За Љубовта, Театарот и Животот – за, во и околу него…
Глумата кај луѓето, колку помага во “ кроењето “ на претставата?
Ако мислиш на секојневнате маски кои ги носат луѓето, или фарсата во која живееме, да, апсолутно многу помага во “кроењето“ на претставите.
Еве, на пример претставата “ Зојкин стан “ – од Булгаков која ја правев во Београдско Драмско Позориште во Белград, по својот жанр е трагична фарса. А токму минатите две-три години бев апсолутно понесена од “глумата на љуѓето”, па инстиктивно барав текстови кои се блиску до она што го гледам, доживувам…па така покрај Зојка, во истиот жанр “трагична фарса” ја поставив и претставата “ Фигурае Венерис Хисториaе ” од Горан Стефановски, во Прилепскиот театар, претстава која ја понесе наградата за најдобра колективна актерска игра и најдобра сценографија на минатогодишниот “ Војдан Чернодрински “. Стефановски во неколку сцени-отсечки на само нему својствен начин, низ карактери ставени во опасна ситуација ја извелкува фарсата или “ глумата на луѓето ”.
Е, ако пак зборуваш за “ актерската игра ” на актерите и колку таа помага во “ кроење “ на мојата претставата, тогаш ќе го кажам истото. Да, многу помага. Најдобро е кога режисерот и актерот се надополнуваат и се разбираат во кративното создавање. За мене е многу важно актерите да располагаат со повеќе жанрови во себе и да можат да се справат со повеќе театарски форми. Истовремено сакам актери кои се особено дисциплинарни кон своето тело и глас, актери кои сакаат да ја поместат својата граница, а со тоа да ги поместуваме заедно границите на нашиот театар и возможното, создавајќи магија.
Сценската прашина, како ја чистиш?
Со физичка активност. Кога бев мала, тоа беше креативно физичка активност- балетот, а денес чистењето го правам со редовно користење на базен. Креативното прочистување го правам така што осознавам нови светови, градови, култури …Често патувам и на тие патувања обврзно разменувам огромна креативна енергија во другарувањето со колеги од другите земји. Обврзно гледам претстави и концерти надвор од МК и со тоа се прочисувам, не само од театарската прашина, која ми останува на облеката и кога ќе ја напуштам сцената, туку се прочистувам и од сопствените визии кои биле многу интензивни во периодот во кој сум творела.
Идејата и сонот, колку време им треба да се реализират?
Зависи …има соништа за кои свесно ја одложуваш нивната реализација, има соништа кои веднаш сакаш да ги видиш, реализираш.
Некои мои соништа како мјузикот “Чикаго“, ја чекале својата реализација 9 години, некои чекале една, две години…а некогаш кога се работело за сон кој ја зесега само мојата лична сатисфакција, се случува тој сон да го релизирам и за неколку часа…тоа може да биде сликање на платно, фотографија…готвење или патување…
Семејството?
Семејството е главниот, базичниот извор на енергија за живот, креација, слобода…за она што си ти, јас. Семејството е моја поддршка, поткрепа, топлина и мој најголем проект…Благодарна сум што го имам и моето ново создадено семејство и моето старо, базично од кое тргнав да се осознавам јас.
Тешко ли е да се работи со Емил?
Не, со Емил е задоволство да се работи, започнувајки од неговата креативност, пожртвуваност за проектот, одговорност, па се до финалната реализација на неговата естетика водена за нашата претстава, филм…. креација. Јас и Емил сме се запознале преку работа, така што е сосема природно да работиме и создаваме заедно волшебни светови, колку што најдобро умееме и тоа сега за сега лесно ни оди.
Една си од ретките режисерки кои обрнуваат големо внимание на гламурозноста на костимите. Зошто?
Веројатно затоа што првата театарска магија која ме маѓепсала бил Балетот, а во Балетот, особено во класичниот, се обрнува големо внимание на костимот и сценографијата и воопшто таа магична атмосфера во која најчесто се случуваат балетите. Потоа, затоа што мојата мајка беше моден новинар често патував со неа на сите големи модни саеми во Белград, Загреб и Љубљана, а на Скопскиот саем на мода бев исто така редовен гостин. Па така, веројатно, одејќи на сите модни ревиии, балетски претстави , естетиката, костимот, гламурозноста и визуелниот изглед на претставата како: светло дизајнот, видео дизајнот, костимот и шминката, се мои алатки од кои не се откажувам колку и да е “тешко времето”, туку особено уживам кога работам на нив во моите претстави. Често моите претстави се надополнети со приватни спонзорства на големи модни куќи од Македонија или Компании кои имаат чувство за општетствена одговорност и тоа токму заради потребата на костимите на моите претстави. На многу претстави лично или преку “Арт медиа“ сум ги надолонувала буџетите на претставите како: “Чикаго“,
“Венецијански трговец“, “Лиситрата“ и многу други, кои без помош на моите пријтели од бизнис секторот и моите костимографи како Александар Ношпал и Роза Трајческа, немало да добијат таков изглед. Често заедно сме сме ги вложувале сите сили, пријатели, можности и наши буџети за да биде претставата таква каква што сме ја замислиле во доменот на костимографијата. Токму затоа, вие сте уживале во тие костими…
Мjузиклите се твој животен сон. Што е следно?
Животниот сон ми се транформираше во изминативе години или поточно речено ми се промени сосема, односно редоследот на моите соништата ги заменија своите места. Но, ако зборуваме за професионалните соништа, имам уште многу неостварени, една од нив е модна линија, моја на пример…или школа за жени 🙂
Не би можела да кажам точно, секоја инспирација може да биде сон, а инспирацијата доаѓа одненадеж, неочекувано…. а и сонуваме секојдневно…така што би рекла после оставувањето на мојот сон – да се отвори сериозно мјузиклот како жанр во земјата преку поставување на неколку претстави / мјузикли. Сега следно, можеби следствено, би сонувала за ….Мјузикл Театар…. да кажеме…
Од нережираните претстави, што е следна провокација- желба?
Следна провокација е Балет, по неколку години повторно пишувам либрето за нов балет, на музика од големиот Астор Пиацола, а за познатата италијанска кореографка Сабрина Боско, со која ќе соработуваме на сцената на Македонската Опера и Балет. Дизајнер на светло е Милчо Александров кој е задолжен се да изгледа така луксузно. Потоа, мојата провокација, образование во културата е тема која веќе подолго време ме интересира, па оваа година ќе се посветувам и на работа со најмалите деца од различна националност и попречености во развојот, со кои ќе го осознаваме театарот и ќе создаваме претстави. Се разбира, и понатаму ќе работам на созадавање на мјузикли, а “Фантомот на операта“ веќе неколку години се трудам да го реалзирам, авторските права се веќе добиени, така што се надевам ќе успееме да го реализираме тоа огромно дело на Вебер Лојд…а во следниот период ќе работам и на нови соработки со нови ансамбли, надвор од земјата и ансамбли од земјата со кои сме се заборавиле…
Можно ли е Поплавска да ја видиме на сцената како глуми, игра или пее?
Ако дојдете на проба, можете да ме видите како играм пејам или глумам…во текот на процесот на работата се случува одредено движење, правец да покажам или нешто ситно, повеќе како насока да одиграм, ми се случило да заменам актер ако треба, за да продолжи пробата…се разбира тоа е нешто што е вообичаено за некои режисери. Некои мои колеги актери ми кажале дека јас сум режисер – глумец. Но, бидејќи се вели…дека тоа на актерите најчесто не им се допаѓа, гледам актерскиот талент да го сокријам, пејачкиот го развивам со работа на мјузиклите, а балетскиот мислам дека највеќе го поседувам и во моментов.