ТРИ ПРЕМИЕРИ, ПЕТ РЕПЕРТОАРНИ ПРЕТСТАВИ
Во текот на 2017 година, Народен Театар Куманово на својата сцена се претстави со три премиери: „Хај Фај“ од Горан Стефановски во режија на Јани Бојаџи, „Интрига и љубов“ од Фридрих Шилер, во режија на Љупчо Георгиевски и „На погрешно место во погрешно време“, инспириран од текст на Франсис Вебер, а во режија на Мирослав Петковиќ.
Освен овие премиери, на репертоарот беа и претставите „Жена од Минатото“ од Роланд Шимелфениг, во режија на Нела Витошевиќ и „Бегај еве ја жена ти 2-Па не баш“, по текст на Реј Куни, во режија на Коле Ангеловски.
Кумановската екипа преку овие претстави се обрати до публиката, обидувајќи да подели заеднички моменти: слободно сонување и верна репродукција на соништата, висока верност, барем во себе, во „Хај Фај“; штитењето на слободата и животите на генерации и генерации млади луѓе од наездата на бескомпромисните борци за власт, во секое општество и во секое време, во „Интрига и љубов“; урнебесни, скоро невозможни, но комични ситуации со низа неочекувани пресврти во кои се препознаваат многу карактери и од нашето секојдневие во комедиите „На погрешно место, во погрешно време“ и „Бегај еве ја жена ти 2 – Па не баш“, можни одговори на прашањата „дали човекот е среќен со изминатиот живот или е спремен да остави сè зад себе и да скокне во нов“ и „како минатото влијае на сегашноста и дали може да ја уништи иднината“, во „Жена од минатото“.
Во периодот од 02.10.2017 до 21.10.2017 година, НУЦК „Трајко Прокопиев” Куманово го реализираше 20-тиот Меѓународен театарски фестивал „Денови на Комедија” – Куманово 2017. На фестивалот учествуваа вкупно 15 драмски остварувања од земјата и од странство (Р. Србија, Р. Бугарија, БИХ и Р. Косово), а Театар Куманово на Фестивалот ја изведе премиерно претставата „На погрешно место во погрешно време“.
Да споменеме и дека во состав на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово, работи и ансамбл на албански јазик со свој репертоар.