ИНТЕРВЈУ СО АКАДЕМИК МАТЕЈА МАТЕВСКИ, ГОДИНАШЕН ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ НА СВП

Слава му...

Матеја Матевски е роден во Истанбул, 1929 – 07. 6. 2018 почина Скопје во 89 година од својот живот. Детството го поминал во Гостивар, а студирал во Белград и Скопје, каде завршил Филозофски факултет. Прво работел како наставник по македонски јазик, а потоа како новинар во Радио Скопје. Бил генерален директор на Радио-телевизија – Скопје.

Од 1956 година е член на Друштвото на писателите на Македонија и одреден период ја вршел функцијата негов претседател. Матевски е член на МАНУ каде бил претседател во периодот 2001 – 2004 година.
Во 2011, на јубилејните 50 Струшки вечери на поезијата нему му беше доделен Златниот венец. 
Ги напишал збирките песни: Дождови“(1956), Рамноденица“(1963), Перуника“(1976), Круг“(1977), Липа“(1980), Раѓање на трагедијата“(1985), „Оддалечување“ (1990), „Црна кула“ (1992), „Завевање“ (1996), „Мртвица“ (1999), „Внатрешен предел“ (2000)

Македонската поезија е посебен феномен

Верификацијата на нашата поезија се искажува и афирмира секоја година и секое лето со учество на нашите поети со нивните странски колеги во Струга и на други светски фестивали, како и со нивно редовно објавување во списанија, антологии или книги на други јазици

Вие, г. Матевски сте вториот Македонец по Блаже Конески што се закитува со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Сметате ли дека на Македонија и недостига поголема верификација од досегашните двајца лауреати на струшкиот празник на поезијата?
– По почетокот во 1961 година како македонска и југословенска средба на поетите, нашиот струшки фестивал во 1964 година прерасна во меѓународна манифестација, прво со учество на поети од сите балкански земји, а веќе од следното лето во средба на творци на поезијата од сите континенти. Тој свој космополитски и универзален концепт “Струшките вечери на поезијата” успешно го остваруваат веќе половина столетие, како единствен собир на поетите од светот во непрекинат континуитет. Таквиот карактер го поттикна и воведувањето на меѓународната награда Златен венец, првите години за песна, а потоа почнувајќи со големиот поет Вистан Хју Одн за целокупно творештво, практика што трае до денес – од нобеловците Пабло Неруда и Еуџенио Монтале, потоа на Дагларџа, Сен Гор, Гилвик, Конески, Алберти Лунквист и Рисос, па се до помладите Адонис, Падрон, Амихаи, Михалич, Раби, Левчев, Шалумин, до најмладите нобеловци Јосиф Бродски, Шејмас Хини и други. Ориентацијата на меѓународен карактер на СВП го издвои дури во 1981 година нашиот голем македонски поет Блаже Конески и требаше да поминат уште 30 години Венецот, токму на педесеттиот јубилеј на Фестивалот, да му биде доделен на наш автор, што за мене е посебна чест. Инаку, верификацијата на нашата поезија се искажува и афирмира секоја година и секое лето со учество на нашите поети со нивните странски колеги во Струга и на други светски фестивали, како и со нивно редовно објавување во списанија, антологии или книги на други јазици. Една развиена поезија не може и не запира само на еден, двајца или тројца автори. Неа ја создаваат сите. И нашата, македонската.

Со оглед на Вашето повеќедецениско литератно и поетско искуство, каде и колку го цените местото на македонската поезија во светски рамки?
– Македонската поезија и литература претставуваат своевиден феномен во современата лирика. Тоа е одамна констатирано. Таа за половина век го измина патот од една фолклорна традиција и сензибилитет до поезија на модерна чувственост, јазик и поетички исказ, рамен на високите достигања на современиот свет. Тоа се повеќе се прифаќа и цени вон границите на нашиот јазик, за што сведочи и постојаниот интерес за СВП, за “Рациновите средби”, за другите собири кај нас и за одделни автори.

