ОСУМ ПРЕМИЕРИ, 120 ОДИГРАНИ ПРЕТСТАВИ
Сезоната 2017 Театар „Јордан Х.К-Џинот“, Велес ја заврши со 8 реализирани премиери, од кои 5 одобрени и поддржани со Националната програма за култура, 2 од сопствени средства и 1 копродукција. Во рамките на Годишната програма за работа, со поддршка на Министерството за култура на Р.Македонија беа реализирани претставите „Ана Комнена“, „Театар љубов моја“, „Песни за татковината“, „Синиот портокал“ и „Тирамису“.
Од сопствени средства Театарот ги продуцираше претставата за деца „Волшебникот од Оз“ и комедијата „Вдовицата се мажи“. Во копродукција пак со „Северно од Импакт“ беше реализирана претставата „Шумата на моето дрво“. На редовниот репертоар на театарот во 2017 година беа одиграни 120 претстави кои ги посетиле 20.000 гледачи. Театарот имаше и повеќе успешни гостувања и фестивалски настапи каде што освои и неколку награди. Во подготовка е и новата продукција на претставата „Тоалет за дами“, која театарот ја реализира од сопствени средства и чија премиера е предвидена за 26 јануари.