МОНКЛ

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

Сцена 3

Критиката постојано е распната помеѓу традиционализмот и модернизмот, но и меѓу теоретската и занаетската димензија, вознесот и практичноста, па за жал, многу често се случува одредени сегменти и аспекти на театарската креација или да бидат пренагласени, или воопшто да не бидат опфатени.

Критиката претставува дејствување и(ли) насочување, страст и потрага по вистинска посебност (во најширока смисла на зборот), дијалог, чувство на верба, па дури и завис(нос)т кон и од критичарот.

Театарот треба да се сака, да се следи и анализира феноменот на театарската игра. А, за најдобра и најполезна критика се смета онаа која е ефективна и конзицна, инструктивна  и мотивирачка.

Македонската театарска критика не е исклучок од правилото, иако поседува свои специфичности,  односно боледува речиси од истите детски болести на критичарскиот занает во земјите од окружувањето. Овој наш мал хрестоматски преглед – има цел да укаже на дел од најзначајните и најактивните театарски проследувачи – критичари, без претензии да претставува  и антологиски избор, туку повеќе да биде еден вид панорама на стилски особености, различности, преокупации и изразни средства.

 

МИЛАН Секулоски актер

 

Во прво лице

Расеан сонувач…

1. ЗА СЕБЕ – Расеан сонувач.

2 . ЗА ЉУБОВТА: Ништо без неа.

3. ЗА ЖИВОТОТ: Животиште-Чудо !

4. ЗА ТЕАТАРОТ: Неизлечива болест

5. ЗА ДОБРОТО: Само за добро да е (мислам дека беше стих од некоја песна)

6. ЗА ЗЛОТО: Без него не би го препознале доброто

7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Да се живи, здрави и подалеку од мене.

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Исто како за непријателите, ама да се до мене.

8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ : Нешто што никогаш не го научив

9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Малку се лепи на гласни жици, ама не е страшно.

10. ЗА КОЛЕГИТЕ: Без нив ништо.

11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Ќе си ги сонувам додека не дојдат на јаве

12 . ЗА ИДЕЈАТА: Добро е да се има идеја.

13. ЗА СОНОТ: Магијата на спиењето.

14. ЗА ЈАВЕТО: Подобар е сонот.

15. ЗА ВИНОТО: Топлина за душа и тело.

16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Најголемата поддршка за моиете соништа.

17. ЗА КРАЈ: ФРЛЕТЕ ГИ СКАПИТЕ АЛИШТА !!!

Пофала на лудоста – Еразмо Ротердамски

Режија: Саша Нацевски

Во продукција на приватниот театар Чин 4 Сцена 5 со поддршка на НУЦК Марко Цепенков – Прилеп. Премиера крај на Март или почеток на Април

Елизабета Стефановска актерка

 

Во прво лице

Не знам ништо, учам секој ден

1. ЗА СЕБЕ – Луд Диоген,сеуште и секогаш ќе го барам Човекот како олицетворение на доброто .
2. ЗА ЉУБОВТА – Само една од сите е вистинска…Вечност, па макар и со превисока цена.
3. ЗА ЖИВОТОТ  – Не знам ништо, учам секој ден.
4. ЗА ТЕАТАРОТ – “Најди го тоа што го сакаш и дозволи му да те убие”…Можеби еден ден и ќе ме убие…”The show must go on”
5. ЗА ДОБРОТО – Се.
6. ЗА ЗЛОТО – “Секое зло за добро”…Но подобро да го нема…
7. . ЗА ПРИЈАТЕЛИТЕ Имам само пријатели, колку се, толку се, токму се. Си ги одгледувам
НЕПРИЈАТЕЛИТЕ -Таквите НЕ ПОСТОЈАТ.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ – Лоша школа, ужас!
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА -Имуна сум  Кога не ја дишам, се разболувам !
10. ЗА КОЛИГИТЕ – Луѓе од крв и месо. Секогаш со разбирање, љубов и човечки однос кон сите нив…Така ме учеа мене. Оние што не мислат така…жал ми е за нив.
11.ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ – Ќе ги одиграм.
12. ЗА ИДЕЈАТА – Причина за причината и потаму
13. ЗА СОНОТ – Не е случаен .
14. ЗА ЈАВЕТО – Живот,тука и сега. Борба за реалноста да му се приближи на сонот.
15. ЗА ВИНОТО – Љубов. Нека е добро и нека е црвено.
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО – Незаменливо и Свето .
17. ЗА КРАЈ –  Да не паламудиме многу. Животот и не е така краток. Има време за се, ама баш се…Фала му на Бога.

Да се биде светски па наш или да се биде наш па светски – прашањето е сега!

 

Ова е порака по повод светскиот ден на театарот, 27ми март, од јуниорскиот Нобеловец и театарски студент Игор Томески.

Во овие модерни времиња на 21-виот век,  кога формата на сите нешта и појави околу нас се попримамливо го зграпчува целокупното внимание, истовремено терајќи не да ја занемаруваме есенцијата и суштината на животот – токму сега, основата дејност, цел и суштина на театарот никако не смее да избледи. Како и сите уметности, така и тој (театарот) денес е обременет со отежнета задача и одговорност да ја примами и задржи публиката, преку својата надворешност и маркетинг, и да ја натера да биде постојана во желбата за конзумирање уметност и знаење. Откако денешниот просечен театарскиот гледач, примамен од убавата зграда, колоритните постери и звучните актерски имиња, ќе влезе во театарската сала, се гасат светлата. Тогаш, останува на театарското дело само да покаже дали примамило публика за да ни раскаже лага или да ни каже вистина? Таму, во затемнетата сала, нема бегање од вистината!

Дали делата што се играат денес суптилно се трудат да го залажат гледачот (со што несозреаното дело се лаже самото себеси) или пак претставите искрено и зрело се втурнуваат во тоа да продрат во дел од есенцијата на човечноста во секој од гледачите, треба да се запрашаат сите чинители на театарскиот феномен, како театарџиите така и публиката, преку искрено и неуморно критичко размислување.

Да се раскаже животната перцеција на реалноста и да се допре до апсолутот и вистината на постоењето е непрестојан стремеж којшто треба да го најдеме во срцето на театарското живеење. Со тоа, кај театарџиите, особено кај актерот – како субјектот преку кој треба да е кажана вистината – потребено е „штимање“ на неговиот “инструмент“ да може да „прозвучи“ со вистинита театарска мелодија. Инструментот, во овој случај, претставува личноста и карактерот на самиот актер и на самиот театарџија. Неопходна е интелектуална имплозија преку образование и искреност кон самите себеси и другите, пред креативната екплозија кон светот и пред публиката воопшто да се случи.

Одлуката за занимавање со театар од страна на уметниците сама по себе подразбира индивидуална одговрност за наобразување, порив кон дознавање вистината и отпор кон прифаќање на лагата која зазема поголем облик во сите модерни и површни потреби како аномалии на денешното напредно општество, каде бесцелната креативна експлозивност полека но сигурно се пласира како „мејнстрим“ – нешто што од нас се очекува тивко да го прифатиме и реплицираме. Ова се случува бидејќи единица мерка за креативност, вистинитост и чувство за добрина во денешниот свет навидум не постои, со што „апсолутот“, „добробидот“, „развојот“ и „конструктивноста“ полека но сигурно стануваат релативна работа, во недостиг на одредени  неменливи морални вредности. Баш поради тоа, продор кон суштинската вистина треба да биде приматот на театарската дејност: да се разбие убавото лице и милозвучниот глас на лагата и илузијата. Така, работата на актерот, режисерот и другите чинители на театарот на самите себеси го изоштрува „чулото“ или шестото сетило на театарџијата да го чуе дел од ехото на апсолутот.

Македонскиот театар, со своето ехо од минатото и со крстопат пред кој се наоѓа во дешеницата, е ставен на тест помеѓу зачувување и губење на  својата суштина и цел. Тој неуморно се бори помеѓу интимноста и јавноста, помеѓу искреноста и полтронство. Театарџиите, како и секој човек, неминовно се судираат со подвоеноста на нашето постоење: на есенцијалнитата театарска суштинска: искреноста, скромноста, интимноста и беусловниот стремеж за апсолутна вистина и слобода во театарот; наспроти формата: јавноста, експонираноста, неуката субјективност и бесцелнaтa допадливост на театарот. Природата на јавната професија во театарот, со јавните настапи, овациите, аплаузите како неизбежни елементи на театарувањто, треба да ја зголемат одговорноста на театарските чинители кон својата публика да бидат вистинити, и истото никако не смее негативно да влијае врз карактерот или врз целите за поривот на тетарџиите. Напротив, нивната лична и професионална одговорноста  е уште поголема кон себе и кон другите.

Актерството и театрувањето, иако е јавна професија, мора да се сфати како секоја друга професија, без разлика дали се игра за полна сала или еден гледач. Јавниот настап би требало да користи само како стимул за морално однесување, а себељубието би требало да се претвори во почит кон предходниците и подадена рака за младинците. Даските што живот значат се одговорност пред генерациите што играле пред нас, за да моменталната генерација заслужиме да биде на сцена, почитувајќи ги предходниците но и  отворарајќи им го патот на оние генерации што ќе потрва доаѓаат.

Уште од раната античка историја,  театарот на овие простори имал силно влијание но претрпел и долготрајна модификација со текот на вековите.  Македонскиот театарот, како таков, мора да трага во обид да ја дефинира  својата идентитетската клетка, да направи чекор и поглед наназад, пред безусловно да се турне кон глобалното моденрото сфаќање на театарот. Идентитетската градба, според мене, би требало да се состои од повеќе единици и тоа: искрена слекеција во профилот на луѓе од кои се состои театарот, искрениот однос кон домашната историја на театарот, , вградување на чувство за идеолошки и индивидуален став но во рамките на колективниот национален уметнички став, па дури и воспоставување на принцип и кодекс на работа којшто ќе вроди со плод, доколку е потребно.  Како што секој актер тргнува да ги гради ликовите од светските класици од себеси, како што секој автор тргнува од учењето и усовршувањето на својот јазик па потоа светскиот, така и индентетиската градба на македонскиот театар мора да има приоритет кон себе и своите корени, за да биде складен, логичен и  сигурен пред светските трендови. Да се биде светски па наш или да се биде наш па светски – прашањето е сега!

Конечно, театарот на секаде низ светот, па и во Македонија, мора да се бори да се изгидне над политиката и политичките случувања, неисклучувајќи ги но и непотенцирајќи ги бесцелно. Со тоа, политичарите не смее да ги привлечат театарџиите кон себе, туку обратно – театарџиите, со својата работа и дигнитет, треба да се изборат да бидат центарот на случувањата, центарот на вниманието и центарот на вистински имплементираните интелектуални вредности, секако, за добро. Театарот не смее да биде се случува позади сцена, туку на сцена! Местото на актерите не би требало да е на дебати и протести, туку исклучиво на сцена! Со самата популарност на театарџиите, се зголемува одговорноста на секој актер или театарски чинител за секој јавно изговорен збор и секое јавно направено дејствие како на сцена па така и во приватноста. Впрочем, секој  театарџија  го претставува театарот каде и да оди, и ниеден негов искажан збор и дејание не може да се повлече назад. Според нобеловите вредности, правилната мисла во нас води кон правилен збор кон останатие, па кон правилни дејствија за сите околу нас.

Како заклучок, уметниците, секаде па и кај нас, треба да настојаваат ги прават правилните дејанија : тие не треба да разбирааат никаков друг протест осем креативен протест – на даските што живот значат, каде им е местото. И, за да една критика од било која природа биде успешна, најпрво треба да сме искрени и да се преиспитаме самите себеси преку ликовите што ги играме, да ја преиспитаме литературата преку делата што ги работиме, обсежно да го истражиме и преиспитаме па дури потоа да го критикуваме светот.

Игор Томески,

Македонски Јуниорски Нобеловец

Денес е светскиот ден на театарот

 

Биографите на Марк Твен се уверени дека чувството за хумор го добил како наследство од мајка му Џејн Клеменс, добродушна и секогаш весела жена.
Еден ден, на постари години, патувала со воз. Нејзините соседи во вагонот почнале да спорат за родното место на Марк Твен – Флорида или Ханибал. Џејн Клеменс се вмешала и соопштила дека писателот се појавил на светот во Флорида. Но еден од дискутантите останал на свое:
– Не се согласувам! Тврдам дека Марк Твен се родил во Ханибал.
За да ја прекрати дискусијата, старицата рекла:
– Јас сум негова мајка! Јас точно знам каде се има родено. Бев присутна.

Помалку е познато дека Марк Твен ја има напишано драмата ,,Полковникот Селерс,, која има доживеано забележителен успех во Америка.
Денес е светскиот ден на театарот.

Митко  Бојаџиски

Порака за Светскиот ден на театарот од Македонија

 

“Политиката може да биде театар со своите бројни заткулисни игри. Но театарот не смее да се претвори во политика. Нашата игра е отворена”, вели популарниот македонски актер Сашко Коцев, автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март.

Тој додава и дека во услови на исклучително загадена духовна средина, кога тривијалноста на примитивен начин агресивно се промовира како културна вредност и кога преку разни риалити шоуа и технички помагала бесмисленото ѕиркање во туѓите уште побесмислени животи стана секојдневие, неопходно е како никогаш досега да си поставиме прашања.

Прашувајќи дали е доволен досегашниот театарски пристап во однос на девијациите во реалноста и колкава е моќта на театарот, каде треба тој да цели и кој е неговиот краен дострел, Коцев истакнува: “Светскиот ден на театарот е одличен повод токму ние, театарските дејци, да ги симнеме маските ставени на нашите лица и да проговориме за вистината.

Да се навратиме, да се потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои не натерале да се бавиме со оваа професија. Да го замениме стремежот кон конформизам и благосостојба, кои во принцип значат креативна смрт за уметникот, со несебична борба за промена од моменталниот културен стриптиз во создавање здрава културна матрица”, вели меѓудругото во пораката Коцев.

Македонската порака утревечер ќе биде прочитана во сите театри во Македонија заедно со петте светски пораки напишани од автори од Мексико, Либан, Велика Британија, Индија и Брегот на Слоновата Коска.

„ГОЛЕМ СТУД“ – Дипломска претстава на студентите од ФДУ одделот Драмски актери

 

Факултетот за драмски уметности од Скопје во соработка со Македонскиот народен театар, на 26-ти (понеделник) и 27-ми (вторник) март ќе одржи премиера на дипломската претстава ГОЛЕМ СТУД, по сценариото за филмот THE BIG CHILL од Лоренс Каздан и Барбара Бенедек, која ќе се одигра во две постави на Малата сцена на МНТ со почеток во 19 часот. ГОЛЕМ СТУД е дипломска претстава на студентите од одделот Драмски актери во класата на проф. Зоја Бузалковска и насл. доц. Александар Степанулески. Класата ја сочинуваат: Сара Анастасовска, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Чедомир Митевски, Зоран Митровиќ, Душица Настова, Јаков Спасов, Петар Стојанов, Душица Тренева и Христина Цветаноска. Дипломската претстава ГОЛЕМ СТУД е работена по сценариото на американскиот филм THE BIG CHILL од Лоренс Каздан и Барбара Бенедек. Преводот на насловот е проблематичен, зашто самиот наслов во себе носи повеќезначност, која може да биде „прочитана“ и донекаде разјаснета само во контекстот на времето во кое се одвива дејството. Речиси секаде каде што се зборува за овој филм, излезен во 1983 година, се цитира дообјаснувањето на авторот и режисер на филмот Лоренс Каздан, врзано токму со алузиите кои ги отвора самиот наслов, не докрај јасен дури и за американскиот аудиториум. „ГОЛЕМ СТУД се занимава со членовите на мојата генерација кои откриле дека не сè што посакувале е возможно, дека не секој идеал во кој верувале останал во првите редови на нивните намери. ГОЛЕМ СТУД е за процесот на оладување кој е карактеристичен за луѓето од секоја генерација, кога се движат од надворешно-насочената, повеќе идеалистичка, загриженост на нивната младост до еден вид на само-апсорпција, сопствен интерес, што ги става личните желби над оние на општеството, па дури и – на еден идеал.“ Л. К. Триесет и пет години подоцна, во една средина сосема различна од онаа на Америка во осумдесеттите (со генерации кои растеле и се развивале во шеесеттите) и во еден временски контекст, навидум оддалечен од американскиот, една друга генерација се обидува да проговори за истите тие проблеми, донесувајќи ги на сцената во сета нивна универзалност и препознатливост.Дилемите кои ги загатнува ГОЛЕМ СТУД се проблеми на секоја генерација и се важни во секое општество во кое се случуваат драматични општествени превирања, како што е и нашето. Повеќе од тоа, дилемите ги надминуваат општествените прашања и задираат во најинтимното човечко, важно секогаш и секаде. Во момент кога животот со сета своја комплексност ќе нѐ натера да се запрашаме до каде сме останале доследни на своите борби заложби, верувања и големи планови, а каде сме се изневериле себеси и своите идеали, останува да ги преиспитаме своите постапки и да се обидеме да ја реконструираме надежта дека нашите животи ќе ги поставиме на вистинските основи и дека за тоа не е премногу доцна. Во таа смисла, ГОЛЕМ СТУД е токму тоа – претстава за РЕКОНСТРУКЦИЈА НА НАДЕЖТА.

ГОЛЕМ СТУД ја судира новата генерација драмски актери со голем предизвик и тешка актерска задача – низ еден реалистичен пристап, во ритам препознатлив за филмскиот јазик и со леснотија во играта, да се обиде да ви ја раскаже оваа сложена драмска приказна..

 

Нобеловецот Орхан Памук

 

Еве како ја “разоткрива“ суштината на актерството.

– Добар актер е оној што го претставува седиментот, неистражените и необјаснети сили што се таложеле со векови. Лекциите што ги научил ги крие длабоко во себе. Неговата самоконтрола е восхитувачка – никогаш не го соголува своето срце. Сиот свој живот патува по непознати патишта, глуми во зафрлени театри, во градови заборавени од Бога, и секаде кај што оди го бара гласот што ќе му даде вистинска слобода. Ако има среќа да го најде тој глас, мора без страв да го прифати и да го следи до крај. (“Снег“)

Премиера „Еднаш свет изградив“ ТДМ Скопје

Премиера 21. Април 2018 година, 20.00 часот  ТДМ Скопје
Текстот „Еднаш свет изградив“ е пишуван по мотиви на романот „Сидарта“ од Херман Хесе. Преку семејна приказна за татко и синкои се среќаваат после долги години, авторот на претставата Јане Спасиќ се обидува да согледа неколку поважниживотни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки.

Преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот. Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители, дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Дали некое од овие прашања има дефинитивен одговор или засекогаш остануваат отворени?

Претставата е работена низ заеднички, експериментален процес заедно со актерите од Театарот за деца и младинци – Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и младиот гостин Михаел Стојановски кој има само девет години.

Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите ги дизајнираше Бранкица Јордановска, композитор на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ.