ГЛЕДАЧ – Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ 

 

ОД СЕВЕРНО МАКЕДОНСКИОТ Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

15.06.2018

Чувствувам потреба јавно да им се извинам на гледачите кои седеа десно од мене и на тие позади, што им попречив во следењето на екстремно угушувачката претстава „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин, со тоа што по триесетина минути од почетокот ги напуштив „трибините“. По кратко време видов дека не сум едниствениот. За мене е иритирачки што ова ми се случи на две од три претстави на овој фестивал. За уште две претстави ми рекоа: „Сигурно немаше да доседиш!“ Тоа многу кажува за овогодинешното издание на овој театарски фестивал, за жал! Ве уверувам дека ова не е само мое мислење. Во принцип, секогаш се трудам, колку и да е досадна претставата, да доседам до крајот, само и само да не им пречам на останатите при излегувањето. Но, проштевајте и имајте разбирање, понекогаш тоа е невозможно. Неиздржливо е! Всушност, и покрај некултурниот момент, можеби тоа е единствениот начин на сите „вмешани“ во креирањето на претставите да им укажеш дека „ружна ви е претставата“. Некој рече: „Владе Милчин неколку години нема режирано, па сега би требало претставата да биде претставиште“. Јас, после тоа што го видов, ќе речам: Подобро да не режира повеќе! Кој сум, пак, јас да давам такви критики кога не сум стручен? Јас сум „Неговото Височество“ – ГЛЕДАЧОТ! И да не заборавам, што се однесува на забавниот дел од фестивалот, кој претставува „придружна програма“ на фестивалот, зборувам за забавите и дружбите на глумците и гледачите во бифето „назад“ во Домот на Културата, вечерва по третпат за шест дена, свиреа „Чакаровци“, благодарение на „одличното“ менаџирање на „Cafe Image“. Немам ништо против „Чакаровци“, меѓутоа во три од шест дена да јадеш грав, едноставно не бива! Глумците ги немаше и вечерва, претпоставувам поради „одличните“ дружби и забави. Почитувани, од театарската фела, во име на „Cafe Image“ и како домаќин, бидејќи прилепчанец, простете поради недомаќинлукот!

Љ.П.