Во Струмица на новите театарски штици април 2019?!

 

Од Министерството за култура пак, доаѓаат информации дека во буџетот има пари за продолжување на изградбата. Оттаму велат дека продолжува изградбата на струмичкиот театар и дека моментно се работи во внатрешноста на објектот, поточно на делови од ентериерот

Во новиот театар во Струмица, чија изградба веќе подолг период е во застој, првите театарски претстави ќе можат да се очекуваат дури од април 2019 година?! Од информациите кои доаѓаат од градот под Царевите кули, застојот во градежните работи на новиот театар, кој се гради врз темелите на стариот објект кој во 80-тите години на минатиот век бил напуштен поради дотраеност а во два пожари и целосно уништен, се должи повеќе на банални и административни причини.

Според директорката на Завод и Музеј Струмица, Василка Георгиева, тие како институција, но и ресорното министерство не се причина за продолжување на роковите, туку тоа се изведувачот и надзорот.

Таа истакнува дека се вршат консултации помеѓу изведувачот и проектантот во Белград и надзорот во Скопје околу нејаснотиите во одредени позиции на изградбата, што пак е причина за надминување на роковите. Сепак, Георгиева посочува дека сето се случува да бидат заштитени интересите и објектот да биде изграден според сите прописи.

Во случајов според најновиот динамички план како што посочува Георгиева, изградбата треба да заврши до крајот на април 2019 година.

Од Министерството за култура пак, доаѓаат информации дека во буџетот има пари за продолжување на изградбата. Оттаму велат дека продолжува изградбата на струмичкиот театар и дека моментно се работи во внатрешноста на објектот, поточно на делови од ентериерот.
“Во изградбата на театарот има три договорни страни. Едната е Националната установа “Завод и музеј Струмица#, другата е изведувачот и третата е надзорот. Трите страни излегувале надвор од договорот и си правеле “привремени ситуации на привремени ситуации# и ја искомплицирале работата меѓу себе. Ние ги седнавме заедно, бидејќи факт е дека се доцни со изградбата. Најважно е што има обезбедено пари во буџетот и се надеваме дека изградбата ќе продолжи со утврдената динамика”, објаснуваат од Министерството за култура.

Камен темелникот на новиот театар во Струмица беше поставен во септември 2014 година од страна на претходната влада, по 20 годишната идеја за возобновување на театарот. Градежните работи тогаш заглавија на самиот почеток заради промената на основниот проект за изградба. Иако беше предвидено да се гради врз остатоците од стариот театар, по извршените испитувања, е одлучено да се гради врз нови темели, со задржување на истата квадратура и габарит на објектот како некогашниот.

Тогаш завршувањето на изградбата и пуштањето во употреба на објектот на театарот поради одредени тешкотии, (санација на два ѕида, заштита на археолошките наоди…) беше одложено за септември 2016 година, па за првата половина на 2017. Сепак, завесата на новиот театар сеуште не е подигната.

Ансамблот на Народниот театар “Антон Панов# во моментот функционира во Домот на културата во Струмица.

Фото: Југоинфо.мк