Велешкиот театар “Јордан Х.К-Џинот”, во мај ќе настапи на три интернационални театарски фестивали во Бугарија и Русија. Со претставата “Шумата на моето дрво” од Сашо Димоски, во режија на Александар Ивановски, а во копродукција со “Северно од Импакт”, театарот на 15 мај ќе игра на Интернационалниот театарски фестивал “Тара-ра-бумбиа” во Благоевград, Бугарија.
На 17 мај, театарот ќе настапи и на Интернационалниот театарски фестивал на претстави за деца “Волшебната завеса” во Трговиште, Бугарија со претставата за деца “Волшебникот од Оз” од Л.Френк Баум, во режија на Александар Ивановски.
Од 25-ти до 31-ви мај, пак, со комедијата “Вдовицата се мажи” според “Мечка” на Антон Павлович Чехов во режија и адаптација на Младен Крстевски, Велешкиот театар ќе настапи и на Интернационалниот театарски фестивал “Руска класика – Лобња” во Москва, Русија.