МОНКЛ

 

професор Христо Петрески

НАМЕСТО НЕКЛАСИЧЕН ВОВЕД

Кон специјалниот, тематски број на списанието СУМ со драмски текстови од пет современи македонски автори

Јас: Преку глава ми е веќе од најразлични, најчесто празни воведи и празноглави воведничари, кои ме потсетуваат на излижани воденичарски камења и бесполезни мелничари…

Двојникот: Внимавај и ти да не станеш дел од нив, зашто раката е подадена, завесата повлечена, мразот тенок и кршлив, а свежата и сочна кора од банана сосема е отворена и се наоѓа токму пред твоите нозе…

Повторно јас: Не, јас нема да пишувам за тоа што е драмски текст, кој го создава и како најдобро се прави тоа, кому служи и дали и денес има потреба од тоа… Знам дека е мошне мачна и неверојатно одговорна таа работа, која најчесто завршува само како мртов и црн текст на хартија… А, сите драмски автори, бездруго, пишуваат драмски текстови за истите да бидат не само прочитани, туку и изведени на сцена!

Повторно двојникот: Но, зарем е тоа малку да бидат драмските текстови прочитани, односно разгледани, пофалени или осудени…

Пак јас: Да, тие можат да бидат покудени, но не и осудени и отфрлени, па дури и објавени и непрочитани, но барем ќе останат како потврда, доказ, сведоштво и аргумент…

Пак двојникот: Драмскиот автор е осуден на молчаливост и анонимност без режисерот, актерите, публиката…

Пак јас: Но, драмските текстови се тука, меѓу кориците на списанието, СУМ-уваат и настојуваат повеќе да привлекуваат и воодушевуваат, отколку со својата самовљубеност и претенциозност на авторите да одбиваат и умуваат…

Пак двојникот: На драмските текстови треба да им се продолжат нивните авторски нозе и раце, зашто не сите имаат свои режисери, директори на театри, претседатели на комисии и министри за култура…

Јас: Се надевам дека барем малку Ве заинтригирав. Ве препуштам на драмските текстови (со и без дијалози, со или без дидаскалии), со современи теми, постапки, школи, техники, правци, проекти и концепти…

Двојникот: (Ре)театрализации, (де)конструкции, пописи и описи, драмски ситуа(к)ции, (не)композиција, трагедии, комедии, чинови, сцени, слики…

Јас: И, што мислиш мој двојнику, ќе бидат ли сега доволни само овие пет драмски мускетари: Венко, Блаже, Томислав, Христо и Трајче?

Двојникот: Не знам дали ќе бидат доволни, но знам дека лично тие петмина ќе бидат презадоволни, некои други (читатели, режисери, директори, братучеди, стрини и тетки) задоволни, а речиси сите други (посебно незастапените автори) неизоставно и задолжително ќе бидат незадоволни!

Јас: Да, но Венко напишал прекрасна драма. Падот на Масада. Не паднал никој од маса, иако можел откако го прочитал или ќе го прочита овој одличен драмски текст. Структурата е мошне необична и оригинална, впрочем како и кај другите драмски мускетари, односно пет македонски драмски де-конструктивисти (воопшто неисти, а згора на тоа) и структуралисти! Венко создал драмски текст во/со/од шест драмски есеи. Дали добро прочитавте и слушнавте? Да, драмски есеи, есеи значи, есеи запомнете…

Двојникот: Додај, тоест допиши дека се тоа есеи за убиството и самоубиството…

Јас: Знам дека ми ги читаш мислите, како инаку и во спротивно – зошто би бил мој двојник ако не е така, но зошто не ме потсетуваш дека треба да го соопштам тоа што прво го помислив откако почнав да го читам овој нов текст на Андоновски… Зарем не помислив и не си реков: Венко е осведочен и (со и без потврди) потврден автор, веќе зрел пишувач кој создава прекрасни, несекојдневни и би рекол неверојатни драмски заплети. Можеби ова време е токму негово, па сме сведоци и сме среќни што сме негови современици, но и негови конкуренти, критичари и гледачи. Како ретко кој, тој знае да ги спротивстави времињата и јунаците, па кај него во овој драмски текст истовремено ќе продефилираат и Христо Узунов, и Адолф Хитлер, и Доктор Гебелс и Ева Браун…

Двојникот: Тој добро го научил, го испекол и си го знае занаетот, но не претерувај со комплименти (пардон, компликации), зашто ќе си ги истрошиш сите, па најубавите зборови нема да ти останат за другите…

Јас: Тука се и терористот, заповедникот на Комитите, Исус, матичарот Вагнер и уште некои, поточно повеќемина други. Но, иако има и дезертер во драмата, авторот воопшто не дезертира, напротив, туку  стоички и достоинствено се справува и излегува на крај и со терористите, и со дезертерите, и со комитите, и со нацистите… Преплетувајќи го и претопувајќи го актуелново совремие со не така далечното минато, но и јунаците кои како да се разликуваат само според тоа во кое време се родиле и како живееле…

Двојникот: А за животот, односно животиштето, како што пежоративно и привлечно вели Блаже Миневски е и следниот драмски текст во овој мал преглед на современата, односно новата македонска драма, над кој што си надвиснат сега и токму ти сега имаш ретка чест и привилегија да бидеш еден од нивните први читатели…

Јас: Да, ги читам истовремено и паралелно и Стале Попов и Блаже Миневски. Тоа ми причинува огромно задоволство, пред се, поради сочниот народен, архаичен јазик, но и поради животните драми и ситуа(к)ции, кои се безвремени и исконски, но и ововремени и актуелни. Ако е точно дека повторувањето е мајка на знаењето, ајде да повторуваме и преповторуваме (но, не и да бидеме повторувачи), за да се потсетиме, но и да не заборавиме! Тоа е Животиштето според сите романи, раскази и други текстови на Стале Попов и Блаже Миневски, вели вториов автор. Не како компилација или сурогат, туку како пригинален ракопис и автентично четиво произлезено од вештите и вредни раце на Миневски. А, Калеш Анѓа, Дилбер Стана, Итар Пејо, како и редица други драмски ликови, се тука не само да ни го потсилат сеќавањето и помнењето, туку и да не потсетат на животот овде и сега!

