TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

Секако, за да се разбере и осознае природата на театарот и неговото 3000-годишно постоење на македонската почва, потребно е да не се разгледува само од денешен аспект. Од она што театарот е денес. Како ѕидана зграда, институција со место за гледачи и сцена, кутија за играта на актерите и сценските дејствија, со светлосен и звучен систем, со простории за пресвлекување, со техника за сценографски промени, со места за оставање палта и театарски кафулиња. Мислам дека од денешен аспект ние само ја гледаме крајната точка до која дошол театарот како институција за да биде масовна култура. Го гледаме неговиот одраз. Сенка. Плакат. Скица. Отпечаток. Ја гледаме неговата графика. Или само дел од неговата Боженственост и посветеност. Иако одвреме-навреме одредени театарски верници успеваат да му ја вратат славата, духовната сила и духовната смисла што повторно нé води до Боженственоста. До врската на театарот со религијата. Како на пример: Питер Брук, Јержи Гротовски, Еуџенио Барба, Џулијан Бек и др. Но, тоа ќе биде тема на четвртата глава на овој труд. Спомнатите театарски апостоли се тие кои успеваат да се доближат до неговата внатрешна, духовна природа. До неговата базична сила. До неговата елитност. Но, речиси секогаш тоа е пат кон себе си, кон спознанието на самиот себе и својата култура, затоа што тие се враќаат на древните принципи на неговата светост. На неговата Боженственост. На неговата изворност и елитност. На стариот антички религиски театар. На институцијата “верски театар”, “обреден театар”, “религиски театар”, “свет театар”, “посветен театар”, што повторно нé доведува до точката на поврзување на сцената и религијата. До нивната духовна врска. Врска која кога се прекинува театарот преминува во масовна култура и ја губи својата душа и духовност. Станува комерција и травијалност.