Како паметник на една животна драма, оваа книга преку сеќавањата на авторот и многуте фотографии – како доказ, искрено до срж, до болка, без намера да се сокрие ниту едно делче од драмата наречена живот, раскажува за еден вулкан кој прерано згасна, за актерот и човек Васил, за синот на Ристо Шишков…
“Да се распостели еден живот, човечки, човечно, непосредно, со сите недостатоци, доблести, а притоа да не се задржи дозата на воајеризам, да се исклучи сеирџизмот, неискрените намери, па дури и цинизмот, особено ако се работи за еден турбулентен бит каков што е тој на Васил Шишков, не само што е невозможно, туку е и непожелно…”. Така смета, и така пишува Борче Грозданов, новинар, писател, добар познавач на театарот и театарскиот живот, во својата книга насловена “Шиле” посветена на актерот и пријателот, на неговиот “дебелко со име Васко”.
Како паметник на една животна драма, оваа книга преку сеќавањата на авторот и многуте фотографии – како доказ, искрено до срж, до болка, без намера да се сокрие ниту едно делче од драмата наречена живот, раскажува за еден вулкан кој прерано згасна.
Низ стоте страници на оваа книга, како низ клучалка се нуди скратен, недооден пат кон искреноста и вистината, кон најмрачната, но истовремено и ведрата страна на животот на овој препознатлив скопски лик, раскажана со многу топлина, љубов, но и горчина.
А авторот на овие редови и самиот сведок на случувањата вели “Ова е книга за животот, за драмата, за секојдневниот театар што му се случуваше, но и за некои и нечии ‘наплаќања’, за кои не беше виновен, а сепак, инволвиран, бидејќи тој беше далеку од тешките теми како што се политиката и бесмртноста на неговиот татко…, големиот бард на македонското глумиште Ристо Шишков.
Така, пред нас се редат вистини, сложени низ неколку поглавја “Тато, мама и тој, нивниот Васил#, кој патем беше вистински “неранимајко” кој татко му Ристо знаеше да го скара кога ќе избегаше од “Никола Карев# велејки му “Ти, Љољо, пак не си бил во школо”… Или му диктираше директно од МНТ како да испржи две јајца…Тука е целото семејство, дада, … вистината за мама. Тука се и претставите, филмот, популарноста, писмата за Шиле, досието за неговиот татко и… кодошите, незаборавните спомени од Александар Шехтански, вториот татко на Шиле, “по налог на прерано починатиот Ристо” и…
Исповед – лично и персонално од самиот Васил Шишков за патот во неповрат…. “Потрошив околу 350.000 германски марки за дрога. Но батали ги материјалните добра, јас ја губев душата… Тонеше и испливуваше, наоѓаше спас, ја одглуми и последната голема улога, го одглуми татка си на сцената на МНТ… Се бореше и љубеше, за на крај, сепак да ја загуби битката – во рацете на последната љуба, Весна со која планираше иднина…
И како што вели рецензензентот на книгата проф.д-р Христо Петрески, оваа книга сведочи и укажува, опоменува и растажува… (Д.Т.)