“Јулие Цезар” – Женски Цезар – Премиерa во Битолски театар

“Јулие Цезар” е наслов на најновата премиера на Битолскиот театар во која насловната улога овој пат ќе ја толкува актерката Соња Михајлова.

Златко Паковиќ

Претставата во режија на Златко Паковиќ, работена според делото на Шекспир, ансамблот на овој театар на матичната сцена ќе ја изведе утревечер (28 април), со почеток од 20 часот.

За изборот на актерката Михајлова за главниот лик во претставата истакнатиот српски режисер Паковиќ : “Кога дојдов во Битолскиот театар ги повикав актерите и одржав предвање за што всушност се зборува во претставата за да нема недоразбирања, бидејќи во неа се опишува државата и нејзините граѓани, увидов дека актерката Михајлова има најдобри карактеристики за таа улога, и како авторитет, и како израз и како искуство. За мене таа е Цезар”.

“А зошто да лишиме актерка од толкување на машки лик само затоа што е жена?, праша тој.

Инаку Паковиќ, познат по обработка на социјално-ангажирани теми, на прес-конференцијата по повод премиерата во Битола посочи и дека имал целосна слобода во подготовката на претставата и затоа целосно се вложил во театарскиот проект.


“Повеќе од 2.500 години театарот има задача да поставува неочекувани прашања и затоа е кралица на уметноста. Во оваа претстава Јулие Цезар е чесен и храбар, но тој смета дека и да се постави како човек над законот ќе успее да го зачува, а ако биде император тогаш секому ќе му биде добро”, истакнал меѓу другото Паковиќ, посочувајќи дека “мајсторството на Шекспир отвора многу прашања кои и денес се актуелни”.
Покрај Соња Михајлова, во претставата настапаат и Иван Јерчиќ (како Антоние), Петар Горко, Елена Моше, Борче Ѓаковски, Мартин Мирчевски, Маја Андоновска Илијевски, Валентина Грамосли, Илина Чоревска, Никола Пројчевски, Александар Стефановски, Кристина Христова Николова, Викторија Степановска Јанкуловска, Сандра Грибовска. Сценографијата е на Филип Јовановски, костимографијата на Благој Мицевски, а композитор е Оливер Јосифовски.

Според Иван Јерчиќ, директор на Битолскиот Народен театар, претставите кои годинава ќе се играат на сцената на овој театар ќе бидат изведувани под едно исто мото “Ако Ви е добро – тогаш ништо” и најавил возбудлив период за театарот, кој ќе биде жив, полетен и бескомпромисен.