Ако почетокот на ПАНФИЗ во минатата година имаше третман на некаков експеримент дотолку повеќе што истиот започна без никаква финансиска подршка од државните институции и локалната самоуправа, дотогаш неговото Второ издание го зајакна оптимизмот на организаторот со скромната, но значајна подршка од Министерството за култура. На Вториот фестивал беа изведени вкупно шест претстави, а беа одржани и работилници со некои од гостите учесници на фестивалот со студентите од Факултетот за драмски уметности од Скопје. Станува збор за мастер класовите шти ги одржаа Герасим Дишлиев од Франција и Адам Дариус од Финска. И овој пат копродуцент на манифестацијата беше МНТ на чија сцена се одржуваа претставите. Фестивалот беше отворен со претставата „Монолози со куфер“ на Герасим Дишлиев од Франција, инаку еден од бројните ученици на Марсел Марсо. Претставата ја потврдува моќта на пантомимата со многу малку реквизити на празна сцена да оживее и да прикаже цел еден свет и живот. Во случајов, актерот ја раскажува приказната на еден човек кој од некоја земја на ридестиот Балкан со само еден куфер во рацете ќе ја побара среќата во белиот свет. Куферот е затворено пространство во кое се трупаат како секојдневни предмети, така и спомени и емоции, но и копнежи и надежи. Дишлиев со својот „куфер“ ги поттикна надежите дека сме на прагот на уште едно успешно фестивалско издание. „Маестрален и максимален“, беше неподелената оценка на публиката за првата претстава со која свечено беше отворен вториот по ред ПАНФИЗ; „Смртта на страшилото“ е насловот на претставата на гостите од Финска, Адам Дариус (режија и кореографија) и пантомимичарот, Казимир Колесник. И покрај напредната возраст А. Дариус се уште е активен и како кореограф и како танчер односно пантомимичар. „Заложната куќа“ е претставата која ја изведоа студентите од трета година од НАТФИЗ „Крсто Сарафов“ од Софија. Во истата доминираше ансамбловата игра на младите изведувачи полни со ентузијазам и полетност во своите креации на најразлични ликови кои ја еманираа својата енергија и љубов преку рампата во гледалиштето. Посетителите на ПАНФИЗ имаа ретка можност да проследат и претстава која ни дојде од далечната Индија. Тоа беше претставата „Три пиеси“ во продукција на „Канглеи мим театарот“. Овие „Три пиеси“ всушност ги обединуваат засебните делови за децата и куклите, потем за пантомимскиот танц со стап и најпосле тука е и темата „Непослушното момче“. Низ трите дела соодевтно беше вграден и дел од индискиот фолклор што на претставата и даваше неспорен шарм и топлина. Ако на Првиот фестивал боите на домашната пантомимска продукција ги бранеше идејниот творец на манифестацијата, Трајче Ѓорѓиев, на ова второ издание таа чест ја имаше актерот Кире Ѓоревски кој го изведе пантомимскиот перформанс „Назад или Напред“ што наиде на убав прием кај фестивалската публика. Како последна претстава беше прикажана „Интер нет воркс“ во продукција на театарот „Рубикон“ од Риека од Република Хрватска. Жирито во состав, Никола Ристановски, актер, Тодор Кузманов, театарски критичар и Снежана Коневска – Руси, актерка одлучи за најдобра да ја прогласи претставата на Герасим Дишлиев „Монолози со куфер“.