проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
Сцена 3
Критиката постојано е распната помеѓу традиционализмот и модернизмот, но и меѓу теоретската и занаетската димензија, вознесот и практичноста, па за жал, многу често се случува одредени сегменти и аспекти на театарската креација или да бидат пренагласени, или воопшто да не бидат опфатени.
Критиката претставува дејствување и(ли) насочување, страст и потрага по вистинска посебност (во најширока смисла на зборот), дијалог, чувство на верба, па дури и завис(нос)т кон и од критичарот.
Театарот треба да се сака, да се следи и анализира феноменот на театарската игра. А, за најдобра и најполезна критика се смета онаа која е ефективна и конзицна, инструктивна и мотивирачка.
Македонската театарска критика не е исклучок од правилото, иако поседува свои специфичности, односно боледува речиси од истите детски болести на критичарскиот занает во земјите од окружувањето. Овој наш мал хрестоматски преглед – има цел да укаже на дел од најзначајните и најактивните театарски проследувачи – критичари, без претензии да претставува и антологиски избор, туку повеќе да биде еден вид панорама на стилски особености, различности, преокупации и изразни средства.