СОЗДАВАЊЕТО МУЗИКА Е ИСЦЕЛИТЕЛЕН ПРОЦЕС
Во текот на 2004 година, Калиопи со својата музика е присутна и на “штиците што живот значат”. Имено таа ја реализираше музиката за претставата Таа актерска куќа (адаптација на Дневникот на Ана Франк) во која главните улоги ги одиграа: Васил Зафирчев, Ѕвездана Ангеловска, Ана Костовска, Милица Стојановска и други. На 15 октомври 2004 година, во Скопје се одржа премиерната изведба на првиот македонски мјузикл Чија си, кој во текот на летото веќе беше промовиран во Охрид и Битола. Калиопи ја одигра улогата на Нина. Мјузиклот Чија си е дело на режисерката Виолета Џолева, која осмислуваќи го, инспирацијата ја нашла во истоимениот легендарен шлагер на Славе Димитров. Сценариото е на драмскиот писател Сашко Насев. Во овој неверојатен сценски перформанс, Калиопи покрај веќе афирмираниот вокал ги истакна и своите актерски способности.
Во декември 2004 година, се случи премиерата на претставата „Танц на ноќните пеперутки во Ориент-експресот“ на режисерката Виолета Џолева, работена по драмскиот текст на Петре Бакевски. Музиката за оваа претстава исто така беше дело на Калиопи.
Во септември 2005 година, во продукција на Македонската Опера и Балет, Калиопи ja напиша музиката за балетот “Јас Исидора” во кореографија на Олга Панго, кој доживива невиден успех и го издаде албумот “Me Isadora” со оригиналната музика.
Во 2007 година ја пишува музиката за првиот поетско игран филм,”Елегија за тебе”, посветен на македонскиот великан на поезијата, Коста Солев Рацин.
Иcто така ја работев оригиналната музика за претставата “ Алма Малер “ во Македонскиот Народен Театар по текст на Димоски, во режија на Васил Зафирчев.
Во периодот од 2016-2017 , инспирирана од текстот на Сашо Димоски “Госпоѓиците од Авињон” ,го започнува процесот на создавање на темите за музиката на истоимената театарска претстава, која на 23.02.2018 ја доживеа својата премиера во Македонскиот Народен Театар.
Дали тимот што е поврзан така духовно – уметнички, е лесен за соработка или е посебен предизвик?
– Под Театар подразбирам- колективна работа и сметам дека единствениот влез и излез на индивидуалноста е можен чекор , само доколку се стремиме кон усовршување на комплетноста на делото , усогласувајќи ги идеите и почитувајќи ги останатите индивидуалности. Тоа за мене значи духовно – уметничка поврзаност, додека пак предизвикот, секогаш го наоѓам во инспирацијата.
Колку е “ лесно “ да се склопи музика за една претстава, и од каде почнува, а како и каде завршува тој процес?
– Создавањето музика за мене значи исцелителен процес, бидејќи со секоја “исфрлена” тема, јас од внатре го чистам просторот и времето,за повторно да бидат вткаени во друга временска и просторна димензија.
Во театарот процесот започнува со раѓањето на нечија или некаква идеја , која треба да биде провокација за создавање. Во последниов случај, тоа беше текстот на Димоски. Уште за време на моето прво читање на “Госпоѓиците од Авињон” , во мене свиреше целосната оркестрација на главната музичка тема во претставата. Платната на Пикасо оживеаа , боите се разлеваа по ликовите од неговиот живот а Госпоѓиците од Авињон станаа мои ривалки. Тие не застапуваа ништо од сето она што јас би го направила или не би го направила. Дури не можев ниту да се сожалам над нивните судбини, токму заради нивните обезглавени души. Сметам, ова е барем мое лично мислење, дека процесот никогаш не завршува, бидејќи токму театарот не го дозволува тоа.
Многу тага се почувствува низ музиката во претставата…До толку ли жените носат тага во себе кога се со маж, кога нема возвратена љубов?
– Јас мислам дека тагата не е застапена толку во музиката ,колку во феноменалниот текст на Димоски. Од самиот почеток ми беше јасно дека тагата на Пикасовите музи не може да биде мој извор на инспирација.Така почнав да создавам теми кои се чист контрапункт на веќе распосланата емоција и состојба на главните ликови.
Музиката го осликува сето она што би можело да значи ново продолжение ,нов почеток или поточно- нов живот.
Затоа за мене по спојувањето на музиката со ретставата,најбрилијантното и најфасцинантно нешто беше тоа , што иако знаев колку инспиративно актерите ја доживеаа музиката, тие играа како намерно да ја игнорираат истата и како да и пркосат на емоцијата која таа ја носи. Затоа , мојата преработка на темата “Андерлето”, (старо сефардска песна), со сета нејзина контроверзност и сила, ја одбрав да биде музичкиот коментар во претставата.
Има ли Калиопи “куфер“ ноти, за многу претстави?
– Мојот “куфер” e преполн, но никогаш тежок. Секогаш пред да го отворам, гледам добро да го износам до најдалечните места,таму каде што само мислата може да отпатува.
Зошто малку те искористуваат на македонската театарска сцена?
– Јас сум таа која го лимитира моето присуство на театарската сцена. Не е квантитетот она што ме засега, туку провокацијата. Дури и во сферата на поп-рок музиката тоа од секогаш било така. Ако нема препознавање, соединување на мисла , емпатија, нема ниту уметност. Јас го работам само она што ми е предизвик и што не ме ограничува во мојата креативност.
Зошто така ја опеја вековната муза – Жената низ музиката во “ Госпоѓиците од Авињон“, и не пренесе низ векови и низ пеење, па раскажи ни за жената Кралица, слободна?
– Затоа што Жената сама по себе е музика. Жената муза- Жена Кралица, и под најсилни прангии ,Таа ја глуми слободата. Зарем има нешто понесовршено совршено?
Интервјуто го водеше Катерина Грозданова