„Фигуре венерис хисторе“ на отворањето на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018

 

Со претставата „Фигуре венерис хисторе“ на Горан Стефановски, во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, во режија на Наташа Поплавска, на 11 мај во петок, ќе започне 20-тото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018, соопштија организаторите на фестивалот на денешната пред конференција.

„Учесниците на Фестивалот кој е од натпреварувачки карактер, годинава ќе ги оценува меѓународно жири предводено од нашиот театарски доајен Коле Ангеловски и членовите Нина Мазур од Германија и актерката Весна Петрушевска. Покрај претставите, во рамки на ова јубилено издание, ќе има и дополнителни содржини. Непосредно пред свеченото отворање, во фоајето на Народниот театар во Битола ќе биде отворена изложба на фотографии по повод 20 години од постоењето на фестивалот од нашиот сограѓанин, новинар и хроничар Петар Ставрев, насловена како „Низ фотографскиот светоглед“. На 14 мај ќе се одржи промоција на книгата „Со вкус на овошен сладолед“ на театрологот Трајче Кацаров“, рече в.д. директорот на Центарот за култура Зоран Димовски.

Селекторот Петар Мирчевски истакна дека за овој фестивал навистина има голем интерес од страна на актерите кои работат монодрами од цела Европа, но поради финансиските ограничувања, се гледа да се направи селекција од најдоброто понудено и возможно, за да гостуваат квалитетни претстави за фестивалот.

„Драго ми е што и годинава ќе има барем една домашна претстава, иако станува збор за приватен проект, а тоа е претставата

„Јас,Селма“, во изведба на актерката Симона Спировска .

За Гран при наградата ќе се борат и Шовги Гусеинов од Азербејџан, со претставата „Контрабас”,

Тјаша Ферме од САД, со претставата „Дивото дете во градот”,

Матеуш Новак од Полска, со претставата „Однапред и одназад”,

Миxаил Милчев од Бугарија со претставата „Мадам Мишима”,

Среќко Марчета од Босна со претставата „Големо е моето срце”,

Александер Аладишев од Русија со претставата „Сништата на Хамлет”

Тарик Филиповиќ од Хрватска со претставата „Ќиро Блажевиќ“, истакна селекторот Петар Мирчевски.

20-тиот Интернационален фестивал на монодрама Битола 2018 годинава ќе се одржува од 11-15 мај, на кој ќе бидат прикажани 9 театарски претстави, од кои 8 ќе бидат монодрами и ќе се натпреваруваат за наградата Гран при на фестивалот. Министерството за култура во рамките на годишната програма за Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018 одвои 400.000 денари, а Општина Битола му додели 100.000 денари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *