MOHOKЛ

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

Сцена 2

Во делото “Функцијата на критиката“ (1984), Тери Иглтон вели дека критиката како професија се родила во исто време кога и јавната сфера, односно кога средната класа добила право да гласа и научила дека постојат начини на уважување на контрадикторните ставови, спротивставените идеологии, како и сатиричниот детрониран авторитарен режим.

“Ле Монде“ е еден од најчитаните весници во Франција, токму поради тоа што нуди критика со став. Но, често покрај проблемот со непостоечката или несоодветната критика од страна на критичарите, проблем се и уметниците кои се ненавикнати да ја поднесат негативната критика. Независно од тоа, критиката укажува, подучува и корегира, па треба да се знае сето тоа и да се исползува.

Вистинската критика треба да овозмножи доволен простор за детална анализа, иако просторот во медиумите наменет за критиката денес или е ограничен или е недоволен за аналитичка и содржајна критичка мисла.

Една од основните и заеднички карактеристики на критиката е активната љубов кон театарската уметност, зашто уметноста и критиката се во постојана корелација, т.е. зависат една од друга, живеат, растат и се надградуваат  взаемно. Критиката секогаш постои и поради иднината, односно  по театарските претстави остануваат емоциите, но и критичкиот запис.

Денес, критиката освојува сî поголем простор на интернетот и радиото, каде доаѓа до израз и спонтаноста на критичкото размислување. Но, критиката е и “залудна авантура”, во услови кога драстично е намалена потребата за професионална критика, како и разгледувањето на уметничкото дело како културен и уметнички чин, односно компактна, интегрална и хомогена мултимедијална целина.

Инаку, непристрасната и аргументирана критика станува решителен и објективен локатор. Критиката е врската помеѓу театарот и публиката, таа е личен чин на посредување помеѓу најразличните можни толкувања. Критиката е естетски и етички суд, но пред сî, личен чин кој поздразбира искуство, разбирање и професионализам, пристојност, па и почит.

Критиката претставува поддршка, патоказ и ориентир, или би рекле чекор кон и во затемнетата сала. Колку аплауз – толку критики и обратно. Но, не секогаш, зашто во практиката многу често се случува и спротивното. Сепак, радува различноста во критичките пристапи, мозаикот од ракурси и погледи, иако понекогаш токму поради полифонијата од критички гласови и нивните дијаметрално спротивни оценки и ставови – читателите, слушателите или гледачите се прашуваат дали сите тие навистина гледале иста театарска претстава!?