„Бабец театар“

 

Бројна публика и многу насмеани детски лица на седмото Битолино
– ТВ Тера – 15.08.2017
Со театарската претстава „Снежана и седумте џуџиња“ во изведба на театарската школа при Бабец театарот Битола, се спушти завесата на седмото издание на Битолино. Одлична претстава и 480 насмеани лица. Исполнета сала на народниот театар и прекрасна атмосфера.
Сонувај сон, свој сопствен сон, беше мотото на Битолино.
– Многу емоции и задоволни деца-изјавиja oрганизаторите. Првиот ден беше отворен со претставата Јованче и Марика, претстава работена според приказната на Браќа Грим, во режија на Васко Мавровски, дизајн Благој Мицевски, сцена Цветан Јовановски, светло Игор Мицевски.Во претставата играа – Јулијана Мирчевска, Валентина Грамосли, Никола Пројчевски и Петар Спировски.
Дел од фестивалот беа и Важноста на театарот за децата, театарска работилница, сценско движење со која раководи српскиот актер Милан Пајиќ, претставата гостување од Бугарија-Крушата Рагаца, после која следуваше театарска група од Битола .Третиот ден продолжи со Гестот позборлест од зборот, после што следуваше претставата Фантазија и мимика, на театар студио Нада од Рума, Србија.Дел од годинешното изднаие на фестивалот беше и изложбата на Ивана Кочов, насловена „Сакам да сонувам”.
Театарската игра е магија, но кога на сцената се играат претстави за деца тогаш таа е повозбудлива.
Инаку организаторот, Бабец театарот, е можеби единствениот детски театар во земјава, кој што толку трпеливо и упорно работи на својот сон.Во 2010-тата се роди овој театар, со премиера на претставата Готвејќи го Шекспир. 5 години подоцна на конгресот на светската асоцијација на детски театри во Индија со 143 гласови За, Бабец театарот стана член на големото семејство на детски театари. Успешната приказна, продолжува и денес. Оваа година фестивалот траеше од 7- ми до 9- ти август.

Петар Стојанов актер

Во прво лице

ЗЛОТО ЌЕ ГО ПРЕДИЗВИКАМ НА ДВОБОЈ!

1. ЗА СЕБЕ Не знам многу работи за себе – секојдневно учам. Се трудам да бидам секогаш искрен и да делам љубов, разбирање и позитивна енергија на луѓето околу мене.

2. ЗА ЉУБОВТА: Мораме внимателно да ја чуваме и разменуваме. Таа е медот на животот. Без неа сме ,,тапи суштества”.

3. ЗА ЖИВОТОТ: Чудесна работа.

4. ЗА ТЕАТАРОТ: Сè за него.

5. ЗА ДОБРОТО: Исто така.

6. ЗА ЗЛОТО Ќе се борам со него, ќе го предизвикам на двобој!

7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ Нека се живи и здрави. Сè се враќа – сè сe плаќа. – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Живи, здрави, среќни и весели. САМО НАПРЕД.

8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ Хаха, паа, се наоѓа понекогаш.

9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА Добра е. После кратко време се зајакнува имунитетот од неа.

10. ЗА КОЛЕГИТЕ Еден куп успешни проекти.

11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ Ќе бидат (се надевам). Рано е уште.

12. ЗА ИДЕЈАТА Разработи ја и реализирај ја.

13. ЗА СОНОТ Без сон животот нема цел. Мораме да сонуваме.

14. ЗА ЈАВЕТО Треба само да работиме за да го подобриме.

15. ЗА ВИНОТО In vino veritas – ,,велеа старите” .

16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО Извор на топлина и љубов. Без нив – ништо.

17. ЗА Мамма миа? Прекрасен проект и процес кој ќе го паметам секогаш. Ми се случи токму тогаш кога ми беше најпотребно, и воопшто не се штедев. Правев и правам се со ОГРОМНА ЉУБОВ.

18. ЗА КРАЈ? Ве поканувам на Дипломска претстава на класата на проф. Зоја Бузалковска. На 26ти и 27ми Март во Македонскиот Народен Театар. Ви благодарам за прашањата. СЕ НАЈДОБРО!!!

МОНКЛ

 

професор Христо Петрески

НАМЕСТО НЕКЛАСИЧЕН ВОВЕД

Кон специјалниот, тематски број на списанието СУМ со драмски текстови од пет современи македонски автори

Јас: Преку глава ми е веќе од најразлични, најчесто празни воведи и празноглави воведничари, кои ме потсетуваат на излижани воденичарски камења и бесполезни мелничари…

Двојникот: Внимавај и ти да не станеш дел од нив, зашто раката е подадена, завесата повлечена, мразот тенок и кршлив, а свежата и сочна кора од банана сосема е отворена и се наоѓа токму пред твоите нозе…

Повторно јас: Не, јас нема да пишувам за тоа што е драмски текст, кој го создава и како најдобро се прави тоа, кому служи и дали и денес има потреба од тоа… Знам дека е мошне мачна и неверојатно одговорна таа работа, која најчесто завршува само како мртов и црн текст на хартија… А, сите драмски автори, бездруго, пишуваат драмски текстови за истите да бидат не само прочитани, туку и изведени на сцена!

Повторно двојникот: Но, зарем е тоа малку да бидат драмските текстови прочитани, односно разгледани, пофалени или осудени…

Пак јас: Да, тие можат да бидат покудени, но не и осудени и отфрлени, па дури и објавени и непрочитани, но барем ќе останат како потврда, доказ, сведоштво и аргумент…

Пак двојникот: Драмскиот автор е осуден на молчаливост и анонимност без режисерот, актерите, публиката…

Пак јас: Но, драмските текстови се тука, меѓу кориците на списанието, СУМ-уваат и настојуваат повеќе да привлекуваат и воодушевуваат, отколку со својата самовљубеност и претенциозност на авторите да одбиваат и умуваат…

Пак двојникот: На драмските текстови треба да им се продолжат нивните авторски нозе и раце, зашто не сите имаат свои режисери, директори на театри, претседатели на комисии и министри за култура…

Јас: Се надевам дека барем малку Ве заинтригирав. Ве препуштам на драмските текстови (со и без дијалози, со или без дидаскалии), со современи теми, постапки, школи, техники, правци, проекти и концепти…

Двојникот: (Ре)театрализации, (де)конструкции, пописи и описи, драмски ситуа(к)ции, (не)композиција, трагедии, комедии, чинови, сцени, слики…

Јас: И, што мислиш мој двојнику, ќе бидат ли сега доволни само овие пет драмски мускетари: Венко, Блаже, Томислав, Христо и Трајче?

Двојникот: Не знам дали ќе бидат доволни, но знам дека лично тие петмина ќе бидат презадоволни, некои други (читатели, режисери, директори, братучеди, стрини и тетки) задоволни, а речиси сите други (посебно незастапените автори) неизоставно и задолжително ќе бидат незадоволни!

Јас: Да, но Венко напишал прекрасна драма. Падот на Масада. Не паднал никој од маса, иако можел откако го прочитал или ќе го прочита овој одличен драмски текст. Структурата е мошне необична и оригинална, впрочем како и кај другите драмски мускетари, односно пет македонски драмски де-конструктивисти (воопшто неисти, а згора на тоа) и структуралисти! Венко создал драмски текст во/со/од шест драмски есеи. Дали добро прочитавте и слушнавте? Да, драмски есеи, есеи значи, есеи запомнете…

Двојникот: Додај, тоест допиши дека се тоа есеи за убиството и самоубиството…

Јас: Знам дека ми ги читаш мислите, како инаку и во спротивно – зошто би бил мој двојник ако не е така, но зошто не ме потсетуваш дека треба да го соопштам тоа што прво го помислив откако почнав да го читам овој нов текст на Андоновски… Зарем не помислив и не си реков: Венко е осведочен и (со и без потврди) потврден автор, веќе зрел пишувач кој создава прекрасни, несекојдневни и би рекол неверојатни драмски заплети. Можеби ова време е токму негово, па сме сведоци и сме среќни што сме негови современици, но и негови конкуренти, критичари и гледачи. Како ретко кој, тој знае да ги спротивстави времињата и јунаците, па кај него во овој драмски текст истовремено ќе продефилираат и Христо Узунов, и Адолф Хитлер, и Доктор Гебелс и Ева Браун…

Двојникот: Тој добро го научил, го испекол и си го знае занаетот, но не претерувај со комплименти (пардон, компликации), зашто ќе си ги истрошиш сите, па најубавите зборови нема да ти останат за другите…

Јас: Тука се и терористот, заповедникот на Комитите, Исус, матичарот Вагнер и уште некои, поточно повеќемина други. Но, иако има и дезертер во драмата, авторот воопшто не дезертира, напротив, туку  стоички и достоинствено се справува и излегува на крај и со терористите, и со дезертерите, и со комитите, и со нацистите… Преплетувајќи го и претопувајќи го актуелново совремие со не така далечното минато, но и јунаците кои како да се разликуваат само според тоа во кое време се родиле и како живееле…

Двојникот: А за животот, односно животиштето, како што пежоративно и привлечно вели Блаже Миневски е и следниот драмски текст во овој мал преглед на современата, односно новата македонска драма, над кој што си надвиснат сега и токму ти сега имаш ретка чест и привилегија да бидеш еден од нивните први читатели…

Јас: Да, ги читам истовремено и паралелно и Стале Попов и Блаже Миневски. Тоа ми причинува огромно задоволство, пред се, поради сочниот народен, архаичен јазик, но и поради животните драми и ситуа(к)ции, кои се безвремени и исконски, но и ововремени и актуелни. Ако е точно дека повторувањето е мајка на знаењето, ајде да повторуваме и преповторуваме (но, не и да бидеме повторувачи), за да се потсетиме, но и да не заборавиме! Тоа е Животиштето според сите романи, раскази и други текстови на Стале Попов и Блаже Миневски, вели вториов автор. Не како компилација или сурогат, туку како пригинален ракопис и автентично четиво произлезено од вештите и вредни раце на Миневски. А, Калеш Анѓа, Дилбер Стана, Итар Пејо, како и редица други драмски ликови, се тука не само да ни го потсилат сеќавањето и помнењето, туку и да не потсетат на животот овде и сега!

Двојникот: А, фолклорот, битот, традициите, обичаите…

Јас: Како далечни реминисценции тие одѕвонуваат и се присутни во секој збор и речиси секоја реплика во/од/на Животиштето на Блаже Миневски и неговиот имагинарен коавтор Стале Попов. Му благодариме на хроничарот и драматичарот Миневски за ова нужно и ненаметливо (на)враќање, за овој извонреден и вивисекциски времеплов, за оваа толку сочна и само навидум едноставна драмска игра, која одвај чекаме од писателскиот терен да се пресели на сценскиот мегдан. Веруваме и типуваме дека ќе биде тоа уште едно необично, гледливо и привлечно остварување…

Двојникот: Несекојдневна е и топла монодрамската Облачна исповед и на Томислав Османли…

Јас: Авторот во поднасловот на својот драмски текст (за)пишува: како Киро, багерист од втора категорија и самохран татко, побара уште едно небо! Навистина, исклучително инспирирано и инспиративно, мотивирачки и обврзувачки, ангажирано и визионерски. Наспроти суровата и груба реалност, егзистенцијалистичките потреби кои мошне често не признаваат и не прифаќаат духовни пориви, во овој драмски текст на Османли минуциозно и ненаметливо е прикажано социјалното милје, со елаборација на ранливиот и минливиот семеен живот. Сепак, неговите вредности и пораки се трајни, независно колку ликовите и јунаците се анонимни или знајни!

Двојникот: Дали е тоа фантастика, фантазмагорија, или нешто слично…

Јас: И едното, и другото, и третото…, но и многу повеќе од тоа. И во оваа драма се преплетуваат и проткајуваат повеќе теми и мотиви, односно инспиративни врутоци и нишки, делнични содржини и аспекти, но преовладува и доминира фантастичниот елемент и концепт – како да се создаде фантастичен реализам/фантастична реалност обоена и натопена со живототворни сокови,  универзални пораки и драматуршки резултати…

Двојникот: Читам и не ми се верува: Варијации на не-иста тема…

Јас: Монодрама: Јас – мојата сопруга Деф, но и дуодрама: За тебе и сенката во очите на трет човек… Како стилски, но и драматуршки вежби, на/со/за вечната љубов… (Не)можностите таа да се реализира, а не само да се материјализира, но и авантурите и бегствата притоа…

Двојникот: Нека остане на читањето и прочитаното…

Јас: Нека остане на авто-молчењето, но не и на авто-замолкнувањето… По монодрамата и дуодрамата, повторно во алтернативна и експериментална, но можеби и пообемна и покомплексна драма и сцена…

Двојникот: За крај, зар вистина е крај…

Јас: Ако крајот го краси делото, тогаш СУМ-от нека го краси нелажната скромност и најискрената доблест на писателот и драматург Трајче Кацаров, кој како рицар и воин повторно застанува на бојното драматуршко и сценско поле, со провокативен и вистинит наслов Кабаре баш. Кој не е сосема сигурен во тоа, нека провери, дека станува збор за вистинско кабаре, односно за (како што милува да каже авторот) кабаре баш. Во поднасловот на драмскиот текст, уште се вели: за Кара Дончо, за секого и за никого. Прекрасно срочена синтагма: за некого (се знае точно кој – Дончо Штипјанчето, или Црниот Дончо), но и за сите други, па најнакрај и – за никого! Во тоа и такво посветување и анализирање, односно детализирање и глобализирање, всушност, се крие тајната и на секоја драма, сеедно дали е индивидуална или колективна, зашто таа и кога е лична е општа, човечка и универзална…

Двојникот: Испишана во посмодернистички манир, оваа сатирично-хумористична козерија со кабаретски призвук, главно проличува како дуодрама (Кара Дончо и Баш братот), иако учествуваат и други ликови, а текстот е мошне сериозен и провокативен…

Јас: Кабаре баш е ангажиран драмски текст, комедија со поетско-имагинативни навеви и елементи, лирска и трагична драма која се занимава која се занимава со катадневниот и актуелен маалски ривалитет помеѓу Горно и Долно маало, па добро е што покрај локалното и современо милје се отвораат и универзални и вечни теми, како што се мотивите Горна и Долна земја, задгробниот живот, амбициите на малиот човек, успехот во животот и слично… Покрај историскиот и би рекле епски лик Кара Дончо, наведени сеи имињата на други прототипови и маркери на врвни освојувачи и владари, како егземплари (типични примери и модели) за лидерската борба за лична сатисфакција, но и политичка победа и  власт. Всушност, “Кара Дончо“ е драматуршко сценарио за големите страсти, за кои Андриќ не случајно рекол дека “сите сме жртви на своите страсти“. Во македонската драматургија ретки се и недостасуваат типизираните ликови, а Кара Дончо е типизиран лик. Тој  поседува византиски карактеристики, итрина, снаодливост и непостојаност во одлуките и ставовите… Сижето на овој драмски синопсис ја носи вистината која зборува дека “оној што е роден за Долната земја никогаш не може да биде жител на Горната, односно оној кој што е роден за роб никогаш нема да биде господар; Кара Дончо никогаш нема да биде Александар, а баба Цонка девица“…

РАЗГОВОР СО АКТЕРОТ ШОВГИ ХУСЕИНОВ ОД АЗЕРБЕЈЏАН, ДОБИТНИК НА ГРАН ПРИ НА МОНО-ФЕСТ БИОТОЛА 2018

 

КРАЈНАТА ЦЕЛ НА ТЕАТАРОТ Е ДА СЕ ДОПРЕ ДУШАТА!

Во вашиот “ Контрабас“ покрај сета комичност, на пиедестал ја ставате метафизиката на Љубовта. Дали беше и Вашата конечна определба?

Шовги: Тоа не беше само моја желба туку и желба и интенција на режисерката на претставата Ирена Александровна Перлова… инаку народен уметник на Азербејџан, веќе за жал почината, и ние обајцата тргнавме од таа појдовна точка -Љубовта. Нашот херој, покрај тоа што свири, игра и пее, за цело време на дејствието зборува и живее за Љубовта. И покрај тоа што е само навидум еден обичен, мал човек…

Кога сме на оваа тема, кажете ни, каква е судбината на малиот човеке во Азербејџан?

Шовги: Иста како и секаде. Малиот човек, генерално, како секогаш и секаде има големи проблеми. Но тие, за него се нешто без што не се може, без кои не би му бил интересен животот.

Веќе две децении сте сам пред публиката, какво е чувството кога ќе се “соголите“, но и кога ќе ја почувствувате повратната енергија?

Шовги: Нашата професија е жива, и иако се обидувам да не играм директно со публика, возвратната енергија што, сепак, ја чувствувам е секогаш различна. Некогаш те “влече“ да играш со повеќе емоции, некогаш те тера од празнината да правиш дејствие… Затоа, е интересна нашата жива пофресија – никогаш не знаеш во кој правец може да те одвлече. Што се однесува до чистата енергија таа не се објаснува, туку се чувствува. Ете, тоа чувство те тера секогаш и одново да играш како да е прв пат. Целата е да и служиме на Уметноста, а преку неа и на Гледачот, се разбира.

Често пати се вели дека актерот, токму поради тоа што е емотивниот столб на театарската уметност, неретко е роб на режисерската идеа. Какво е Вашето чувство во однос на ова?

Шовги: Јас не би се сложил со Вашата констстација, бидејќи, во моето тридеценско искуство секогаш, јас па и моите колеги сме ја имале слободата од нашите учители и режисери, со кои сме работеле. Секогаш сме имале простор да ја почувствуваме својата органика и да бидеме свои во размислата на сцена. Секогаш сме имале креативен креативен процес на работа…

Дали поради ова ја љубите пробата исто толку колку и Анатолиј Ефрос?

Шовги: Претставата како чин е интересна поради пробата. Како што веќе напоменав погоре, токму низ креативниот процес, имаме и ние како актери, но и сите чинители, повеќе простор за игра. Откако на сцена ќе се одигра премиерата, тоа е веќе нешто дадено, понудено, од кое има живот, но нема многу отстапки, тоа не е целосно наше…

Какво е чувството кога некои нешта по 100 изведби морате да ги изиграте и 101-ви пат ?

Шовги: Секогаш се обидувам да играм како да ми е прв пат, целам дека пред мене е гледач кој ја гледа претставата за прв пат. Иако имам дистанца од публиката, сепак во првите петнаесет минути, знам и можам да почувствувам како ќе се одвиваат работите понатаму. Едноставно, мене ме научија дека Одност кон гледачот е еден вид мала војна, во која нема нерешено – или вие ќе го побените него, или тој ве победува вас…

Што станува кога ќе ја изгубите биткита?

Шовги: Најпрвин сакам да си потпишам оставка, за потоа да следува непроспиена ноќ па, најпосле да си речам: – Денес е нов ден…И барам нови предизвици!

Што мислите за светскиот тренд, да се пренебрегне класичната школа на театарот, како што е на пример онаа на еден Станиславски?

Шовги: Тоа не може да се случи, бедејќи токму тој , Станиславски, како и неговите современици и следбеници се темелот на театрот. Знаете, куќа не се гради без темел, или да ја започнете градбата од кровот, на пример. Сите овие обиди за кои вие говорите, се јалови, па колку и тие да изгледаат “модерно“…

Па и темелите на модерниот театар ( Брехт, Јонеско, Арто, Бекет… ) се стари по пет и повеќе децении…

Шовги: Токму и за тоа говорев.

Кога веќе проговоривме за руските темели, дали се тие, истите се присутни во Азербејџан?

Шовги: Се разбира, од тоа нема бегање! Впрочем, речиси сите релевантни книги и учебници за театарот влечат корени од тоа поранешно (Советско) Руско време. Како пример, ќе го земам тоа дека јас, “Контрабсот“ надвор од Азербејџан го играм на Руски. Како што тоа го сторив тука, во Битола. Се разбира, дома го играм на мајчин јазик, но суштината не е во тоа, туку во универзалната порака, и во тоа да успеете да допрете до Душата на човекот, будејќи тој не доаѓа да ги гледа декорот или костимите во театар, туку живото битие на сцена, кое исто како и тој, носи душа…

Вашето лично потфолио е полно со габаритност, и тоа не по бројкатаами по тоа што како специфицна го ностие преку ликовите на сцена…

Токму така, еве, на пример, со Кнтрабасот се дружиме повеќе од дваесет години, а во нашиот Театар на младиот гледач во Азербејџан, секоја сабота и недела, од четирисет репертоарни претстави играм во триесет, и тоа во пиеси од Чехов, Шекспир, Бекет ( “ Чекајќи го Годо“ – Владимир, во “ Отело“ сум Јаго… ) но покрај Руската и Светската класика, играме и дела од нашата азербејџанска класична драма, но и не ги одбегнуваме, релевантните драми од т.н. модерен репертоар… Најубав дел се претставите за деца, и речиси редовно, претпладне или напладне играме за нив, а вечерта претстави од т.н. Сериозен репертоар.

“ Странци “ низ фотки Драмски

“ Странци “ премиера 12.05.2018 

Режисер: Нела Витошевиќ,

Драматург: Викторија Рангелова – Петровска,

Сценограф: Костантин Трпеноски,

Костимограф: Роза Трајческа – Ристовска,

Композитор: Огнен Анастасовски,

Играат:

МИКЕЛЕ – ИГОР АНГЕЛОВ,

ЕВА – ИРЕНА РИСТИЌ,

КАРЛОТА – БИЉАНА ДРАГИЌЕВИЌ – ПРОЈКОВСКА,

ПЕПЕ – ЗОРАН ЉУТКОВ,

БЈАНКА – САЊА АРСОВСКА,

КОЗИМО – ФИЛИП ТРАЈКОВИЌ,

РОКО – ПРЕДРАГ ПАВЛОВСКИ,

Гласовни фрагменти: Анастас Тановски, Маја Вељковиќ – Пановска, Огнен Анастасовски, Викторија Рангелова – Петровска, Ивана Павлаковиќ, Саше Ѓорѓиев, Емилија Мицевска, Никола Наумовски. Асистент режисер: Александар Ивановски, Асистент сценограф: Димитар Петровски, Асистент костимограф: Раде Василев, Изработка на видео анимација: Милчо Узунов, Превод од италијански јазик: Викторија Еленова, Јазична редакција и адаптација: Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова – Петровска, Испициент: Гоце Бојчев, Суфлер: Жаклина Цветковска, Светло – мајстор: Митко Ризов, Тон – мајстор: Димитар Илиоски, Фотограф: Филип Кондовски,

Премиера: 12.05.2018 Што ќе се случи доколку скришно ѕиркате во телефонот на другиот? Соочувањето со вистината решава или пак отвара нов проблем? Колку вистината за/на другиот удира директно во неговиот приватен простор, а колку задира во просторот на останатите? Дали соочувањето со вистината од нас прави подобри луѓе? Мобилните телефони се нашите „црни кутии“?! Колку овие „црни кутии“ не оттуѓуваат еден од друг? Странци е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отварајки болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себепретставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Се’ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања. Улогата на технологијата во одредување на вистината/вистинитоста како доминанта на денешницата се потенцира и со појавувањето и откривањето на доверливи документи во глобални рамки. Дали светот стана подобро место за живеење по појавата на Викиликс? И уште еднаш, дали соочувањето со вистината од нас (на)прави подобри луѓе? Ева: Ајде да играме една игра. … Роко: Каква игра е ова Ева? … Бјанка: Може да биде интересна. … Пепе: Јас не ги разбирам тие што не одговараат на пораки. … Козимо: Можел да ги избрише пораките. … Карлота: Голема работа. Не мислам дека некој ќе се шоќира. … Микеле: Премногу добро се познаваме.

„ОБЗРНИ СЕ ВО ГНЕВ „ – НАГРАДА ЗА АКТЕРСКИ АНСАМБЛ

 

НАГРАДА ЗА АКТЕРСКИ АНСАМБЛ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ОБЗРНИ СЕ ВО ГНЕВ „ ОД ЏОН ОЗБОРН ВО РЕЖИЈА НА КРИСТИНА ДИМИРОВА. ВО ПРЕТСТАВАТА ИГРААТ ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ, ДАНИЕЛА ИВАНОСКА, ИЛИЈА ВОЛЧЕСКИ И КАТЕРИНА ЧАКМАКОСКА-КЛИНЧЕСКА. НЕОДАМНА ТЕАТАРОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ „ ГОСТУВАШЕ НА НАЦИОНАЛНИОТ ФЕСТИВАЛ НА КАМЕРЕН ТЕАТАР НА НЕТА ОДРЖАН ВО ВРАЦА БУГАРИЈА.

Податоци за претставата
Автор: Џон Озборн
Режија: Кристина Димитрова
Драматурзи: Ивана Нелковска,Лидија Митоска-Ѓорѓиевска
Сценографија и костими: Илина Ангеловска
Музика: Дарија Андовска
Превод: Лидија Митоска -Ѓорѓиевска
Играат:
ЏИМИ – ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ
АЛИСОН – КАТЕРИНА ЧАКМАКОСКА – КЛИНЧЕСКА
КЛИФ – ИЛИЈА ВОЛЧЕСКИ
ХЕЛЕНА – ДАНИЕЛА ИВАНОСКА
Џон Озборн верува дека театарот треба да се базира на чувствата и животот на луѓето. Поради тоа, најмногу се занимава со оној вид на театар што нуди витална, емоционална динамика, театар што продира низ класните бариери и сите препреки поставени кон патот на чувствата. Убеден е дека ни требаат нови театарски чувства, како што ни треба и нов театарски јазик.
„Обѕрни се во гневот“ ја отсликува побуната на младата несфатена повоена генерација, против генерацијата на нивните родители кои го довеле општеството до пропаѓање во морална и финансиска смисла. Се работи за побуна против светот во којшто владеат материјалните вредности, лицемерието на општеството кон луѓето што се борат за својот напредок а не добиваат ништо, за безволноста, за човечкиот гнев, осаменоста… Текстот се поставува по точно 60 години од неговата прва изведба, a темите кои ги обработува, денес сеисто толку актуелни како во времето кога е напишан.

 

Подготвени, младите актери ја чекаат својата шанса

 

Имаат желба и енергија цело време да се на сцена и да покажат што умеат, а знаат и дека тоа не зависи само од нивната мотивираност.

Четворица од 11 студенти по актерска игра, кои оваа година дипломираат на Факултетот за драмски уметности во класата на проф. Зоја Бузалковска и доц. Александар Степанулески, ни ги кажаа своите планови и очекувањата: „Да не седиме дома“ е првиот и во овдешните околности логичен одговор на прашањето каде се гледаат како актери, а потоа дури следуваат преференциите – дали во театар или на филм, во професионален или независен театар, во држаава или надвор од границите…

– Услови за работа има, се создаваат, но најголемиот проблем е чекањето.
Осумдесет проценти од нашава професија е чекање – дали на сет, дали на проба. Се чека и за вработување. Се чека шанса, се чека некој да те викне…, рече дипломецот Зоран Митровиќ по една од пробите на дипломската претстава „Голем студ“ на Малата сцена во Македонскиот народен театар.
Христина Цветаноска, која повеќе ја привлекува алтернативната сцена и себеси се гледа во независен театар, оптимистички вели дека може да најдат простор тие што сакаат да работат.
– Ние сме мотивирани, но ќе биде проблем ако нашата мотивација нешто да работиме остане волонтерска, смета таа.

Нивната колешка Душица Тренева со конкретно решение за вработувањето:
„Поголем проблем се луѓето што не работат ништо, а земаат плата отколку младите луѓе кои се агилни и сакаат да работат. Сакаат цел ден да бидат на сцена, а едноставно немаат можност. Мислам дека тие што не работат или се пред пензија треба да заминат во пензија за да ни дадат шанса на нас младите“.
Театар или филм? – тројцата во еден глас предност му даваат на театарот зашто е неповторлив како уметност на мигот. Нивниот колега Чедомир Митевски, сепак, ги сака подеднакво зашто двете уметности, рече, си имаат свои енергии. Го избрал актерството бидејќи најмногу се нашол таму.
– Уште од мал го сакав ова, сакав многу да имитирам, цели филмови. Тука се чувствував слободен и можев да правам многу работи, раскажува тој.

Се согласија меѓу себе дека треба да направат нешто тука пред да размислуваат за меѓународна кариера.
– Понатаму можеби и надвор, но прво во нашиот двор. Почвата е благородна за независни проекти и ако се има желба, слобода и ентузијазам, може доста да се направи, заклучи Митровиќ.

Покрај нив, во класата по актерска игра на ФДУ што завршуваат оваа година се уште седум идни професионални актери: Сара Анастасовска, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Душица Настова, Јаков Спасов и Петар Стојанов. Повеќето имаат претходно искуство на сцена и пред публика зашто од трета година студентите по актерска игра веќе почнуваат да соработуваат на претстави и филмови надвор од ФДУ. До крајот на втората година немаат право да работат надвор од задачите што ги имаат на факултетот, освен со посебна дозвола од професорите.

Колку матичниот факултет им помага да се пробијат на сцена? Нивната
професорка, театарската режисерка Зоја Бузалковска, вели дека ФДУ не презема обврска да посредува студентите по актерска игра или дипломираните актери да добијат некој ангажман на проект или во театар. Меѓутоа, со редовното играње на испитните претстави на Академската сцена на ФДУ, која активно работи веќе многу години со своја редовна програма, со презентација на студентските претстави и филмови на сцени и во киносали надвор од ФДУ, како и со нивното учество на домашни и меѓународни фестивали и обмислени остувања, институцијата, според неа, помага театарските и филмските креативци и
продуценти полесно да можат да ги видат можностите на студентите по актерска игра и новодипломираните актери и да ги ангажираат во своите наредни проекти.

Дипломската претстава „Голем студ“, која оваа генерација ја подготви за крајот на четиригодишното образование, премиерно беше изведена на Малата сцена на МНТ на 26-ти и 27-ми март, во пресрет и на самиот Светски ден на театарот, а повторно двапати ја изведоа и изминатава недела. Ја играа претставата во две постави што, на некој начин, беа и две различни изведби.
Материјалот за работа на дипломската претстава го избира професорот. Во седмиот и во осмиот семестар од студиите по актерска игра, професорот избира драмски текст соодветен на индивидуалните и групните можности на класата и ги распределува улогите. Со оваа класа студенти, вели професорката Бузалковска, го работеле Чехов, и тоа по два спротивставени метода, работеле монолози од античката трагедија, потоа Шекспир, како и руската авангарда, поточно Eведенскиј.

– Мислев дека сега им треба сосема поинаков материјал, во кој приказната ќе се раскажува во брз ритам, филмски, со резови, а секој од нив ќе има подеднаков простор за градење комплексна улога низ реалистичен приод. „Голем студ“ е тежок материјал, но студентите со радост ја прифатија задачата и комплетно му се посветија на процесот, а мислам дека нивните можности сега јасно ги гледаат и театарските и филмските професионалци, вели Бузалковска.


„Голем студ“ – претстава за реконструкција на надежта 

„Голем студ“ (работена по сценариото на американскиот филм „The Big Chill“ од 1983 година на Лоренс Каздан и Барбара Бенедек) е голем предизвик и тешка актерска задача за младите актери, зашто низ реалистичен пристап, во ритам препознатлив за филмскиот јазик и со леснотија во играта, треба да раскажат сложена драмска приказна.

МНТ ја најави како претстава за реконструкција на надежта која загатнува
проблеми на секоја генерација, важни во секое општество во кое се случуваат драматични општествени превирања: „Повеќе од тоа, дилемите ги надминуваат општествените прашања и задираат во најинтимното човечко, важно секогаш и секаде. Во момент кога животот со сета своја комплексност ќе нè натера да се прашаме до каде сме останале доследни на своите борби, заложби, верувања и големи планови, а каде сме се изневериле себеси и своите идеали, останува да ги преиспитаме своите постапки и да се обидеме да ја реконструираме надежта дека
нашите животи ќе ги поставиме на вистинските основи и дека за тоа не е премногу доцна“.
Единаесеттемина учесници во „Голем студ“ претставата ја подготвуваа од
почетокот на седмиот семестар, односно околу шест месеци. Тоа е комотно време за работа, што, за жал, вели Бузалковска, театрите обично не го овозможуваат, а кое е многупати потребно за процесот да биде квалитетен и да се направи солидна претстава.
– Освен тоа, наспроти формално зададените три сета од по четири учебни часа и еден од два неделно, ние во четвртата година од студиите, па и претходно, со нашите студенти работиме многу повеќе и подолго. Особено кога се работи на целовечерна претстава, пробите се шестпати неделно и се најмалку по четири часа, а често и многу подолго, посочува професорката Бузалковска, која на ФДУ ја наследи класата од покојниот проф. Кирил Ристоски.
Таа го објаснува подготвителниот процес: во седмиот семестар студентите ја поминуваат првата фаза од подготовката на дипломската претстава, делот наречен „работа на текст“ или „читачки проби“, а испитот се состои во проценка на резултатот од последната читачка проба пред излегувањето на мизансцен. Во осмиот семестар се преминува на мизансценски проби. Завршната фаза на склопувањето на претставата, генералните проби и премиерната изведба по правило се прават во професионална куќа, што подразбира и професионална опременост на претставата со сите елементи (костими, шминка, сценографија,
осветлување, музика).
– Целта на сето ова е да му се овозможи на студентот на најпрактичен начин да го помине процесот на работа на театарската претстава, доаѓајќи во допир со сите сегменти и соработувајќи со комплетниот креативно-технички тим кој работи на една театарска продукција. Преку демонстрација на професионална театарска трупа со режисер, студентот е подготвен за професионален ангажман во театарската уметност. Истовремено, со дипломската претстава се прави презентација на новите дипломци пред пошироката театарска јавност. Таков беше, делумно, и случајот со „Голем студ“, благодарение на соработката со МНТ и
разбирањето за нашите потреби и педагошки цели, додава Бузалковска.

Актерството е начин на живот и бара безусловна преданост.

Тешко е, според неа, да се најде едноставен одговор на прашањето што е најважно да знаат студентите по актерска игра, зашто материјалот што го поминуваат е обемен, сложен и, честопати, навидум неопиплив. Во текот на студиите, вели, им даваат многу „алатки“ со кои ќе можат највешто да го работат она за кое учат. Но, најважно е, рече, да сфатат дека актерството е повеќе од работа, повеќе од професија: „Тоа е начин на живот“, децидна е таа.
– Со актерство не може да се занимава некој на кого било што во животот му е поважно од тоа. Театарот ти е и мајка и татко, и прва љубов, и сопруг или сопруга, и дете и најдобар другар. Тој ќе те роди и ќе те изгледа, во него ќе се заљубиш и ќе го засакаш, од него ќе ги имаш најпрекрасните рожби, кои ќе ги сакаш повеќе од било што на светот, ќе го растеш и созреваш и ќе му се радуваш до крајот на животот. Тој ќе те сака безусловно, но и ти нему мораш да му се предадеш докрај и безусловно. Ако не се спремни да го прифатат тоа и да му се дадат на театарот и на актерството комплетно, до даска, тогаш нема да успеат. Мојата основна цел на приемните испити е да го препознаам жарот во очите на кандидатите, страста која ја имаат или ја немаат за занимавање со актерство. Ако го нема тоа, тогаш залуден
е целиот талент и исполнителност, зашто тоа не е доволно за да се биде актер, нагласува Бузалковска.

На студентите честопати, вели, им повторува една реченица која ја кажувал професорот Кирил Ристоски, од кого многу научила за педагогијата и чија класа ја наследи:
– Овој врвен педагог и актер, на своите студенти честопати знаеше да им рече: „Неостварениот актер станува лош човек“. Сите други му се криви што тој не успеал, само, никогаш не се врти кон самиот себеси, за да сфати дека проблемот може да биде и токму во него. На студентите честопати им велам дека не смеат да дозволат да станат лоши луѓе. И заради себе, и заради театарот, вели професорката- режисер.

Студиите по актерска игра се четиригодишни, а еден професор води своја класа од почетокот до крајот на студиите. На секои четири, една година оваа студиска програма е во мирување. Класа по актерска игра нема во годините кога се уписите за филмските оддели: филмска режија, филмска и ТВ-монтажа и филмско и ТВ снимање. Еднаш во четири години ФДУ запишува три класи на оваа катедра, односно покрај на македонски, овозможува и студирање актерска игра на албански и на турски јазик.

– Квотата е до 10 студенти во една класа. До пред неколку години беше забележан мал пад во интересирањето за студиите, но во последниве пет години бројката повторно порасна и таков е трендот и денес. Претпоставувам дека тоа доста се должи и на сè поголемата афирмација преку учествата на меѓународни фестивали, многуте награди за студентски филмови и претстави, постојаниот репертоар на
Академската сцена и севкупната поголема отвореност на ФДУ за потенцијалните кандидати преку Отворените денови што ги организира нашиот факултет секоја година, курсевите и работилниците за подготовка на кандидатите за приемните испити и, се разбира, понепосредното доаѓање до информации. Поради сето ова, и квалитетот на наставата е денес полесно видлив и проверлив и кандидатите добро знаат што можат да очекуваат ако се запишат на овие студии, заклучува Бузалковска.

Извор – МИА

” ГОЛЕМ СТУД ” (дипломска претстава) ФДУ Скопје, оддел Драмски актери

 

Лоренс Каздан и Барбара Бенедек
ГОЛЕМ СТУД
(дипломска претстава)
ФДУ Скопје, оддел Драмски актери
Класа на проф. Зоја Бузалковска и насл. доц. Александар Степанулески

ХАРОЛД КУПЕР …………………. ЗОРАН МИТРОВИЌ
САРА КУПЕР ………………………. ХРИСТИНА ЦВЕТАНОСКА
СЕМ ВЕБЕР ………………………… ПЕТАР СТОЈАНОВ
КАРЕН БОУЕНС ………………….. САРА АНАСТАСОВСКА
НИК КАРЛТОН ……………………. ИСИДОР ЈОВАНОСКИ
МЕГ ЏОУНС ……………………….. ДУШИЦА ТРЕНЕВА
МАЈКЛ ГОЛД ………………………. ЧЕДОМИР МИТЕВСКИ
КЛОИ ………………………………….. ДУШИЦА НАСТОВА
РИЧАРД БОУЕНС ……………….. ЈАКОВ СПАСОВ
СВЕШТЕНИКОТ …………………. ГРИГОР ЈОВАНОВСКИ
ПОЛИЦАЕЦОТ ……………………. СЕРГЕЈ ДИМОВСКИ

ХАРОЛД КУПЕР …………………. ЗОРАН МИТРОВИЌ
САРА КУПЕР ………………………. ХРИСТИНА ЦВЕТАНОСКА
СЕМ ВЕБЕР ………………………… СЕРГЕЈ ДИМОВСКИ
КАРЕН БОУЕНС ………………….. САРА АНАСТАСОВСКА
НИК КАРЛТОН ……………………. ГРИГОР ЈОВАНОВСКИ
МЕГ ЏОУНС ……………………….. ДУШИЦА ТРЕНЕВА
МАЈКЛ ГОЛД ………………………. ЈАКОВ СПАСОВ
КЛОИ ………………………………….. ДУШИЦА НАСТОВА
РИЧАРД БОУЕНС ……………….. ЧЕДОМИР МИТЕВСКИ
СВЕШТЕНИКОТ …………………. ИСИДОР ЈОВАНОСКИ
ПОЛИЦАЕЦОТ ……………………. ПЕТАР СТОЈАНОВ

Факултетот за драмски уметности од Скопје во соработка со Македонскиот народен театар, на 26-ти и 27-ми март ја одржи премиерата на дипломската претстава ГОЛЕМ СТУД, по сценариото за филмот THE BIG CHILL од Лоренс Каздан и Барбара Бенедек, која се одигра во две постави на Малата сцена на МНТ со почеток во 19 часот. ГОЛЕМ СТУД е дипломска претстава на студентите од одделот Драмски актери во класата на проф. Зоја Бузалковска и насл. доц. Александар Степанулески. Класата ја сочинуваат: Сара Анастасовска, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Чедомир Митевски, Зоран Митровиќ, Душица Настова, Јаков Спасов, Петар Стојанов, Душица Тренева и Христина Цветаноска. Дипломската претстава ГОЛЕМ СТУД е работена по сценариото на американскиот филм THE BIG CHILL од Лоренс Каздан и Барбара Бенедек. Преводот на насловот е проблематичен, зашто самиот наслов во себе носи повеќезначност, која може да биде „прочитана“ и донекаде разјаснета само во контекстот на времето во кое се одвива дејството. Речиси секаде каде што се зборува за овој филм, излезен во 1983 година, се цитира дообјаснувањето на авторот и режисер на филмот Лоренс Каздан, врзано токму со алузиите кои ги отвора самиот наслов, не докрај јасен дури и за американскиот аудиториум. „ГОЛЕМ СТУД се занимава со членовите на мојата генерација кои откриле дека не сè што посакувале е возможно, дека не секој идеал во кој верувале останал во првите редови на нивните намери. ГОЛЕМ СТУД е за процесот на оладување кој е карактеристичен за луѓето од секоја генерација, кога се движат од надворешно-насочената, повеќе идеалистичка, загриженост на нивната младост до еден вид на само-апсорпција, сопствен интерес, што ги става личните желби над оние на општеството, па дури и – на еден идеал.“ Л. К. Триесет и пет години подоцна, во една средина сосема различна од онаа на Америка во осумдесеттите (со генерации кои растеле и се развивале во шеесеттите) и во еден временски контекст, навидум оддалечен од американскиот, една друга генерација се обидува да проговори за истите тие проблеми, донесувајќи ги на сцената во сета нивна универзалност и препознатливост.Дилемите кои ги загатнува ГОЛЕМ СТУД се проблеми на секоја генерација и се важни во секое општество во кое се случуваат драматични општествени превирања, како што е и нашето. Повеќе од тоа, дилемите ги надминуваат општествените прашања и задираат во најинтимното човечко, важно секогаш и секаде. Во момент кога животот со сета своја комплексност ќе нѐ натера да се запрашаме до каде сме останале доследни на своите борби заложби, верувања и големи планови, а каде сме се изневериле себеси и своите идеали, останува да ги преиспитаме своите постапки и да се обидеме да ја реконструираме надежта дека нашите животи ќе ги поставиме на вистинските основи и дека за тоа не е премногу доцна. Во таа смисла, ГОЛЕМ СТУД е токму тоа – претстава за РЕКОНСТРУКЦИЈА НА НАДЕЖТА.

ГОЛЕМ СТУД ја судира новата генерација драмски актери со голем предизвик и тешка актерска задача – низ еден реалистичен пристап, во ритам препознатлив за филмскиот јазик и со леснотија во играта, да се обиде да ви ја раскаже оваа сложена драмска приказна…

„ЦАРСТВО НЕБЕСКО“ 23 мај во МНТ гостува Народно позориште Белград

 

На 23 мај во МНТ гостува Народно позориште Белград со претставата „ЦАРСТВО НЕБЕСКО“ – ЕПИКА БАЛКАНИКА
Претставата се игра на две локации. Првата локација е на големата сцена во Македонски народен театар со почеток во 19:00 (траење 90 минути), и втората локација е Младински културен центар во кино „Фросина“ во 21:00 (траење 45 минути).

Режисер: ЈЕРНЕЈ ЛОРЕНЦИ

Играат:
ОЛГА ОДАНОВИЌ
НАТАША НИНКОВИЌ
НАДА ШАРГИН
ХАНА СЕЛИМОВИЌ
БРАНКО ЈЕРИНИЌ
БОЈАН ЖИРОВИЌ
НИКОЛА ВУЈОВИЌ
МИЛУТИН МИЛОШЕВИЌ
СЛАВЕН ДОШЛО

Царство небеско – Епика балканика ја обработува српската епска поезија. Режисерот Јернеј Лоренци ја обработува оваа тема „поради љубовта кон древните приказни и песни, како први документи на нашата цивилизација. Ме интересираат темите, мотивите, дилемите, кои се тие страдања и мечти, и каква врска има сето тоа со нас денес. Многу заедничко. Во епиката работите се малку посурови, непосредни, со помалку лаги. А и страстите помалку се кријат. Ме фасцинира мечтата во приказните и песните, бидејќи имагинацијата е најголемата привилегија на човековото постоење. Српските песни се одлична комбинација на историјата, од една страна, и митологијата, од друга страна. Понекогаш дури и митоманијата. Тој раб помеѓу историјата и митоманијата ме е особено интересен, сé она архетписко, важно за нашата потреба за раскажување на приказни.“

(извадок од интервју со режисерот)