Тихомир Стојановски
Бога и на народот зборувајќи ја песната во стихови како драмска поезија. Што би значело дека е четвртата стапка. И секако понатаму е петтата стапка. Нашата верба, љубов и посвета за сцената, за нас и самиот Господ. Петтиот елемент – атерот (љубовта). Нели некому му се прави атер, чест, почитување, слава. Народот би рекол : “Не ми го крши атерот?!” Како реплика излезена од самиот живот која се повторува со генерациите што следат. Можеби случајно зборот театар ја содржи честичката Те, која е показна во македонските дијалекти и зборот атар (атер), што во некоја “народна” етимологија би значело место за дарување и почитување, само како размисла и претпоставка. Нели Е-те го атерот. Те-атар. Зборот атер и атар е истоветен во “Речник на македонскиот јазик” е толкуван како: љубов, наклонетост, волја , обѕир…”28
Но, да се вратиме на нашата реконструкција за настанување на театарот. На некој начин оваа патека за раѓањето, создавањето, односно настанувањето на театарот можеме да ја провериме секогаш кога имаме време и желба каде било и на кое било место и на отворен и на затворен простор. И секако во неа јасно се гледа дека елитноста е почетната точка на театарот како чин, дејство, зародиш и дека тој секако може, но не мора да заврши во масовна култура. Условеноста е од тоа за што создаваме театар и за кого го создаваме?! Кои се потенцијалните гледачи на славата, обредот, играта, кажано со денешниот речник која е целната група? Од неа е условено дали театарот има допир со елитноста или со масовната култура. Кој е основниот мотив да создаваме театар? На кое ниво тргнуваме кон сценската уметност? На нивото на духовноста или на нивото да заработиме што повеќе пари, како дилема меѓу елитноста и масовноста? Дали театарот е стока за продавање? Опит?! Голема раскрсница меѓу духовноста и тривијалноста. Меѓу елитата и масовноста. Меѓу уметноста и естрадата. Се разбира истите односни се подредуваат и во верските храмови?! Важат и за нив. За мотивот на нивното суштетствување. Дали се работи за “бизнис компании” или за духовни светилишта? Зборуваме за состојбите од сега и овде, од денес. Но, нели спомнавме дека за долготрајноста и феноменот на сцената не можеме да зборуваме само гледајќи и разбирајќи од денешно време. Затоа што се работи за процес. За неколку милениумско траење на тлото на Македонија. За културен и духовен феномен. За нужност и долготрајност.