Љупчо КОНСТАНТИНОВ (1946), композитор

Љупчо КОНСТАНТИНОВ

Љупчо Константинов е роден на 11 декември 1946 во Охрид. Дипломирал на Музичка академија во Белград.

МАЈСТОР НА СЦЕНСКАТА МУЗИКА

Љупчо Константинов со своето долгогодишно искуство и фанатична посветеност во потрага по креативното, убавото, по оние тајновити музички тонови и варијации што ја хранат и возвишуваат човековата природа се вбројува во онаа плејада на врвни наши оргинални, автентични творци-уметници, достојни за почит и респект.

Вообичаено за Љупчо Константинов се вели дека е „Необичен човек кој живее во некој свој чудесен свет“. Но за мене тоа е ретка привилегија што ја поседуваат само оние креативци со неверојатен инстинкт и дар божји, кои се би сториле секојдневното сивило да го преточат во возвишен, креативен, музички – уметнички чин. И не случајно во театарските кругови во Љубљана, Марибор, Загреб, Сплит, Дубровник, Подгорица и други културни центри со театрите со кои тој долги години соработува, го нарекуваат „апсолутен гениј“ како креативец т.е. композитор во бројни претстави – театарски спектакли.

За жал, честопати некои наши врвни уметници, културни дејци, повеќе се почитувани и респектирани надвор од нашата земја отколку кај нас. Тој не е човек кој сака да се додворува на кого било или да се саморекламира и велича по разните јавни гласила – медии. Свесен за себе, за она што го носи во себе како креативна вредност, со години патува по бившите ЈУ простори, Германија, Италија, па дури и во Латинска Америка т.е. Колумбија – Богота. Секаде неговиот професионален – креативен ангажман бил високо вреднуван како од критиката така и од театарските соработници. Вистински амбасадор и достоен репрезент на се она што е вековно наталожено и кодирано како ритам и мелос на нашиот човек, преточено во своевиден театарски, сценски и музички израз.

Неговата креативна енергија подеднакво е успешна и респектабилна како во театарот така и во долгометражните играни филмови, бројните ТВ-документарни записи и краткиот игран филм.

За подобро да се запознаеме со креативниот и творечки потенцијал на Љупчо Константинов, со моќта-убавината и уметничкиот израз на неговото музичко творештво и неговиот опус, ќе ни требаат повеќе денови пред се да ги проследиме неговите записи, или да погледнеме некои од филмовите во кои доаѓа до израз неговиот креативен потенцијал – неговиот дар божји, неговиот раскошен талент.

За Г-динот Љупчо Константинов може да се зборува многу, но неговото долгогодишно делување и соработка со бројните театарски и филмски режисери, музичари и актери како кај нас, така и во бившите ЈУ простори и конечно креативниот – уметнички израз, неговиот творечки опус, неговите творби, зборуваат многу повеќе за него од чие било искажување.

Со Почит

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *