„Битолино“ – животни пораки за децата
– Дневник – 05.08.2015
Минатата година на фестивалот настапи слепа девојка, потоа следуваа претстави за децата со посебни потреби и за малолетничка деликвенција, за годинава на театарската сцена да се изнесат проблемите на децата со епилепсија, како и на оние обесправените. Претстави со големи теми се играат на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ во Битола. Петтото издание на фестивалот, во организација на битолскиот „Бабец театар“, започна вчера во Центарот на културата со претставата „Не, не ти! Или разликите“ во режија на Нора Kрстуловиќ, а во изведба на театарот „Мала сцена“ од Загреб, Хрватска.Kако и секоја година, така и оваа претставите носат големи пораки и најчесто се посветени на проблемите со кои одредени деца се среќаваат. Хрватската претстава годинава се занимава со проблемите на децата со епилепсија. Таа е приказна за разликите меѓу децата, игрите, зошто некои деца може и смеат с`, а некои не можат. Ова е една театарска игра во која се прашуваме „зошто ти не можеш“, но не го прифаќаме одговорот „ете така“, туку бараме објаснување за него – вели актерката Јулија Мирчевска, програмски директор на фестивалот.На синоќешното отворање на „Битолино“ се претстави и Театарската школа „Бабец“ од Битола со перформансот „Тажната нула“, приказна која преку јазикот на математиката раскажува за сите луѓе кои во еден момент од животот средината ги гледала како нула. Вчера се одигра и претставата„Звучи зун зун“ од Домот на бајките од Шваедска.Гостуваат театри од шест земји .Оваа детска претстава беше посветана на конвенцијата на ОН за правото на секое дете да биде вклучено во културни настани. Претставниците на овој театар всушност беа гласот на безгласните, на оние кои во реалноста не се главни јунаци, односно на обесправените , на оние што никогаш не добиле шанса.– Ова е уште еден доказ дека театарот нема тема со која не може да се занимава и дека има образовна и забавна улога – додава Мирчевска.Битолино“ трае три дена, од 5 до 7 август, а на него ќе настапат театари од Хрватска, Израел, САД, Шведска, Австрија и Франција. Денес на фестивалската сцена ќе биде одиграна комична претстава на дружината Модин од Израел, „Четири басни и кралицата“ во режија и изведба на Рути Тамир, наградена за најдобар актер на Израел во 2013 година. Потоа седува претставата „Гласно и тивко“ на театарската компанија „Син пламен“ од Грац, Австрија со многу специфична сценографија во форма на триаголник.Последниот фестивалски ден, односно во петок, настапуваат „Маска театарот“ од САД со „Овоштарникот со праски“ на Лери Хант, познат изведувач на куклени претстави во светот. На крајот е кореодрамата „Kралицата Kонг“ во продукција на денс-компанијата „Ла базока“ од Авр, Франција.
Фестивал што децата го сакаат
– Горди сме на сè она што го имаме направено. На „Битолино“ досега учествувале 19 земји од целиот свет, секоја година имаме над 1.000 посетители. Ова е фестивал кој децата го сакаат, почитуваат и поддржуваат. Минатата година ја формиравме детската Театарска школа „Бабец“, а оваа година направивме еден пионерски чекор, воведовме редовен репертоар на детски претстави, а тоа досега во Битола го немало никогаш. Самиот факт дека имавме 21 изведба со слободна продажба во само два месеца и имавме посетеност од 2.600 деца заборува дека сериозно на Битола и недостига ваков тип театар – рече Васко Мавровски, директор на фестивалот.Фестивалот е финансиски помогнат од Министерството за култура, општина Битола и други спонзори, а се одржува во рамките на „Бит-фест“