проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
- ОСТАНУВААТ ЕМОЦИИТЕ И КРИТИЧКИОТ ЗАПИС…
Наместо фуснота, или: обраќање до имагинарните читатели
Сцена 1
Театарската критика, како и критиката воопшто е, пред сî, процес на “спојување” на поединецот (аналитичарот, оценувачот, коментаторот, валоризаторот, консуматорот) – со улогата на критичар, кој не е само пасивен гледач и набљудувач, туку е активен промислувач и на одреден начин соучесник.
Театарската критика е, всушност, редовна театарска хроника, со многу енергија и страст, иницирани од личната потреба да се арбитрира, но и поради професионалните обврски во медиумот за кој таа се создава.
Во секој случај: критичарот е еден вид изведувач, активистички свиркач (протестант) против општата цензура и самоцензура, сосоздавач и неиндиферентен “сопатник“ на претставата.
Критичарот постои во секој уметник, но и во секој уметник постои критичар. Театарскиот критичар сака да пишува и пишувајќи да размислува за театарот, му се допаѓа обредот (церемонијата) за одење во театар, го изненадува и провоцира непредвидливоста на процесот на пробите и сите промени во однос на премиерната и постпремиерната изведба, ја поддржува човечката заедница која се собира околу секоја претстава. Критичарот сака повеќе пати да гледа поодделни претстави, затоа што актерите заслужуваат да ги следи погледот кој ги воочува подобрувањата, разликите, растот на сценската сигурност и(ли) храброст.
Театарот опстојува и во најлошите времиња (се чини, постојано се такви времињата). Тој најчесто изобилува со огромна енергија и инспирација, а критичарите длабоко им се восхитуваат на актерите, танчерите и сите други исполнители на сцената, поточно на нивната подготвеност да бидат изложени и да го поднесат товарот на често суровата евалуација и интерпретација на (не)ефикасноста, а потоа и она најтешкото – секогаш одново и одново да продолжат со работата.
Актерите се модели (репродуктивци), но и креатори (учители). Културата не е само споменична придобивка, ниту мртви букви на хартијата опкружени со многу помпа и реклами, туку е жив и динамичен организам кој постои и функционира во сегашноста.
Критиката и кога е професионална и релативно добро платена, таа секогаш почива и подразбира одреден волонтерски ангажман на авторот, што е резултат на внатрешниот порив, нескриената заинтересираност и љубовта, но и на творечкото љубопитство. Работата на критичарот најчесто е недоволно материјално валоризирана, но и ризична, зашто е преполна со потенцијални конфликти и речиси неизбежни грешки при просудувањето.