вторник, 19 јуни од 20:00 до 21:40
Томас Ланиер Вилијамс III, или човекот познат под псевдонимот Тенеси Вилијамс, во далечната 1945 година ќе доживее голем успех на Бродвеј со праизведбата на неговата пиеса “Стаклена менажерија”.
“Трговецот со ноќни кошмари на Бродвеј,” “заштитникот на отфрлените,” човекот од Југот, Тенеси Вилијамс, тогаш поправо и го започнува своето кралствување низ американските и светските театарски сцени – се’ до денес.
Постановката на ова дело на сцената на струмичкиот театар се случува како последица на сознанието дека и денес, во иста, а можеби и во уште поголема мера – болката и копнежот се супстанци без кои не се може. Исто како и потребата од љубов и потребата од бегство. Вистинската драма не може да се случи на друго место освен во микро-просторот на сопствениот дом, во стаклената купола во која се разлеваат тоновите на џезот, а ликовите на сцената не можат да бидат ништо друго освен наши ближни, можеби заборавени роднини, или, можеби, само наши двојници од некои други животи.
Претставата е обид за пронаоѓање на точката на вкрстување помеѓу сировоста на реалното и чудесноста на замислените и посакуваните светови. Слика на некое современо reality show кое полека и’ се измолкнува на стварноста.
Ацо Гогов, драматург
Режија: Драгана Таневска
Сценографија: Сергеј Светозарев
Костимографија: Ванчо Василев
Драматург: Ацо Гогов
Психодраматичар: Александра Михајловска
Психотерапевт : Габријела Бошков
Улоги:
Аманда Вингфилд – Тинка Ристеска
Лаура Вингфилд, нејзина ќерка – Анкица Бенинова
Том Вингфилд, нејзин син – Коста Ангов
Џим О’Конор – Ванчо Василев