костимографијата.
– Станува збор за детска претстава, која остава без здив, која ќе ве насмее, ќе ве расплаче, ќе ве воодушеви со својата естетика, одличната актерска игра на тројцата актери, прекрасните костими и пред сѐ уникатната приказна, која поставува прашања за тоа како гледаме на другите луѓе, како се препознаваат чудовиштата, по срцето, по ликот или по делата. Оваа претстава беше вистинско уживање да се проследи – изјавија членовите на жири-комисијатаМошне добар впечаток оставија и младите актери на театарското училиште „Бабец“, кое работи во игротеката „Мали генијалци“. Нив ги видовме во претставата „Вреќа полна желби“, под менторство на Јулијана Мирчевска.