Театарот… и за театар е театар!

 

За ” Бракот е брак ” продукција Театар Комедија, режија Теа Беговска

Да се прави претстава за самата претстава, да се актуелизира чин за самиот чин, е секогаш интересен предизвик, особено ако режисерот драматуршки си ја #изрежира# сопствената режија, притоа сакајќи да ни докаже дека театарот со сите свои сништа, сеништа и фрустрации, го носиме и имаме и дома, е дури тогаш имаме театарско сочинение, во кое се е можно!

Па така, можно е во случајот со претставата ” Бракот е брак ” воообрзената режисерска реинкарнација на А.П.Чехов да ја режира “Просидбa”, притоа #лечејќи# се од сопствените несигурни животни врвици, да имаме актерка чиј сон е сал да го одработи своето, да видиме актер кој и покрај несогласувањето со тоа што го гледа и работи го одработува своето, да имаме директор кој во својата изгубеност самиот прави театар, се разбира. и за среќа задкулисно, да сме сведоци на суфлерка, која ништо не разбирајќи ќе не доведе до моментот на апсолутна невиност, речиси изедначена со глупост и така се до недоглед…

Се До моментот кога Чеховата “Просидба” станува претстава во еден бурлескно-фарсичен амбиент, во кој режисерот и двајцата актери се играат самите себеси, но и Чубуков, Ломов и Степановна и во кој #невидливиот# актер Теа Беговска е всушност режисерот, добиваме и имаме нешто за што впрочем и постои театарот: едноставно да се препуштиме и насмееме на играта заради игра, па макар во неа да е вткаена и нашата сопствена глупост!

Во целокупната таа фарсична бурлескност, речиси беспрекорно се втурнуваат Роберт Ристов, алијас режисерот или Чубуков, Столе Мицов алијас актерот или Ломов, и Ева Скендеровска, актерката и Наталија, заедно со “смотаниот” директор на Ердоан Максут и невината глупост на суфлерката Миа Кантарџиева, а сите нив “немо” ги следи Енес Беговски, со својата гитара како се (не)присутниот музичар… Целата оваа екипа видливо се забавува на сцената, притоа забавувајќи не и нас “отаде” рампата, кој на крајот од претставата на Театарот Комедија излеговме насмеани и позитивни, што бездруго значи остварена цел. Оттаму, благодарност до Теа и компанијата, во која се уште и Сергеј Светозарев преку својата сценографија, Марта Дојчиновска, со асоцијативно инволвираните костими и #притаената# звучност на музиката на Енес Беговски.