Седум претстави на 11. ИТФ „Лица без маски“

 

Четири гостински и три домашни претстави ќе прикаже 11. Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“ кој под мотото „Најди начин“ ќе се одржува од 12-ти до 16 април. Фестивалот ќе биде отворен во Дом на АРМ од 20 часот со документарната и политички ангажирана претстава „Јами дистрикт“ по текст на Милена Боговац и во режија на Кокан Младеновиќ од Србија.

„Лица без маски“ е посветен на независната професионална продукција која го негува експерименталниот и современ театарски израз. Директорот на фестивалот Миодраг Костиќ за МИА истакна дека и ова издание ќе има квалитетни и значајни продукции, претстави кои по својата естетика нудат нови истражувачки и експериментални концепти. Фестивалот донесува и новини зашто првпат на програмата ќе има т.н. сензорна претстава, како и документарна претстава, а сите, вели тој, се брутално искрени и жестоки во актуелниот политички миг во нашето општество, но и на глобално ниво.

– За жал, годинава од сè уште за нас нејасни причини не ја добивме традиционалната финансиска поддршка од Министерството за култура во рамките на годишната програма. И покрај фактот што на фестивалот носиме висококвалитетни продукции и имиња од светот на театарот. Сепак, нашата желба да понудиме нешто ново и различно е посилна. Успеавме во соработка со Конгресниот центар „Александар Македонски“ (Универзална сала) и со финансиска поддршка од Град Скопје и дел од странските амбасади во Македонија, да направиме програма достојна за нашиот фестивал. Верувам дека публиката ќе биде задоволна и од годинашното издание, изјави Костиќ.

Претставата со која во четврток ќе почне 11. ИТФ „Лица без маски“ е продукција на БИТЕФ театар од Белград, новосадскиот Think Tank Studio и Фествалот Maszk од Сегедин, Унгарија. Раскажува за настан од селото Јамина, најстара палеолитска населба во историјата на човештвото, каде НАСА кажува дека е пронајден скелет од најстариот човек на планетата. Бидејќи се наоѓа на територија на три држави: Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, секоја се обидува тоа да го присвои.

Претставата брутално зборува за бесмисленоста на националните поделби во 21 век, кога науката и технологијата одат напред. Според режисерот Младеновиќ, претставата „удира и во стомакот и во главата“ зашто сакале да направат нешто радикално, нешто што ќе биде страв од следна војна.

– Ние во Србија, Босна и Хрватска немаме само исти политики. Имаме и исти луѓе кои ги направија војните во 1990-те. Таа повишена реторика, коцкањето со туѓите животи, со туѓи глави, ќе нè однесе во некоја нова катастрофа. Поради тоа го измисливме тој факт, дека три нации се борат да докажат која е наследник на најстариот човек на светот околу археолошко наоѓалиште. Таквите апсурди може да нè одведат сите нас во нови крвопролевања. Затоа претставата се потсмева на сè што значи политичко опкружување. Нормалните луѓе на Балканот не смеат да дозволат да ни се повторат 1990-те, истакнува режисерот Младеновиќ.

Во едно свое интервју тој вели дека бурно на оваа претстава реагираат само националистите од сите страни кои немајќи лични квалитети и успех се кријат зад нешто што е колективно знаме. – Нацијата е последниот азил за неуспешните луѓе, смета режисерот.

Во претставата играат актерките Исидора Симијоновиќ, Јелена Граовац, Нина Нешковиќ, наратор е Немања Драгоша. Тие, наведува организаторот, заедно со живата музика на групата „VROOM“, ја држат публиката будна, насмеана и затечена во двата часа тотален театар.

На годинашниот фестивал првпат во Македонија ќе гостува сензорна претстава – „Арктик“ во режија на Серџи Отс, на експерименталниот и независен театар „Понтен Пие“ од Шпанија. Од 13-ти до 15 април таа ќе има по три изведби на ден пред платото на Универзална сала каде што ќе биде поставена куќичка.

– Ограничен број од 20 посетители на една изведба ќе имаат можност да ја видат и почувствуваат магијата на студениот Арктик, а доживувањето е бесценето и уникатно, посочи организаторот на фестивалот.

На 14 април на Малата сцена во Македонскиот народен театар ќе гостува „55 нијанси на геј“ на „Ќендра мултимедија“ од Косово во режија на Блерта Незирај. Претставата минатата година предизвика голем регионален интерес.

Четвртата гостинска претстава е „Дримвил“ на „92. Арт театар“ од Атина во режија на Ефи Меравоглу, која ќе биде изведена на 15 април на Малата сцена во Македонската опера и балет.

Од македонската независна продукција на 13 април од 22 часот на Малата сцена на Универзална сала ќе гостува Интимен театар од Битола со претставата „Три напред, три назад (седум осмини)“ во режија на Софија Ристевска, која лани ја доби наградата за најдобра режија на ИТФ „Лица без маски“.

На последната фестивалска вечер (16 април) од 20 часот во Детскиот театарски центар ќе настапат минатогодишните победници на „Лица без маски“- независниот театар „Артопија“ со претставата „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин.

Пред доделувањето на трите фестивалски награди, на 16 април од 22 часот на Малата сцена на МОБ ќе биде изведена кореодрамата „Ла Ла Ла“ – авторски проект на Саша Евтимова

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *