Магдалена Ризова Черних слави 25-годишен јубиле

Во денешно време потешко е да го насмееш народот, отколку да го расплачеш.

“Секогаш имало и ќе има интерес за театар, децата растат, доаѓаат нови генерации, сите се интересираат и тој интерес никогаш нема да згасне. Театарот е буре без дно, секогаш ќе има публика која ќе доаѓа да ги гледа претставите”, вели Магдалена Ризова – Черних

Играте во театар, ве гледаме во серии, водите детско драмско студио, се занимавате со педагошка дејност. Како успевате да балансирате меѓу сите овие обврски?

-Ако се сака, се се може. Нема – не можам, немам време, зафатена сум… Си ја сакам работата и досега не сум одбила ниту една претстава, независно дали се работи во мојата матична куќа или за гостување во било кој дел од Македонија. Само што сега со годините, повеќе се концентрирам во Скопје, повеќе внимание посветувам на работата со децата и студентите. Но, се ме исполнува и театарот, и сериите и факултетот… Животот си тече, и подготвена сум на секаков предизвик. Сакам театар, филм, серија… Тоа ми е работа, за тоа сум предодредена. Можеби понатаму во животот би почнала да пишувам текстови, некои драми, да ги споделам своите искуства…

Долги години водите детско драмско студио. Има ли интерес кај децата за глумата и дали се посветени?

-Да, веќе 20 години работам со деца и млади од 8 до 18 години кои сакаат да глумат и можам да кажам дека се повеќе се зголемува интересот. Секојдневно на телевизија гледаат филмови, драми, приказни, па сакаат и тие да знаат како е да се глуми. Дел од нив,најдобрите, учествуваа и во одредени претстави во МНТ, во “Електра”, “Аладин”… па се стекнуваат со искуство. Со самото тоа полесно им е понатаму доколку сакаат да се запишат на факултет, па кога ќе завршат влегуваат во театри. Инаку, групата брои околу дваесетина членови, редовни се, посветени и доаѓаат пред се поради дружењето.

Како ги препознавате талентите или е сепак потребна напорна работа?

-Талентите се гледаат од мали, уште од 8-9 години и знам које дете ќе доаѓа и ќе стане актер, но се случува одредени талентирани деца да се запишуваат и на други факултети, на право, медицина… Има и такви кои се упорни и успеваат со напорна работа. Веднаш се гледа желба за работа, па ако не успеат да се запишат од првпат на драмски, упорни се и доаѓаат и вторпат и третпат. Па и јас сум примена од вторпат на ФДУ.

Што мислите за тоа студентите да се калат на професионална сцена и кои се предностите?

-Во последната претстава “Дони Дарк” во Театар Комедија главната улога ја игра студент, и сите сакаат да заиграат на професионална сцена, но не секој ја има таа можност. Сепак влегуваат во разни серии, филмчиња, јавноста ќе ги примети, како и режисерите… Не е секогаш онака како што замислувале, но, нема откажување. Се случуваат и кризи, но доколку навистина ја сакаат глумата, ќе истраат.

Бидејќи имате искуство и на филм, во серија, на театарската сцена, што е всушност најголем предизвик и кои се разликите за еден актер?

-Има разлики и тоа големи, се си има своја убавина. Во театарот се е сега и веднаш, нема враќање, се снаоѓаш веднаш, го играш моментот, а во филм или серија може сцената да се врати по 13, 14 пати, се додека не биде како што треба. Со самото тоа многу потешко и поголем предизвик е да се работи во театар, но и поголема сатисфакција е бидејќи публиката е тука, околу вас.

Колку во денешно време има интерес кај народот да доаѓа во театар?

-Секогаш имало и ќе има интерес, децата растат, доаѓаат нови генерации, сите се интересираат и тој интерес никогаш нема да згасне. Театарот е буре без дно, секогаш ќе има публика која ќе доаѓа да ги гледа претставите.

Дали сакате повеќе да глумите во сериозна претстава или во комедија?

-Порано играв само во сериозни претстави, потоа почнав да глумам во комедии. Јас не правам разлика. Се е до режисерот, зависи како ве гледа, како комичар или како трагичар. Мое е да одглумам, а нивно да одберат. Јас подеднакво ги сакам и комедијата и драмата. Иако, мислам дека во денешно време е многу потешко да го насмееш народот, отколку да го натераш да се расплаче.

Ве гледавме и во Македонските народни приказни, дали повторно ќе снимате овој тип на серии?

-Да, снимив 171 претстава за година и половина и мора да кажам дека ми се прираснати за срце. Се надевам дека наскоро проектот повторно ќе започне. Треба да се погоди целата екипа, од актерите до режисерот, снимателите, да се знаеме и исто да размислуваме. Тогаш многу лесно влегувате во приказна. Ако екипата и атмосферата се добри, тогаш и производот е добар.

За крај дали подготвувате некој нов проект?

-Неодамна премиерно беше одиграна претставата “Дони Дарк” во која глумам. Атмосферата и екипата беа добри и испадна подобро отколку што очекував. Сакам да работам во проекти во кои луѓето се заангажирани се да испадне како што треба. Во подготовка е и нов филмски проект, но повеќе информации ќе се знаат за два до три месеци. И во мојата матична куќа МНТ следуваат нови проекти… (Д.Т.)

позамено од vecer.press