„Бабец театар“

Место повеќе за театарските претстави на театрите од Хрватска и Шведска
– Макфакс – 06.08.2015
Во средата, во Центарот за култура во Битола официјално беше отворен ИДТФ Битолино 2015 кој оваа година слави јубилеј од пет години од своето постоење. Првиот фестивалски ден започна со претстава која е во официјална конкуренција на долгогодишните пријатели на ИДТФ Битолино а воедно и минатогодишните победници на фестивалот „Мала Сцена“ од Загреб, Хрватска. Претставата е со наслов „Не, не ти! Или за разликите“ во режија на Нора Крстуловиќ. Како и секоја година така и оваа Мала Сцена дојде со претстава која носи многу голема порака и е посветена на проблемите со кои одредени деца се среќаваат. Битолската публика досега во нивна продукција имаше можност да гледа претстави посветени на малолетничката деликвенција, претстава за децата со посебни потреби а минатата година на сцената во Битола за прв пат настапија со претстава во која главната улога ја толкуваше слепа актерка. Оваа година се занимаваат со проблемот на децата со епилепсија, односно за разликите помеѓу децата, игрите, луѓето, зошто некои деца смеат и можат се, а некои не, всушност ова не е приказна со почеток и крај, ова е една игра, театарска игра во која се прашуваме: Зошто ти неможеш? Но не го прифаќаме одговорот: Ете така НЕ! А бараме објаснување за него. Претставата беше наменета за деца поголеми од 7 години,Честа да го отворат свечено петтото издание на ИДТФ Битолино им припадна на децата од театарската школа „Бабец“ со краткиот перформанс создаден по идеа и текст на Јулијана Мирчевска со наслов „Тажната Нула“. Оваа приказна беше пренесена низ играта на 15 деца кои низ комични и лирични моменти покажаа дека иако малечки се свесни за светот во кој живееме и дека почитта едни меѓу други не прави само посилни а со тоа и помоќни да создаваме подобар свет. За крај на првиот фестивалски ден се одигра претставата „Звучи – Зун Зун!“ во продукција на театарот од Лунд, Шведска SAGOHUSET што во превод значи „Дом на бајките“. Театарот е формиран во 1987 година и тематски е посветен на Конвенцијата на Обединетите Нации за правото на секое дете да биде вклучено во културни настани, со други зборови претставите на овој театар се гласот на безгласните на оние кои во реалниот живот не се главни јунаци, на обесправените, на оние кои никогаш не добиле вистинска шанса. Овој театар секоја година има повеќе од 400 изведби на свои претстави во јужниот дел на Шведска и насекаде низ светот. Претставата „Звучи – Зун Зун!“ заедно со децата ја истражува музиката, животот, движењата, емоциите, тишината и мирот. Еден актер, музичарка и танчерка не водат низ нивниот свет наречен Зун Зун и се инспирација за родителите и стручните лица за тоа како треба да се работи со мали деца.Денеска на програмата на Битолино во 18:30 часот на Новата сцена при Н.У. Центар за култура Битола ќе биде изведена претставата „Четири басни и Кралицата“ која е во режија на Рути Тамир а во продукција на Ruti Tamir Mime and Theater Company од Модин, Израел, а додека пак во 20 часот во големата сала при Н.У. Центар за култура Битола ќе се изведи претставата „Гласно и тивко“ во режија на Моника Зухрер и Клаус Сивалд а во продукција на Theater Feuerblau од Грац, Австрија. Влезот за сите претстави е слободен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *