ОДБЛИСКУ СО НАТАША ПОПЛАВСКА, РЕЖИСЕР

 

За Љубовта, Театарот и Животот – за, во и околу него…

Глумата кај луѓето, колку помага во “ кроењето “ на претставата?

Ако мислиш на секојневнате маски кои ги носат луѓето, или фарсата во која живееме, да, апсолутно многу помага во “кроењето“ на претставите.

Еве, на пример претставата “ Зојкин стан “ – од Булгаков која ја правев во Београдско Драмско Позориште во Белград, по својот жанр е трагична фарса. А токму минатите две-три години бев апсолутно понесена од “глумата на љуѓето”, па инстиктивно барав текстови кои се блиску до она што го гледам, доживувам…па така покрај Зојка, во истиот жанр “трагична фарса” ја поставив и претставата “ Фигурае Венерис Хисториaе ” од Горан Стефановски, во Прилепскиот театар, претстава која ја понесе наградата за најдобра колективна актерска игра и најдобра сценографија на минатогодишниот “ Војдан Чернодрински “. Стефановски во неколку сцени-отсечки на само нему својствен начин, низ карактери ставени во опасна ситуација ја извелкува фарсата или “ глумата на луѓето ”.

Е, ако пак зборуваш за “ актерската игра ” на актерите и колку таа помага во “ кроење “ на мојата претставата, тогаш ќе го кажам истото. Да, многу помага. Најдобро е кога режисерот и актерот се надополнуваат и се разбираат во кративното создавање. За мене е многу важно актерите да располагаат со повеќе жанрови во себе и да можат да се справат со повеќе театарски форми. Истовремено сакам актери кои се особено дисциплинарни кон своето тело и глас, актери кои сакаат да ја поместат својата граница, а со тоа да ги поместуваме заедно границите на нашиот театар и возможното, создавајќи магија.

Сценската прашина, како ја чистиш?

Со физичка активност. Кога бев мала, тоа беше креативно физичка активност- балетот, а денес чистењето го правам со редовно користење на базен. Креативното прочистување го правам така што осознавам нови светови, градови, култури …Често патувам и на тие патувања обврзно разменувам огромна креативна енергија во другарувањето со колеги од другите земји. Обврзно гледам претстави и концерти надвор од МК и со тоа се прочисувам, не само од театарската прашина, која ми останува на облеката и кога ќе ја напуштам сцената, туку се прочистувам и од сопствените визии кои биле многу интензивни во периодот во кој сум творела.

Идејата и сонот, колку време им треба да се реализират?

Зависи …има соништа за кои свесно ја одложуваш нивната реализација, има соништа кои веднаш сакаш да ги видиш, реализираш.

Некои мои соништа како мјузикот “Чикаго“, ја чекале својата реализација 9 години, некои чекале една, две години…а некогаш кога се работело за сон кој ја зесега само мојата лична сатисфакција, се случува тој сон да го релизирам и за неколку часа…тоа може да биде сликање на платно, фотографија…готвење или патување…

Семејството?

Семејството е главниот, базичниот извор на енергија за живот, креација, слобода…за она што си ти, јас. Семејството е моја поддршка, поткрепа, топлина и мој најголем проект…Благодарна сум што го имам и моето ново создадено семејство и моето старо, базично од кое тргнав да се осознавам јас.

Тешко ли е да се работи со Емил?

Не, со Емил е задоволство да се работи, започнувајки од неговата креативност, пожртвуваност за проектот, одговорност, па се до финалната реализација на неговата естетика водена за нашата претстава, филм…. креација. Јас и Емил сме се запознале преку работа, така што е сосема природно да работиме и создаваме заедно волшебни светови, колку што најдобро умееме и тоа сега за сега лесно ни оди.

Една си од ретките режисерки кои обрнуваат големо внимание на гламурозноста на костимите. Зошто?

