професор Христо Петрески
ЗА РАСКАЖУВАЊЕТО, ПАТУВАЊЕТО И СОНУВАЊЕТО
Мал есеј за животот, книжевноста, театарот, филмот…
1.
Да се живее за да се раскажува.
Да, тоа е насловот на авторизираната биографија на еден од најголемите светски писатели, нобеловецот Габриел Гарсија Маркес.
Книгата која веќе подолго време постојано ја чита мојата сопруга, која ја носи на одмор и која е редовно покрај работната маса и креветот.
Токму така: да се живее за да се раскажува, или во преносна смисла: не се живее животот поради живеењето и преживувањето, туку единствено поради раскажувањето! Или, ако уште сакате: не случајно се вели – кој ќе преживее, тој и ќе раскажува…