Иако своите корени ги влече уште од античко време, пантомимата како самостојна уметност се легитимира дури на почетокот на дваесетиот век, но не во театарот туку во експерименталното студио на големиот реформатор на модерната пантомима, Етиен Декру. Неговите напори се насочени кон тоа да создаде една чиста уметност на движењето. Меѓу неговите најпознати ученици е и Марсел Марсо кому му се препишува заслугата што оваа уметност ја прави достапна на целата театарска публика, а со своето сопствено искуство и претстави пантомимата ќе ја направи светски позната и призната. Овие факти секако нема да бидат заобиколени ниту во позиционирањето на една од поновите театарски манифестации кај нас, Меѓународниот фестивал на пантомима и физички театар познат под кратенката ПАНФИЗ чие прво издание се одржа во 2008 г. Уметнички директор и селектор на фестивалот од неговото основање па до денес во пресрет на одбележувањето на јубилејот Десет години на ПАНФИЗ е актерот, режисер и педагог, Трајче Ѓорѓиев. Според првичниот концепт манифестацијата е замислена како ревија на најновите случувања од областа на пантомимата од целиот свет. Впрочем тоа е и очигледно од програмите на сите досегашни изданија на фестивалот. Притоа, една од целите треба да биде и едукативната функција во процесот на образование на младите актери кај нас, паралелно, се разбира, со будењето на интересот на што поширок круг на гледачи односно консументи. И на двата плана, сега по изминати десет години, евидентни се резултатите што е факт кој секако радува. Посетеноста од година во година расте, а и мотивацијата кај младите да се определат за овој специфичен жанр на театарското творештво е исто така во подем. Уште на самиот старт идејата за фестивалот наидува на недобројни пречки од секаков вид, а пред се од финасиска природа. Така на пример, Првиот Панфиз во 2008 –та година ќе се одржи без никаква финансиска подршка од Министерството за култура, ниту од друга институција (градот Скопје, општината „Центар“…) Но, затоа тука се неколкумина поединци, (Трајче Ѓорѓиев, Снежана Коневска – Руси), спонзори, подржувачи и ентузијасти кои со сопствени сили ќе го започнат остварувањето на благордната замисла и цел. Потоа, за следните изданија работите се менуваат иако генерално земено се уште недостига една посериозна институционална подршка за фестивалот да застане на цврсти нозе, но и да се наметне што поударно заземајќи го заслуженото место на мапата на културните случувања и настани кај нас. Во секој случај радува фактот што во поширокиот регион на Балканот само кај нас и во Србија егзистира фестивал на пантомимата кој напоредно со етаблирањето на домашен терен ги трасира и правците на меѓународната соработка и членство во соодветните европски и светски мрежи, форуми и асоцијации. Неспорен е, исто така, и фактот дека сите љубопитници, гледачи и посетители, благодарение и на ПАНФИЗ веќе во старт кога одат да проследат некоја пантомиска претстава веќе претпоставуваат што ги очекува. Значи, тие се веќе на некој начин подготвени за овој театарски чин кој како и секој друг претпоставува осмислена целина со која нешто се кажува или покажува иако овој пат со телото како главно изразно средство. Најчесто, тоа се ситуации, настани и случувања од секојдневниот живот, а во истите можат да преовладуваат и многу други филозофски, социолошки, психолошки контексти и асоцијации. Вакви примери во изминативе години на ПАНФИЗ има многу. Телото, мимиката, гестовите и движењата во нивните различни форми како што се, на пример, инклинацијата, транслацијата и ротацијата, се основните носители на значењата. Во оваа смисла, на фестивалот континуирано е присутен и физичкиот театар како комплементарен со пантомимата, а во тој случај во изведбите се инкорпорирани многу други вештини и актерски умеења како што се акробатика, еквлибристика, жонглерство, магионичарство…Значи, гледачите априорно треба да се подготвени на отсуството на зборот – говорот и сето свое внимание да го насочат кон телесната експресија на актерот, изведувачот, пантомимичарот. Притоа, гледачот има активна позиција, да следи, да толкува, а не ретко и да дешифрира, што сакал да каже авторот? Некогаш, (судејќи според претставите изведени на ПАНФИЗ) тоа функционира беспрекорно, некогаш пак помалку успешно, што секако не треба да обесхрабрува. Што се однесува на дефиницијата дека пантомимата (па во тие рамки и физичкиот театар) е уметност на тишината и на празната сцена, се разбира, со одредени исклучоци, тогаш, тие треба да се сметаат за предуслови за создавање на цел еден свет. Од ништо! Инаку, токму од изведувачот, од неговото умеење, знаење и искуство зависи какови форми и значења ќе добие тишината. Тишината може да биде густа, ретка, провидна, заканувачка, злокобна, вознемирувачка, исчекувачка…Пантомимичарот е соочен со неа и зависи што ќе направи, како ќе ја осмисли во потрагата по најкраткиот пат до гледачот. Значи, навистина станува збор за специфичен жанр што го објаснува малиот број на поклоници како во светот, така и кај нас. Затоа и ангажманот на Трајче Ѓорѓиев со покренувањето на овој фестивал може да се смета за пионерска работа и тоа во две веќе споменати насоки: прво регрутирање на млади кадри кои ќе се занимаваат и посветат на овој театарски жанр, и второ, создавање на публика која ќе се свикнува и ќе го засака ваквиот тип на театар. И кога сме веќе во доменот на присутноста на пантомимата кај нас, секако дека треба да се одбележи фактот дека токму кај нас во еден период работеше Никола Аслимовски, врвен актер во жанрот за кој станува збор, од школата на најпознатиот светски пантомимичар, Марсел Марсо. Останува за паметење неговата инсценација на „Шинел“ од Гогољ на сцената на МНТ заедно со една група гимнастичари од Скопје. Појавата и развојот на ПАНФИЗ оди „рака под рака“ со се поголемата присутност на физичкиот театар во последниве децении за што заслуга секако има фестивалот Млад отворен театар, потоа Танцфест и разни гостувања на алтернативни и експериментални театарски трупи. Сведоци сме дека, годинава (2017) во Скопје се одржа и првиот фестивал на живи статуи и други форми на уличната уметност, а во кој секако неизбежно се присутни и елементите на пантомимата. (Инаку, покренувач и организатор на овој фестивал е актерот Војо Цветановски кој со своја претстава учествува на Седмото издание на ПАНФИЗ – 2014 г.) Да споменеме уште и тоа дека во последно време се повеќе се шири перформативната уметност или уметноста на акцијата со која се повеќе се бришат границите помеѓу уметноста и реалноста. Дали некоја уметничка форма ќе остане херметична и како таква достапна за потесен круг на привилегирана консумерска елита или ќе се прелее во популарна и демократска форма на творештво зависи и од изведувачите и од публиката. Во секој случај станува збор за процес и стремеж за нивна средба, проникнување, радост од тоа, па и за класичната катарза. ПАНФИЗ е спој на пантомимата и физичкиот театар. Самиот фестивал ја одразува деликатната рамнотежа помеѓу физиката (физичкиот театар) и поетиката (пантомимата). Во овој, контекст, на крајот од овој вовед би сакал да го цитирам унгарскиот филозоф и естетичар Бела Хамваш, кој, не без извесна еуфоричност, ќе констатира, дека „… Највисокиот облик на интелигенцијата е интелегенцијата на телото. Мудроста на одот, како ногата се снаоѓа на тлото, како е секогаш подготвена на нешто ново што сака да го испроба. Играта на тетивите, мноштвото мускули, коски, нерви, нешто што извира од најдлабокото разбирање на материјата и движењето…Ништо не е покарактеристично за интелигенцијата на телото од движењето со кое раката го допира сопственото тело…“
Текстот е на Тодор Кузманов, а е изваден од “ Монографијата 10 год. ПАHФИЗ “