Веројатно затоа што првата театарска магија која ме маѓепсала бил Балетот, а во Балетот, особено во класичниот, се обрнува големо внимание на костимот и сценографијата и воопшто таа магична атмосфера во која најчесто се случуваат балетите. Потоа, затоа што мојата мајка беше моден новинар често патував со неа на сите големи модни саеми во Белград, Загреб и Љубљана, а на Скопскиот саем на мода бев исто така редовен гостин. Па така, веројатно, одејќи на сите модни ревиии, балетски претстави , естетиката, костимот, гламурозноста и визуелниот изглед на претставата како: светло дизајнот, видео дизајнот, костимот и шминката, се мои алатки од кои не се откажувам колку и да е “тешко времето”, туку особено уживам кога работам на нив во моите претстави. Често моите претстави се надополнети со приватни спонзорства на големи модни куќи од Македонија или Компании кои имаат чувство за општетствена одговорност и тоа токму заради потребата на костимите на моите претстави. На многу претстави лично или преку “Арт медиа“ сум ги надолонувала буџетите на претставите како: “Чикаго“,

“Венецијански трговец“, “Лиситрата“ и многу други, кои без помош на моите пријтели од бизнис секторот и моите костимографи како Александар Ношпал и Роза Трајческа, немало да добијат таков изглед. Често заедно сме сме ги вложувале сите сили, пријатели, можности и наши буџети за да биде претставата таква каква што сме ја замислиле во доменот на костимографијата. Токму затоа, вие сте уживале во тие костими…

Мjузиклите се твој животен сон. Што е следно?

Животниот сон ми се транформираше во изминативе години или поточно речено ми се промени сосема, односно редоследот на моите соништата ги заменија своите места. Но, ако зборуваме за професионалните соништа, имам уште многу неостварени, една од нив е модна линија, моја на пример…или школа за жени 🙂

Не би можела да кажам точно, секоја инспирација може да биде сон, а инспирацијата доаѓа одненадеж, неочекувано…. а и сонуваме секојдневно…така што би рекла после оставувањето на мојот сон – да се отвори сериозно мјузиклот како жанр во земјата преку поставување на неколку претстави / мјузикли. Сега следно, можеби следствено, би сонувала за ….Мјузикл Театар…. да кажеме…

Од нережираните претстави, што е следна провокација- желба?

Следна провокација е Балет, по неколку години повторно пишувам либрето за нов балет, на музика од големиот Астор Пиацола, а за познатата италијанска кореографка Сабрина Боско, со која ќе соработуваме на сцената на Македонската Опера и Балет. Дизајнер на светло е Милчо Александров кој е задолжен се да изгледа така луксузно. Потоа, мојата провокација, образование во културата е тема која веќе подолго време ме интересира, па оваа година ќе се посветувам и на работа со најмалите деца од различна националност и попречености во развојот, со кои ќе го осознаваме театарот и ќе создаваме претстави. Се разбира, и понатаму ќе работам на созадавање на мјузикли, а “Фантомот на операта“ веќе неколку години се трудам да го реалзирам, авторските права се веќе добиени, така што се надевам ќе успееме да го реализираме тоа огромно дело на Вебер Лојд…а во следниот период ќе работам и на нови соработки со нови ансамбли, надвор од земјата и ансамбли од земјата со кои сме се заборавиле…

Можно ли е Поплавска да ја видиме на сцената како глуми, игра или пее?

Ако дојдете на проба, можете да ме видите како играм пејам или глумам…во текот на процесот на работата се случува одредено движење, правец да покажам или нешто ситно, повеќе како насока да одиграм, ми се случило да заменам актер ако треба, за да продолжи пробата…се разбира тоа е нешто што е вообичаено за некои режисери. Некои мои колеги актери ми кажале дека јас сум режисер – глумец. Но, бидејќи се вели…дека тоа на актерите најчесто не им се допаѓа, гледам актерскиот талент да го сокријам, пејачкиот го развивам со работа на мјузиклите, а балетскиот мислам дека највеќе го поседувам и во моментов.

Архетипските и митски симболи во драмската трилогија „Вечна игра“ од Митко Маџунков

 

2

Површинскиот слој на трите драмски текста е покривка исткаена од нишките на релноста во која егзистираат ликовите  со своите судбини (реалистични и актуелни), но потповршинските сфери на текстот отчитуваат кодови на архетипски, митски и фолклорни наслојки. Во својот драмски израз, авторот ги вклучува механизмиите на несвесното кои го покренуваат погонот на архетипските и митски значења, напластени некаде во  неговата индивидуална меморија. Таквите симболи, набргу се издигнуваат на ниво на колективна своина и затоа читателот на драмата, како и гледачот на театарската претстава, умее да ги дешифрира и разбере. Очигледно, ако сите луѓе имаат заеднички наследени модели на емотивно и духовно однесување (архетипови според Јунг), единствено може да се очекува дека ќе ги најдеме нивните производи (симболички фантазии, мисли и дејства) практично на секое поле на човековата активност.[1] Архетиповите, тие „креативни и деструктивни сили во нашиот дух“[2]имаат сопствена  иницијатива и специфична енергија. Моделите на однесување на човекот од овој дел на Балканот каде што сме ние, ги создаваат личните комплекси, кои никогаш не создаваат ништо друго, освен лични предрасуди. (Јунг) А за разлика од нив, архетиповите создаваат митови, религии, филозофии што влијаат врз цели нации и историски епохи и им даваат посебен белег.[3]

Централна архетипска слика е претставата за злото, злото како сеприсутна категорија која се храни од изворот на нечовечноста. Тука е малиот човек кој живее во заклрилата на својата добрина и простодушност, како беспомошно се дави во вртлогот од кој единстевено го влече надоле, до пропаста. Единствено Гена (внуката, „момичката“ на Иљо М.) како архетип на чистота и невиност е противтежа на сè што се наоѓа од другата страна, злото во сите негови форми. Како архетипски претстави во драмите функционираат: претставата за жртвувањето на Гена, претставата за смртта олицетворена во ликот на Мумијата (и останатите ликови кои гравитираат околу нејзиното поле), патувањето и преминувањето во светот на мртвите, па и дел од ликовите имаат архетипски предзнак. Ликовите во трилогијата се алегорични и метафорични манифестации на реалноста, но и проекции на апстрактни појави кои се дел од опкружувањето на човекот. Бидејќи уметничката мисла не е диктирана однадвор од предметите во светот, туку таа извира од нивните сопоставувања и заемни дејства[4], ликовите во драмите на Маџунков се токму протипови на таквите дејства. Ликовите со митски предзнак, се ликови симболи или ликови метафори и токму тие се непреводливи со јазикот на логиката, но затоа пак, асоцијативните спреги ја разоткриваат нивната суштина.

Симболите раскажуваат приказни, чиј почеток е некаде во минатите светови, каде замислуваме дека започнува да се создава нашата колектива мемеорија. Ако симболот ја означува духовната потрага на човекот по нешто што е одамна изгубено, тогаш секоја нова генерација ја води најважната битка, да се врати изгубениот човек меѓу луѓето.

Змијата како најстар и најраспространет митски симбол (се среќава во митологијата, религијата, литературата, науката) е подложна на многустрани анализи, кои само ја докажуваат амбивалентната природа на самиот симбол. Змијата не е архетип, таа е склоп од архетипови поврзан со ладната, лигава и подземна темница на исконот.[5] Симболиката на змијата е широко распространета во верувањата на словенските народи, во основата таа е покровител на домот, чувар на куќата која лежи скриена во некој дел од домот (на прагот, под огништето и сл.). Верувањето дека змијата е најголемиот чувар на богатството, било широко распространето и кај древните антички народи. Љубинко Раденковиќ пишува за тоа дека старите Римјани сметале дека секој дом, општина, град, улица има свој покровител, дух на местото (genius loci) кој се покажува во облик на змија. [6] Кај Македонците живеело верувањето дека секоја куќа има свој покровител или стопан, олицетворен во змијата смок. Таквата древна претстава за змијата како дух покровител на домот, Маџунков ја презема како носечки мотив за својата драма „Големиот смок“. Одземајќи му ги сите атрибути кои му припаѓаат на митскиот симбол, вешто потенцирајќи ги сите опозитни карактеристики на истиот тој симбол, авторот создава претстава на испревртени вредности, кои се во суштината на рушењето на добробитот на една заедница. Така покровителот и чуварот станува уништувач и разорувач на домот кој е наша заедничка татковина. Впечатлива е споредбата на змијата и човекот, две суштества од кои првото стои на почетокот на долгата генеза, а човекот на крајот на истата таа генеза. Култот кон змијата му припаѓа на оние култови кои му претходеле на култовите на божествата во човечки облик.[7] Архетипската претстава за змијата рефлектира значења кои ги опфаќаат паганските, религиозни, социјални, семејни сфери и како симбол кој инкорпорира опозитни значења (позитивно како добра сила која носи здравје, плодородие, живот и негативно, лоша и сила опасна по животот на човекот) во драмата на Маџунков е само навестување за неминовниот крај што им следува.

( продолжува )

Д-р Ана Витанова Рингачева

Димитар Ѓорѓиевски – актер

 

Во прво лице 

Фрлете ги партиските книшки

 ЗА СЕБЕ   Кога како.

ЗА ЉУБОВТА:   Ја прифаќам во многу различни форми. Се обидувам и да ја давам. Зборот е преексплоатиран.

ЗА ЖИВОТОТ: Секој да си го живее како што му чини.

ЗА ТЕАТАРОТ: Најчесто досадно за гледање. Супер за играње.

ЗА ДОБРОТО Се најдобро.

ЗА ЗЛОТО  Не сум сигурен дека постои како формата од приказните. Мислам дека се работи за деформации и лошо воспитување.

ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ Не можам да се сетам на ниеден во моментов. Ако се препознае некој, нека ми јави, ќе се договориме.

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?   Голем поздрав.

ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ:  Ако човек добро размисли, неизбежна е и ја има насекаде, сакале ние да си признаеме или не.

ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Интересно изгледа на светлина од рефлектор.

ЗА КОЛЕГИТЕ: Неизбежен дел од театарот. За среќа.

ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Па има еден куп.

ЗА ИДЕЈАТА:  Немам идеја.

ЗА СОНОТ: Понекогаш дава добри идеи.

ЗА ЈАВЕТО: Исто така.

ЗА ВИНОТО: Исто така.

ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Убава работа.

ЗА КРАЈ: Фрлете ги партиските книшки.

 

 

Ношпал – Еден заеднички почеток Успешни 20 години

 

Костимографија и сценографија Александар Ношпал напиша за представата “Убавицата и Ѕверот” во Театрот за деца и младинци

 

 

06.02.1998

На овој ден, пред 20 години, беше изведена премиерата на представата “Убавицата и Ѕверот” во Театрот за деца и младинци, кој таа вечер воедно и ги отвори вратите на својот официјален простор и сцена. Представа, за која ја потпишав мојата прва костимографија и сценографија, со што ја започнав мојата 20 годишна карира во областа на сценско-визуелната уметност.

Авторскиот тим го сочинуваа:
Режија: Димитар Христов
Автор: Игор Бојовиќ
Превод и препев: Петре Бакевски
Музика: Славе Димитров
Кореографија: Александар Хаџиманов

Премиерната постава се состоеше од следните актери:
Убавицата: Ана Левајковиќ – Бошков
Ѕверот: Владимир Лазовски
Скакулка (раскажувач): Тања Кочовска Павловска
Принцот: Драган Довлев
Таткото на убавицата: Предраг Павловски
Маѓепсницата: Олгица Христовска Кошутиќ
Ѕверот над Ѕверовите: Игор Маџиров

Истата 1998 година, на гостувањето на Петтиот меѓународен фестивал за детски театар во Суботица (Р. Србија) представата донесе и две награди: наградата за најдобро актерско остварување на Тања Кочовска Павловска, како и наградата за најдобра сценографија и костимографија, прва во мојата театарска кариера.

Представата до денес е одиграна 347 пати, со што го превзема епитетот на досега најиграна представа во македонската театарска историја (сеуште со истиот непроменет сценско-визуелен израз).

Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на Театарот за деца и младинци за нашата долгогодишна соработка, на целата уметничка и актерска екипа на представата (за жал некои од нив не се повеќе меѓу нас), на сегашната в.д. дуректорка и актерка Катерина Илиевска Силјановска, на актерката Изабела Новотни, како и на поранешниот и сегашен актерски ансамбл на оваа институција.

И за крај, не би бил тука кадешто сум, доколку еден човек не веруваше во мене: тоа е долгогодишниот директор и основач на театарот, господинот Љубомир Чадиковски, мојот духовен “татко”, учител и човек кој ми ги отвори вратите во оваа уметност и ми овозможи да бидам дел од оваа приказна. Посебна и неизмерна благодарност и до мојата најмила Љубица Велкова, мојата постара “сестра” и извонреден професионалец со неверојатен талент, знаење и умешност во изработката на костимите и пошироко, во театарската и ликовната уметност, која е неизоставен дел од мојот живот до ден денес. Големо благодарам и до целиот техники тим на театарот со кој пораснав сиот овој период (за жал некои од нив не се веќе меѓу нас): Наде, Софче, чичко Темчо, Кире, Ангел, Оли, Вики, Ѓуре, Убавка, Драгана и сите останати минати и сегашни членови на оваа театрска куќа.

Со 10 реализирани костимографски остварувања за театарски проекти и со 3 освоени меѓународни награди во оваа област, Театарот за деца и младинци бил, е и ќе остане мој втор дом.