ПАНФИЗ – 2008 (10 – 14 МАРТ)

 

Првиот фестивал на пантомима и физички театар во Македонија се одржа како манифестација без финансиска поддршка од Министерството за култура. Покренувач, организатор и селектор на програмата е Трајче Ѓорѓиев и самиот актер и пантомимичар. И покрај редуцираната првобитн а програма и замисла, сепак на ова прво издание на програмата се најдоа седум претстави од жанрот на пантомимата и физичкиот театар. Како коорганизатор на првиот фестивал се јавува МНТ на чија сцена се одигруваа сите седум претстави. Манифестацијата е со натпреварувачки карактер, а одлучено е да се доделува само една награда за најдобра претстава односно остварување, а истата се состои од една слика од познатиот македонски ликовен уметник, Мирослав Масин. Жирито на првиот фестивал работеше во состав: Тодор Кузманов, театарски критичар, Гордана Дејан Поп Христова, кореограф и Дарко Спасов, драматург. Мотото под кое се покренува оваа нова театарска манифестација е интеркултурната размена и потикнувањето и мотивацијата на млади уметнички кадри од земјата во областа на пантомимата и физичкиот театар. Токму во овој контекст паралелно со претставите се предвидува и одржување на работилници, предавања и презентација на разни школи и учесници на фестивалот. ПАНФИЗ – 2008 беше отворен со претставата „Човекот“ во изведба на Трајче Ѓорѓиев. Овој пантомимски перформанс е работен односно базиран на класични пантомимски дела на Марсел Марсо. Станува збор за сцените насловени како, „Кафуле“, „Уличен свирач“, „Суд“, „Кафез“ и „Човекот“. Значи, станува збор за оформување на нашето секојдневие, но паралелно се одигруваат и универзални и филозофски обоени теми, со завидна доза на хумор и комика. Сите посочени теми и дилеми, Трајче Ѓорѓиев со средствата на пантомимата ги понудува во една питка и забавна форма. Притоа, тој постигнува апсолутна препознатливост и јасност така што публиката ги идентификува, ги препознава ситуациите и реагира на истите. „Човекот“ е прва пантомимска претстава на Т. Ѓорѓиев со која тој досега настапувал во повеќе земји (Кина, САД, Германија, Хрватска, Словенија, Бугарија…) Претставата „Хомо луденс“ ја изведе бугарскиот пантомимичар Александар Илиев. Беше тоа една алегориска претстава за човекот и универзумот. Човекот се заигрува и токму играта ќе биде основата од која се создава и се обликува светот. На овој пат, се разбира, се случуваат бројни перипетии, кои Александар Илиев ги изведува со извонредна леснотија и верба. Претставата „Контрасти“ ја изведе „Непостоечкиот театар“ од Романија, а во неа настапија Дана Кавалеру и Ричард Бовноцки. Во нивниот перформанс се комбинираат пантомимата и танцот со многу оригинални сценски решенија во приказната за мажот и жената кои се будат во ист кревет обидувајќи да се сетат каде порано се виделе односно се сретнале. Претставата изобилува со многу хумор во прикажувањето на спротивностите меѓу мажот и жената во секојдневниот живот, но и на јавната општествена сцена. Пантомимичарот од Јапонија, Акира Шимизу ја изведе претставата „Златната тишина“ успевајќи да ги плени и восхити гледачите со својата виртуозна изведба. Втората театарска трупа од Романија „Караван арт“ се претстави со шоуто „Флерт“ во изведба на Андреа Падурару и Михаил Баранга. Тие беа максимални во сликањето на чинот на заведувањето и барањето на сопатник, како комедија која се одигрува во пет чекори. Како македонско-бугарска копродукција трупата „Полихимнија“ ја изведе претставата „Харакири“ со Д. Вељиќ, В.Арев и К. Трајковски, а како последна претстава на првиот ПАНФИЗ Театарот за пантомима од САД ја изведе „Елементарни приказни“ на Рик Вејмер. Беше тоа мал серијал на класични и модерни пантомиски вињетки во кои некогаш преовладува лиричноста, а другпат комичноста, илузијата…

дел од Монографијата по повод 10 години ПАНФИЗ