Македонската поезија и литература претставуваат своевиден феномен во современата лирика. Тоа е одамна констатирано. Таа за половина век го измина патот од една фолклорна традиција и сензибилитет до поезија на модерна чувственост, јазик и поетички исказ, рамен на високите достигања на современиот свет

Речиси неспорен факт е дека поетскиот збор ја губи битката со читаноста, во однос на прозната реч. Според Вас може ли нешто да се измени во овој поглед кај нас?
– Ова е, велат, време на романот. Можеби читателот денес повеќе сака настан, акција, прикажување, што достигна високи дострели во современата проза. Нашата прозна белетристика во доста случаи восхитувачки и на високп естетско ниво им се придружува на овие трендови со што се збогатува мозаикот на нашата литература и култура. Поезијата? Можеби ја губи како што велите битката со читаноста”, но повеќе радува што таа високо стои во битката” на вредностите. Изобилството на мотиви, идеи, сензибилитети, на поетичкиот јазик и исказ го наоѓаат можеби скромно, но сигурно патот до современиот и вистинскиот читател. Верувам дека неговиот сензибилитет се повеќе ќе го доближува до неа. Издаваштвото во помодерни услови и технологии, образованието, библиотеките, медиумите посебно, како и собирите на поетите и читателите, можат да ја подобрат таквата претстава.

Според многумина поетот може и смее да го критикува светот, но не може да го промени. Дали и Вие го имате истиот став?
– Поезијата, за среќа, ги немала, ги нема и не и се потребни моќта и средствата на секоја држава за да ги менува нештата. Нејзино основно средство е јазикот кој ја создава неа и нејзиното чувствување на светот. И кога критички ја доживува современоста, и кога говори за човековите маани и зла, или ги афирмира неговите вредности, таа му ги покажува патиштата кон убавината и среќата. Пред се, во таа своја мисија таа треба да биде отворена, сосема слободна и одговорна пред зборот што го создава и што ја создава неа, како врвен израз на човековиот дух.

Во зародишот на македонскиот театар Вие бевте оној кој често и строго ја верификуваше (не)убавата слика на македонската сцена. Дали тогаш и сега Ви недостасува(ше) поетската реч на штиците што живот значат?
– Самиот театар почна со поезијата (Ајсхил, Софокле, Еврипид) за да продолжи со неа во својот ѕвезден миг (Шекспир), ова се само два клучни примери во неговиот развој, за во 20 век да биде се повеќе поезијата заменувана со прозниот исказ. Но, ако сета литература со своето чувство за убавото е поезија, тогаш тоа треба да биде и денешниот театар. Таквиот историски процес го разбирам и го прифаќам, но прозната структура во јазикот на театарот, на драмата, не треба да значи исклучување на поетското во себе, на поезијата. Тој треба да го сочува својот иманентен карактер. Така ја гледам иднината на театарот, и на поезијата на македонската сцена.

Чувствувајќи се себеси како дел од природата и неа како мој иманентен дел и израз, за неа говорам во сета моја поезија. Тоа го потврдуваат и моите езера, како општа инспирација или како инспирација на Охрид, Струга, Маврово…

Поетот честопати знае да биде сведок на природата. Колку често езерото, Струга и природните убавини на Македонија се инспирацијата за поетот Матеја Матевски?
– Природата, езерото, морето… се вечна тема на поезијата. Таа е постојана во нашата народна поезија, за да добие свој нов поетски израз кај Константин Миладинов, кај Прличев, до нашите денешни поети. Таа неразделност на човекот и природата и нејзините феномени станува голема инспирација и голема метафора за сензибилитетот на поетот и на секој творец. Чувствувајќи се себеси како дел од природата и неа како мој иманентен дел и израз, за неа говорам во сета моја поезија. Тоа го потврдуваат и моите езера, како општа инспирација или како инспирација на Охрид, Струга, Маврово… и како мои и како израз на моето восхитување со нив и како субјективен егзистенцијален исказ на мојот сензибилитет. Ним јас им бев и им останувам верен и благодарен.

Борче ГРОЗДАНОВ

Ѕвона

Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети.
Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сѐ. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.

Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.

Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сѐ е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.

Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.

Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сѐ боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.

Матеја Матевски