Двојникот: А, фолклорот, битот, традициите, обичаите…

Јас: Како далечни реминисценции тие одѕвонуваат и се присутни во секој збор и речиси секоја реплика во/од/на Животиштето на Блаже Миневски и неговиот имагинарен коавтор Стале Попов. Му благодариме на хроничарот и драматичарот Миневски за ова нужно и ненаметливо (на)враќање, за овој извонреден и вивисекциски времеплов, за оваа толку сочна и само навидум едноставна драмска игра, која одвај чекаме од писателскиот терен да се пресели на сценскиот мегдан. Веруваме и типуваме дека ќе биде тоа уште едно необично, гледливо и привлечно остварување…

Двојникот: Несекојдневна е и топла монодрамската Облачна исповед и на Томислав Османли…

Јас: Авторот во поднасловот на својот драмски текст (за)пишува: како Киро, багерист од втора категорија и самохран татко, побара уште едно небо! Навистина, исклучително инспирирано и инспиративно, мотивирачки и обврзувачки, ангажирано и визионерски. Наспроти суровата и груба реалност, егзистенцијалистичките потреби кои мошне често не признаваат и не прифаќаат духовни пориви, во овој драмски текст на Османли минуциозно и ненаметливо е прикажано социјалното милје, со елаборација на ранливиот и минливиот семеен живот. Сепак, неговите вредности и пораки се трајни, независно колку ликовите и јунаците се анонимни или знајни!

Двојникот: Дали е тоа фантастика, фантазмагорија, или нешто слично…

Јас: И едното, и другото, и третото…, но и многу повеќе од тоа. И во оваа драма се преплетуваат и проткајуваат повеќе теми и мотиви, односно инспиративни врутоци и нишки, делнични содржини и аспекти, но преовладува и доминира фантастичниот елемент и концепт – како да се создаде фантастичен реализам/фантастична реалност обоена и натопена со живототворни сокови,  универзални пораки и драматуршки резултати…

Двојникот: Читам и не ми се верува: Варијации на не-иста тема…

Јас: Монодрама: Јас – мојата сопруга Деф, но и дуодрама: За тебе и сенката во очите на трет човек… Како стилски, но и драматуршки вежби, на/со/за вечната љубов… (Не)можностите таа да се реализира, а не само да се материјализира, но и авантурите и бегствата притоа…

Двојникот: Нека остане на читањето и прочитаното…

Јас: Нека остане на авто-молчењето, но не и на авто-замолкнувањето… По монодрамата и дуодрамата, повторно во алтернативна и експериментална, но можеби и пообемна и покомплексна драма и сцена…

Двојникот: За крај, зар вистина е крај…

Јас: Ако крајот го краси делото, тогаш СУМ-от нека го краси нелажната скромност и најискрената доблест на писателот и драматург Трајче Кацаров, кој како рицар и воин повторно застанува на бојното драматуршко и сценско поле, со провокативен и вистинит наслов Кабаре баш. Кој не е сосема сигурен во тоа, нека провери, дека станува збор за вистинско кабаре, односно за (како што милува да каже авторот) кабаре баш. Во поднасловот на драмскиот текст, уште се вели: за Кара Дончо, за секого и за никого. Прекрасно срочена синтагма: за некого (се знае точно кој – Дончо Штипјанчето, или Црниот Дончо), но и за сите други, па најнакрај и – за никого! Во тоа и такво посветување и анализирање, односно детализирање и глобализирање, всушност, се крие тајната и на секоја драма, сеедно дали е индивидуална или колективна, зашто таа и кога е лична е општа, човечка и универзална…

Двојникот: Испишана во посмодернистички манир, оваа сатирично-хумористична козерија со кабаретски призвук, главно проличува како дуодрама (Кара Дончо и Баш братот), иако учествуваат и други ликови, а текстот е мошне сериозен и провокативен…

Јас: Кабаре баш е ангажиран драмски текст, комедија со поетско-имагинативни навеви и елементи, лирска и трагична драма која се занимава која се занимава со катадневниот и актуелен маалски ривалитет помеѓу Горно и Долно маало, па добро е што покрај локалното и современо милје се отвораат и универзални и вечни теми, како што се мотивите Горна и Долна земја, задгробниот живот, амбициите на малиот човек, успехот во животот и слично… Покрај историскиот и би рекле епски лик Кара Дончо, наведени сеи имињата на други прототипови и маркери на врвни освојувачи и владари, како егземплари (типични примери и модели) за лидерската борба за лична сатисфакција, но и политичка победа и  власт. Всушност, “Кара Дончо“ е драматуршко сценарио за големите страсти, за кои Андриќ не случајно рекол дека “сите сме жртви на своите страсти“. Во македонската драматургија ретки се и недостасуваат типизираните ликови, а Кара Дончо е типизиран лик. Тој  поседува византиски карактеристики, итрина, снаодливост и непостојаност во одлуките и ставовите… Сижето на овој драмски синопсис ја носи вистината која зборува дека “оној што е роден за Долната земја никогаш не може да биде жител на Горната, односно оној кој што е роден за роб никогаш нема да биде господар; Кара Дончо никогаш нема да биде Александар, а баба Цонка девица“…